Плико

Еден свештеник од далечен и голем град бил особено вреден и пожртвуван. Многу се грижел за своите парохјани. Средувајќи го летописот на црквата се сетил на една своја стара парохјанка која неодамна се разболела. Таа живеела сама, немала никакви приходи, ниту некој да се грижи за неа. Решил да се обрати до Центарот за социјална работа, но претходно, како своевидна „прва помош“, додека не дојдат тие средства, решил да ѝ испрати нешто од сопствените пари, колку што имал и можел да си дозволи. Го тргнал настрана ракописот на кој во моментот работел и почнал да собира пари. Приложил сè што имал, дури и она што го имал оставено за вонредни околности. И така, зрно по зрно – погача. Парите ги ставил во едно плико, го напишал нејзиното име и пликото го оставил на масата. Имал намера утредента после службата да замоли некого од парохјаните да и ги однесе парите на старицата, а тој би можел да појде да ја посети следниот ден.

Кога го направил сето тоа, тој продолжил со започнатата работа. Тогаш некој тропнал на вратата. „Кој ли е сега во ова ноќно време?“, се запрашал свештеникот. Не сомневајќи се ништо, дошол до вратата и ја отворил. Во тој миг видел маскиран човек со пиштол во раката. Вперувајќи го во него пиштолот, тој грубо му се обратил:

„Парите или животот!“. Свештеникот немал каде, морал на крадецот да му ги предаде парите што ги имал. Го зел пликото што било наменето за старата госпоѓа и со тажно срце му го предал на крадецот.

Некое време крадецот превртувал по канцеларијата и бидејќи не нашол ништо вредно, си заминал не повредувајќи го свештеникот. Кога во своето засолниште крадецот го извадил од џеб пликото и на него го прочитал името на онаа за која било наменето, застанал како погоден од гром. Нешто го стегнало во грлото. Имал чувство дека ќе се задуши. Се свиткал на земја и почнал горко да плаче. На пликото било напишано името на неговата сопствена мајка. Парите биле наменети за неа!

Неговата заспана совест најпосле се разбудила. Си помислил: „Свештеникот се грижи за мојата мајка и ѝ праќа пари. А јас мајка ми не сум ја ни посетил, ниту прашал како е и дали има од што да живее. Дури ги украдов и парите што беа за неа. Како човек сум јас? Во што се претворив?“ Ги избришал солзите и повторно отишол кај свештеникот. Влегол, паднал на колена и побарал прошка. Свештеникот го исповедал и благословил. Крадецот потоа пошол кај својата мајка и го однел пликото и поздравот од свештеникот. Таа ноќ нешто се променило во него. Решил да престане со дотогашниот живот. Почнал да живее со мајка си. Никогаш веќе не крадел, туку нашол работа и се грижел за својата мајка.

Љубовта има толку сила што може да прави чуда и да ги препораѓа луѓето.