Пушењето – пандемија на смртта

Во ова време на едно сеопшто искушение за човештвото со епидемијата на covid-19, добро би било да се потсетиме дека истовремено постојат и други, доброволни пандемии на злото, многу пострашни и посмртоносни од оваа. Една од тие пандемии на смртта, којашто човекот свесно и самоволно ја предизвикува е – пушењето. Тоа што оваа страст е широко распространета и општествено прифатена, воопшто не ја прави помалку гревовна и фатална. 

Имено, според официјалните податоци на Светската здравствена организација, „епидемијата на тутунот (тобакото) е една од најголемите јавни здравствени закани со кои светот некогаш се соочил, убивајќи повеќе од 8 милиони луѓе годишно, насекаде ширум светот. Повеќе од 7 милиони смртни случаи се последица на директната употреба на тутун, додека околу 1,2 милиони се последица на не-пушачи коишто се изложени на пасивно пушење“.

Овие фрапантни, поразителни податоци ни покажуваат дека, според бројот на жртвите, е исто како на секои 8-9 години да ни се случува по една нова Втора светска војна!

Понатаму, во извештајот на СЗО се вели: „Околу 80 % од 1,1 милијарди пушачи во светот живеат во земји со ниски или средни доходи, каде товарот на болестите и на смртните случаи поврзани со пушењето е најтежок. Пушењето придонесува за зголемување на сиромаштијата со тоа што ги пренасочува домашните трошоци од основите потреби, како храна и засолниште, кон цигарите. Ова потрошувачко однесување е тешко да се намали, затоа што пушењето е многу зависно. Економските трошоци од употребата на тутунот се суштествени и вклучуваат значителни трошоци за здравствена заштита за лекување на болести предизвикани од употребата на тутун, каква што е и загубата на човечки капитал што е резултат на смртноста поради пушењето. Во некои земји, деца од сиромашни домаќинства работат на производство на тутун, за да го зголемат семејниот приход. Овие деца се особено ранливи од „зелена тутунска болест“, што е предизвикана од никотинот кој се апсорбира низ кожата од држењето на влажни тутунови лисја во рацете“.

„Во чадот од тутунот има повеќе од 7 000 хемикалии, од кои за најмалку 250 се знае дека се штетни, а барем за 69 се знае дека предизвикуваат рак“.

„Секоја година 65 000 деца умираат од болести предизвикани од пасивното пушење“.

Не помалку штетни се и алтернативните видови на пушење, како на пример, електронските цигари, коишто содржат аеросоли и токсични хемикалии.

Ова го вели најреферентната здравствена институција во светот. Сега да погледнеме накратко што вели и Црквата за пушењето.


Со темата за пушењето се занимавале повеќе свети Отци на Црквата, како, на пример, Свети Нектариј Егински и Свети Силуан Атонски. Од нив се учиме дека човекот треба да владее над своите страсти, а не тие со него.

Преподобен Никодим Светогорец

Светиот Никодим Светогорец се осврнува на пушењето во две свои дела: „Духовни вежби“ и „Прирачник со совети“ и во нив го нарекува „темјан на ѓаволот“. И во двете негови дела нагласува колку сериозен грев е пушењето, коешто го смета за виновно не само за душевното и телесно здравје на човекот, туку и за несовесното исполнување на христијанските должности.

Нагласува, меѓу другото, дека никој од црковниот клир без исклучок, не треба да пуши, бидејќи пушењето го нарушува моралниот карактер и угледот, во спротивност е со возвишениот призив на свештенството и го нарушува здравјето на телото.

Светиот Нектариј Пентаполски (Егински) го нарекува пушењето „блудство на телото“. Великиот Авва Питирим во Старечникот наведува дека за некој да ги изгони демоните, треба најнапред да завладее над своите страсти и потоа демоните ќе избегаат. Како што Господ вели за бесовите, дека може да се истераат само со пост и молитва, на истиот начин се победуваа и оваа страст, со топла и срдечна молитва, при што со заштедените пари може да се прави милосрдие. Така се изгонува ова зло што поробува мажи, жени и деца.

Преподобен Силуан Атонски

Старец Софрониј Сахаров во неговото дело за Свети Силуан Атонски раскажува како Преподобниот го сметал пушењето за пречка во молитвата и во духовниот живот воопшто. Неговиот став бил длабоко теолошки и доаѓал од искуствената и молитвена теологија, којашто е центар на учењето на Отците на православната Црква. Умот и срцето на човекот треба секогаш да бидат слободни за молитвата. Кое-годе дејство на човекот што не може да се одвива заедно со молитвата, не треба да се прави. Сè што ѝ пречи на чистата молитва, добро е да се избегнува. Гревовната наслада не се победува само со лишувања и сурови борби, туку со напредување во заедницата на човекот со Бога, со влегување во просторот каде таа заедница се остварува – во молитвата. Во суштина, пораката на Свети Силуан е дека љубовта и желбата на душата за Бога се најефективниот противотров за штетните и гревовни зависности…

Можеби некои ќе противречат на ова, тврдејќи дека за човечкиот организам подеднакво опасна и штетна е нездравата и обилна храна. Да, тоа е точно. Чревоугодието и јадењето претерано штетна храна се, исто така, гревовни страсти, но тоа во никој случај не го оправдува гревот на пушењето, кој освен тоа што штети на оној кој го практикува, штети и на луѓето околу, како и на целата природа. Не треба да бидеме хипокритични, осудувајќи некој грев, а допуштајќи друг…

Сè ми е дозволено, но не е сè полезно; сè ми е дозволено, но ништо не сакам да завладее над мене, вели Светиот Апостол Павле. Непобитно, пушењето е силна зависност. Во продолжение, тој вели: Не знаете ли дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не припаѓате само на себе? Зашто скапо сте платени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји (1. Кор. 6,12-13; 19-20). Преку пушењето не само што не се прославува Бога, туку напротив, свесно се уништува храмот на Неговиот Дух – телото човечко, и со тоа, оваа злочестива зависност се вбројува во гревот на самоубиството и го навлекува гневот Божји.

Во продолжение, ви предлагаме еден документарен филм за последиците од пушењето. За превод на македонски, притиснете СС.


Документарен филм за последиците од пушењето (едукативно, вклучете македонски превод)