Егзистенцијални и биоетички ставови и перспективи – Ι дел

Човекот и созданието

 

 

Човекот е круна на созданието, а тоа се согледува низ две призми:

  1. Тој зазема главно место меѓу созданијата;
  2. Учествува органски и неразрушливо во него;

Главното место на човекот во созданието наоѓа израз во царската власт што тој ја има врз светот. А неговото органско учество, пак, во созданието се пројавува во зависноста од него. Вообичаено, ние на светот и на нештата од светот гледаме егоцентрично, но на тој начин се доведуваме до заблуда и го губиме правилниот однос кон светот и нештата во него. Светот не може да биде разјаснет ниту, пак, да биде сфатен егоцентрично. Тој постои како Божјо дело и функционира како пошироко тело на човекот. Божјата љубов, мудрост и промисла се откриваат во светот. Во него човекот ја наоѓа храната, но и преку светот се насочува кон Создателот. Светот нема сопствено самосознание, ниту ја познава смислата на своето постоење. Единствено човекот има сознание за себеси и за светот, и може да размислува за смислата на постоењето и животот. Така, човекот постанува совест на светот, но и свештеник, којшто го принесува светот кон неговиот Создател.

 

Сличности и разлики

 

Луѓето вообичаено формираат сфаќања за животот и смртта, кои од една страна меѓу себе се многу слични, а од друга многу различни. Мнозина ја ограничуваат смислата на животот со сетилниот свет, додека, пак други веруваат во постоењето на живот после смртта. Мнозина се борат за земен успех, додека други се трудат да се „подготвуваат за другиот живот“. Особено денес, со навлегувањето на механичкиот дух, како и со перманентниот пораст на научната специјализација и фрагментарност, едностраниот поглед за човекот и неговиот живот се во подем. Карактеристично е тоа дека тој поглед не е присутен само кај научниците и експертите, туку се простира и до пошироките социјални слоеви, каде што се стекнува површно знаење или постои недостаток на знаење, па се создаваат страшни бркотници. Па затоа сè поочигледна е неопходноста од правилното место на човекот во светот и од реално решавање на неговите животни проблеми.

 

Едностраноста

 

Како позиција за човекот, едностраноста непосредно е поврзана со неговата социјална и природна средина, како и со наследните фактори, а на крај се запечатува со личната му слобода. Апсорбирајќи го влијанието на средината врз човекот, некои научници го потценуваат значењето на наследниот фактор и слободата. Други, пак, под влијание на определувачката сила на гените, го пренебрегнуваат значењето на средината и на слободата. Оваа тенденција е сѐ поактуелна во нашата епоха, благодарение на бурното развивање на билогијата. А накрај, истакнувајќи ја исклучиво слободата на човекот, некои моралисти го негираат значењето на наследниот фактор и средината. Таквата едностраност, сепак, не помага за воспоставувањето на вистината за човекот и неговиот живот.

Ограничувања и слобода

 

Човекот е нераскинливо поврзан со својата природна и социјална средина, но таа не е единствениот фактор во формирањето на неговата личност. Човекот се одредува и преку своите гени кои најчесто му ги определуваат телесните и душевните можности. Соработката меѓу природната и социјалната средина се остварува токму во тие најшироки граници. Накрај, ниту средината, ниту гените можат да го детерминираат човекот целосно и да ги уништат можностите на неговата слобода. Човекот е слободен. Неговата слобода се пројавува во природни, биолошки и социјални рамки, кои имаат сопствени закони. Во тие рамки, слободата на човекот ја пројавува својата посебност и ги прави возможни своите лични избори, среде многуте алтернативи пред него, што го формира во личност со неповторлив и особено уникатен карактер.

 

Посебна проблематика

 

Денес средината, наследните фактори и човечката личност се во епицентарот на сеопштиот интерес. Еколошката криза која ја проширува и надополнува социјалната криза – е сè поостра. Злоупотребата, прекумерната употреба, загадувањето и уништувањето на средината веќе зафаќаат огромни размери, кои се опасни не само за здравјето, туку и за животот на луѓето. Но паралелно со сето тоа, сепак, изникнуваат и се предвидуваат уште повеќе реални можности кои отвораат нови и нови перспективи, но истовремено со тоа создаваат ужасни морални, социјални и други проблеми. Овде најкарактеристичен е проблемот со клонирањето на човекот, што денес е особено актуелно.

 

Можности и дилеми

 

Најгорливите проблеми веќе не се ограничуваат толку на начинот на употребата на нештата, колку на можностите кои човекот ги стекнува за да ги промени и нештата и самиот себе си, па и да создава досега непознати неприродни односи и состојби. Основното прашање што се јавува овде е: дали и колку му е дозволено на човекот да го прави тоа што го може? Дали ќе биде во состојба, со помош на науката и технологијата, да ги реализира своите можности? Дали треба да има некаква контрола и да следи некакви принципи во неговите стремежи и дејствија? И додека во ладнокрвните и официјални ставови, потребата од некој вид на контрола е речиси очигледна, во поширокото научно истражување и во секојдневната практика сè останува отворено.

(Продолжува…)