Тест од три сита

Сократ важел за голем мудрец. Еднаш, некој човек побарал да го види и му рекол:

„Знаеш ли какви работи слушнав за твојот пријател?“

„Момент“, го прекинал Сократ. „Пред да ми раскажеш би сакал да те подложам на еден мал, брз тест: Дали тоа што сакаш да ми го кажеш си го просеал низ три сита?“

„Три сита?“

„Да“, одговорил Сократ. „Пред да изјавиш нешто за некого, добро е да си земеш малку време и да го просееш она што сакаш да го кажеш. Тоа јас го нарекувам тест од три сита. Првото е ситото на вистината. Дали ја провери вистинитоста на она што сакаш да ми го раскажеш?“

„Па не баш. Не сум видел лично, само сум слушнал од други“.

„Добро! Не знаеш, значи, дали ова е вистина. Да се обидеме повторно: Да го просееме поинаку, сега ќе го земеме ситото на доброто. Тоа што сакаш да ми го кажеш за пријателот е нешто добро?

„Не, баш напротив! Слушнав дека твојот пријател многу лошо се однесувал“.

„Значи“, продолжил Сократ, „Сакаш да ми кажеш лоши работи за мојот пријател, а не си сигурен дека се вистинити. Тоа и не е баш толку охрабрувачко. Сепак, се уште можеш да го поминеш тестот. Ти остана уште ситото на полезноста. Дали е полезно да ми го раскажеш сето она што мојот пријател го направил?“

„Полезно? Па не баш, не верувам дека тоа би можело да ти користи“.

„Значи“, заклучил Сократ, „она што сакаш да ми го кажеш не е вистина, ни добро, ни полезно, па зошто воопшто би ми кажувал. Не сакам да знам ништо од тоа, а и тебе ќе ти биде подобро да го заборавиш“.