Потрага по среќата

Во една далечна земја си живеело едно момче по име Иван. Тоа било сираче, не ги знаело ни својата мајка, ни таткото. Живеело потполно само во една стара колиба и се хранело со она што добрите луѓе му го носеле.

-Ах, зошто ми се падна мене оваа жална судбина на сирак? – воздивна тажно Иван – Се гледа дека никогаш нема да ја најдам среќата. Па и каде би можел да ја барам?

Настапила зимата. Целата земја се покрила со лед. Еден ден, по патеката поминало момче од соседството, трчајќи некаде со искинатите чевли.

-Николче! – му викнал Иван – Кажи ми, знаеш ли што е тоа среќа?

-Е, да имав топли чизмички, тоа ќе беше за мене среќа. – одвратил Николче и продолжи да трча по патот.

Иван се замислил. Ами, ете, тоа е – и тој немал топли чизмички. Па така, посакал малку среќа! Отишол дури и на другиот крај од селото, кај баба Марика. А таму – што ќе види! Во колибката се сушеле топли и речиси чисто нови, само еднаш закрпени чизмички. Баба Марика лежела покрај печката, пиела чај и офкала незадоволно. Таа го погледнала Иван и го прашала:

-Што сакаш, дете мое?

-Баба Марика сакам нешто да ми кажеш. Имаш ли ти среќа?

-Хм, среќа ли? – профучила бабата. Среќата е кај оние кои имаат толку многу пари, та дури се чудат што да им прават. Кај оние каде што на трпезата има топли банички од бело брашно. Каква среќа бараш ти тука при мене?

-Значи, не е среќата во чизмичките – си помислил Иван и пошол во градот.

Врвел, врвел и најпосле наишол на голема куќа со ѕидови од бел камен, нов покрив од керамиди и огради украсени со богата резба. Дури и мирисало на топол леб. Отишол Иван во тој дом и го прашал господарот:

-Во оваа куќа сигурно има среќа, нели?

-Господарот на домот пак, не сакал ни да го погледне, во очите му горел само блесокот на златни монети.

-Што зјапаш, безделнику? Не ми ја спомнувај среќата! Денес поминаа тука разбојници и сè ми украдоа! А, ете – царот пак, сака данокот да му го платам. Ех, да бев јас цар, тоа за мене ќе беше среќа…

-Значи, среќата не е во топлите банички – си помислил Иван и се упатил кон дворецот, право кај царот!

Таму, на тронот седел царот, со обесен нос, а во очите – суета над суетите, какви ли не грижи имало во нив. Само што го чул зборот среќа, веднаш се изнервирал:

-Мавни ми се! Не ми ја труј душата! Ох, тешка е царската круна!

Го избркале Иван од дворецот и му ги треснале вратите! И така, тој не разбрал ништо за среќата.

А, можеби, си помислил тој, такво нешто и не постои!

Тогаш видел дека на скалите пред дворецот седи еден старец – нозете му биле боси а во торбичката немал ништо друго за јадење освен една тврда корка сув леб.

-Уште еден несреќник. – си помислил Иван. А старецот го погледнал и проговорил:

-Море каков несреќник! Јас сум среќен човек.

Иван се зачудил дека старецот му ги прочитал мислите.

-Дедо, јас и при самиот цар бев, нема среќа ниту во бедната колипка, ниту во царските палати. И како, така, баш ти да си среќен? Ниту дом имаш, ниту пари, со ништо не располагаш… ете, дури ни чизми немаш! Каде е таа твоја среќа?

-Во моите очи! Оној што ќе придобие такви очи, засекогаш ќе биде среќен.

А, очите на старецот биле чисти, јасни – како сини езера. Во нив немало ни суета, ни празни грижи, ниту пак проблеснувала алчност, ниту завист. Во очите му сјаела само радост која се разлевала по целото негово лице.

-А како и јас да придобијам такви очи?

-Изгони ги од себе сите лоши мисли, сите навреди, прости им на тие што ти згрешиле, измети од срцето секаква завист како со метла. Сите тие нешта ја кријат од нас светлината и не ни дозволуваат да ја видиме убавината и среќата.

Иван не поверува.

-Ами, ако беше така лесно, сите луѓе ќе беа среќни!

-Лесно ли? Ајде обиди се.

Се зафатил Иван да ги гони лошите мисли и навреди, а тие како плевели само му никнувале во срцето – де ваму, де таму. Не ни знаел дека за својот краток живот успеал да натрупа толку многу навреди. Ги гонел тој, ги вадел и метел; најпосле речиси останал без сили. Сепак не успеал да се ослободи од последната навреда: зошто родителите го напуштиле толку мал и го оставиле сирак?

Таа навреда не се давала така лесно, но Иван ги напрегнал и последните свои сили и успеал да ја прогони и неа далеку од срцето.

И кога ги отворил очите, тој воскликнал од среќа– пред него блескала таква убавина што не можела ниту со зборови да се опише! На Иван му станало толку радосно во душата. Како претходно не видел колку е убав Божјиот свет? Сѐ во него си го следи својот поредок. И среќата ги чека сите оние што ќе умеат да ги изгонат од себе си навредите и страстите.

-Е, кажи Иванче, ти се очистија ли очите? – го погледнал со насмевка старецот.

-Потполно!

-Гледаш ли? Сега, со чисти очи ќе можеш да го видиш Бога, а во Него е единствената наша среќа.