„Наш прв чекор беше востановување редовен литургиски живот и враќање на благолепието на храмот, кој во последните неколку декади беше сведен на ’музеј за иконостас’ “, вели архимандрит Партениј, игумен на манастирот
Годинава Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ ќе одбележи 20 години од возобновувањето на монаштвото во манастирот. Ова беше повод да разговараме со игуменот, архимандритот Партениј, кој во 1995 година дојде во Бигорски и ја започна мисијата за обнова на монашкото братство замрено во далечната 1948 година.
Утрински Весник:Господине Партениј, какви беа почетоците на возобновувањето на монашкото братство. Во каква состојба ги затекнавте манастирските конаци, црквата, иконите, инвентарот?
Архимандрит Партениј: Кога дојдов во 1995 година манастирот го затекнав во прилично запуштена состојба. Од духовна гледна точка, посетата на манастирот од страна на верниците беше сведена на минимум, а нашите први бденија покажаа дека литургискиот живот кај нашиот народ е речиси замрен, па моравме да се зафатиме со мисијата за евангелско просветување и враќање на народот при Бога. Наш прв чекор беше востановување редовен литургиски живот во манастирот и враќање на благолепието на храмот, кој во последните неколку декади беше сведен на „музеј за иконостас“. Потоа почнавме полека да ја воведуваме практиката на светата тајна исповед, постот, редовна причест, духовни поуки во гостинските одаи. Народот не остана рамнодушен на овој наш труд и, еве сега, 20 години подоцна ги гледаме плодовите од нашата духовна мисија во големиот број верници, поклоници, посетители кои во манастирот видоа вистинско духовно прибежиште.
И на материјален план мораше да се почне од почеток. Речиси да немаше просторија на која не ѝ требаше реновирање. Всушност, на манастирот му недостасуваше целокупна инфраструктура, па мораше да се започне со создавање основни услови, како што се спроведување електрична енергија, водоинсталација, топлификација, санитарија… Цели 15 години, до пожарот во 2009 Горни Палат постојано се санираше, за после пожарот одново да почнеме сѐ од почеток. Во меѓувреме, со големата поддршка од верниците и од Владата се направија и уште неколку амбициозни градежни зафати, па сега, покрај возобновениот Горни Палат, манастирот го красат автентично реконструираниот Долни Палат, новоизградениот Источен Палат, храмот на Св. Серафим Саровски во истоимениот скит кај манастирскиот овоштарник. Во овие градежни потфати би го додале и новоизградениот храм во село Ростуше, а не смее да се заборави и целосната обнова на духовен и материјален план на метохот во село Рајчица, посветен на Св. Георгиј Победоносец, каде што денес се подвизува монашкото сестринство.
Утрински Весник:Ги обновивте обичаите и традициите во долнореканските и мијачките села. Како се одбележуваат верските празници и каква е посетеноста?
Архимандрит Партениј: Заедно со возобновата на литургискиот живот, целосно се вложивме и во заживување на православното богослужбено предание за големите празници како што е, на пример, најголемиот празник Воскресението Христово. Сведоци сме како овој празник над празниците со начинот на кој се празнува во Бигорски привлекол многу луѓе што традиционално доаѓале само да запалат свеќа и да си заминат после полноќ, пленети од празничната атмосфера останувале во манастирот до крајот на службата, до самото утро, а после тоа станувале редовни посетители на манастирот. Особено последните години Велигден е уште повеќе облагодатен со присуството на Светиот Ерусалимски оган. Исто така, повторно заживеа една стара духовна традиција поврзана со кумството и фрлањето на крстот во Радика за празникот Богојавление – Водици. Манастирските слави секоја година се сѐ повеќе посетени, при што посебно доживување е чинот на монашкиот потстриг, што вообичаено се случува на празникот на Отсекување на главата на Св. Јован Крстител. Со посебна љубов се празнуваат Богородичните празници.
Утрински Весник: Мавровските угостители се многу задоволни од возобновувањето на монаштвото во Бигорскиот манастир, бидејќи тоа овозможи зголемено присуство на туристи во регионот. Како што велат сами, 80 отсто од прометот го остваруваат токму од нив. Колкав е бројот на посетители и од каде сѐ доаѓаат?
Архимандрит Партениј: Бигорски отсекогаш бил привлечно место за туристите кои овде силно го чувствуваат сплетот на природната и духовната убавина. Но, од моментот на возобновата на монашкиот живот, тие не можат а да не ја забележат благодатта која силно зрачи од светилиштето, па затоа сега сѐ повеќе се оние што доаѓаат да се поклонат на светињата, а не само да се восхитуваат на убавата глетка. Имаме верници и туристи од цел свет. Најмногу се православните, но сѐ почесто се случува во манастирот да дојдат поклоници дури и од Пакистан, Израел, Русија, Америка, Кина…
Утрински Весник: Кои се плановите на монашкото братство за наредниот период?
Архимандрит Партениј: Со оглед на тоа дека верници и поклоници има сѐ повеќе, манастирот станува претесен за сите, па ни претстои нова задача: да се погрижиме уште еднаш во духот на христијанското братољубие да изградиме нов конак за да им овозможиме услови за престој на сите што сакаат да дојдат. Освен тоа, со радост ја очекуваме изградбата на манастирскиот скит во село Битуше, посветен на Св. Кирил и Методиј. Во меѓувреме нѐ очекува уште еден радосен настан и значаен јубилеј – 1.000-годишнина од основањето на нашето десетвековно светилиште, кој ќе биде одбележан во 2020 година.
Новинар: Киро Кипроски