Необичниот просјак

За Ава Агатон сите зборуваа убаво. Дури и камењата го признаваа тоа. Ех, како не се појави повторно таков свет човек меѓу подвижниците!

„Така е, ти тврдам. Ава Агатон е нешто посебно“ – секогаш велеше стариот Аврамиј, трговецот од Александрија. А, Јаков, Елинот, восхитено го слушаше:

„Пред некој ден“, продолжи стариот Аврамиј, „кога бев да купам кошници од пустиниците, го начекав Старецот меѓу поклониците и монасите. Во почетокот бев збунет. Кој е овој што зборува?

‘Ава Агатон‘, ми рекоа. „Ама не ми личи на Авата. Не можно Ава Агатон да е толку обичен“. Па, сепак, беше тоа Старецот лично. Облеката му беше едноставна, лицето светло и јасно како кристално бистра вода по која сонцето безгрижно блеска. Зборовите слатки како мед, ширеа спокој наоколу. И дури зборуваше за љубовта, очите му сјаеја. Во гласот му беше скриен сиот копнеж на човек кој знае да сака. Нешто потаму седеше еден млад монах со убаво, ведро лице, кој многу скромно побара благослов да праша:

’Кажи ни, Старче‘, – рече младиот – ’на кој начин би можеле да ја покажеме оваа љубов кон нашиот брат?‘ Тогаш Ава Агатон заблеска од светлина која ги преплави и маѓепса сите. ‘Љубов, дете мое‘, одговори Старецот, ‘е да најдам некој лепрозен, да му го дадам моето тело, а јас да го земам неговото‘. Овие зборови на Старецот нè потресоа. Никој од нас не можеше да каже ништо“, рече стариот Аврамиј и замолкна.

„Никогаш не сум чул такво нешто“, рече Јаков. А стариот Аврамиј продолжи со солзи во очите.

„Со години одам кај подвижниците, но сé уште не сум сретнал таков човек, кој за браќата свои би го дал дури и сопствениот живот“.

„Слава Му на Бога што и денес има такви луѓе“, додаде Јаков.

„Слава Му илјада пати“, се согласи стариот Аврамиј.

„Сепак, разговорот нè занесе, а работата не чека. До видување“, рече Јаков и стана да си оди.

„Збогум. Среќен пат“, рече стариот Аврамиј.

Двајцата пријатели се разделија и секој си тргна по својот пат.

Денот минеше и некаде околу пладне од северниот дел на градот, кој гледа кон пустината, стасаа некои бедни пустиници да продаваат кошници на главниот пазар. Меѓу нив беше и Ава Агатон. Приоѓаше молчешкум, натоварен со кошници со прекрасна изработка, рачната работа на монасите. Ги продаваа по градовите и од малкуте пари што ги заработуваа можеа да се издржуваат. Старците влегоа во градот, а светот ги поздравуваше со „благословете“. Секој го зазеде своето место, а последен од сите Ава Агатон. Но, наеднаш, таму кај што застана, еден сиромашен старец, што не можеше дури ни да оди, липајќи му рече на Старецот:

„Не оставај ме, Аво. Пушти ме овде блиску до тебе, немам никого на светот. Еве, овде ќе седнам и нема ни најмалку да ти пречам“.

„Од сè срце“, рече Старецот и ги нареди кошниците до себе.

Наскоро кошниците на Ава Агатон, грижливо и со љубов исплетени, почнаа една по друга да се продаваат.

„Колку пари заработи“, дофрли просјакот некако чудно.

„Три парички“, рече едноставно Ава Агатон, ни малку не возбудувајќи се од ваквата контрола на необичниот просјак.

„Тоа е прилично многу“, повторно се јави просјакот и продолжи:

„Купи ми малку леб, со денови ништо не сум јадел“.

„И тоа те мачи? Веднаш ќе појдам“, рече Авата и отиде да ја исполни неговата желба.

Набрзо просјакот од рацете на Старецот јадеше топол леб. Времето минеше, а Ава Агатон продолжи да ги продава она малку кошнички што му преостанаа.

„Колку парички имаш Аво“, ненадејно праша просјакот.

„Мислам повторно три“, добродушно одговори Старецот.

„Ќе ми купиш ли малку овошје и некое колаче од оние на пазарот?“ рече просјакот.

„Од сè срце“, рече Старецот и по втор пат појде за да купи овошје и колачиња за необичниот просјак.

Нешто подоцна просјакот го дојадуваше последното парче од колачето, а Старецот се спремаше да се врати назад во својата колиба без ни трошка лутина што сите свои пари ги даде од љубов за братот. Тој, меѓутоа, сето тоа го правеше многу услужливо, иако долго време не ќе има ни парче леб.

„Сега ќе си одиш?“ го праша просјакот.

„Треба да се вратам назад во пустината“, му рече Авата.

„Тогаш, ова ќе го побарам од тебе. Однеси ме одовде до главниот пат, па оттаму оди во пустината.

„Од сè срце“, одговори Ава Агатон и се насмевна, земајќи го просјакот на својот грб.

Нозете не го држеа и бидејќи уште од утрото беше уморен, едвај се движеше. И откако со необичниот просјак на својот грб допешачи до главниот пат што води кон пустината, се спремаше тука да го остави. Но наеднаш некој небесен глас исполни сè наоколу:

„Благословен да си и на небото и на земјата!“ На местото од неугледниот просјак стоеше еден во бело облечен ангел, преплавен со светлост и божествена благодат. Тој беше дојден од кај Престолот Божји за да го искуша срцето на смирениот Агатон, зашто Бог го овенчува трпеливиот човек и на него изобилно го излева Својот благослов.