Бигорски засекогаш ќе остане споменик на македонската култура и самобитност
Интервјуирал: Елизабета АРСОСКА
Улогата на отец Партениј како духовен раководител и старец во духовното будење на народот, особено на младината, е незаменлива. Тој е еден од највлијателните црковни достоинственици во МПЦ-ОА, кој успеа од манастирот повторно да направи светилиште што привлекува верници од сите краишта на нашата земја. Беше и се уште е највлијателниот кандидат за владика. Денеска неговото послушание е пожртвувано да им служи на братството, на сестринството во Рајчица, да го заживува духовниот живот во многуте скитови и метоси на Бигорскиот манастир. Во интервјуто за Вечер со отец Партениј разговараме за актуелностите поврзани со обновата на манастирот, за состојбите во монаштвото, за одлуката на Синодот да одобри панихида на албански јазик во горнореканскиот крај, за признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА…
„За жал, големите православни македонски села денес се празни, освен во летниот период, но манастирот во своето опкружување ги има своите браќа по крв, Македонците со исламска вероисповед, кои за жал и денес се изложени на слична асимилација, на која бевме подложени и ние во 19 век“.
Вечер: По речиси пет години од пожарот што го пеплоса конакот Горни палат нема ништо што потсетува на кобниот 30 септември. Манастирот е обновен во автентичен стил, а монашкото братство ја продолжува својата мисија. Отец Партениј, како успеавте и кој е вашиот следен предизвик?
Архимандрит Партениј: Овој немил настан беше најголемото искушение кое ова наше духовно светилиште го доживеало во својата понова историја. И навистина беше тешко во тие моменти – сите страдавме многу – но милостивиот Бог ни праќаше и голема утеха. Со пожарот неповратно беа уништени единствено фреските во трпезаријата, додека сето останато денес навистина можеме да го видиме возобновено во својот автентичен стил. Исто така, во библиотеката која изгоре, слава на Бога, имаше само неколку древни книги, а целата стара манастирска архива и документацијата, уште по Втората светска војна биле пренесени во Архивот на Македонија.
Денес, изгорениот конак, благодарение на богатата документација што постоеше, повторно го има својот препознатлив лик. А сето ова е плод на големиот ентузијазам и заложбата на братството, како и на поддршката од Владата, од значителен број верници, како и некои компании. Денес, пак, сме исправени и пред еден нов предизвик. Со оглед на зголеменото братство и се поинтензивната посета на манастирот од страна на верници, се наметнува потребата од нов гостински конак, кој ќе биде од голема полза, како за самото братство, така и за верниците, за целата Црква и воопшто за верскиот туризам кај нас. Планот е истиот да се изгради на сегашниот манастирски паркинг, за што веќе имаме изготвено проект.
Вечер: Градите и метох на Бигорскиот манастир во Битуше. До каде се градежните активности и кога би требало да се освети?
Архимандрит Партениј: Станува збор за поранешната караула над село Битуше, која во последната декада беше напуштена и, за жал, доведена во наполно руинирана состојба. Бидејќи веќе неколку години во нашиот манастир постои една прекрасна традиција која се состои во организирање летни школи за веронаука за најмладите, се јави потребата од дополнителен црковен објект, во кој непречено ќе се извршува оваа нова мисија, која претставува дополнителен ангажман за нашето братство во и така интензивното мисионерско секојдневие. Затоа, Владата излезе во пресрет со доделување на споменатата караула на привремено користење. По Божја волја веќе најдовме и спонзор кој активно се вклучи во комплетната ревитализација на постоечкиот објект. Покрај ова, со проектот се предвидува изградба и на сосема нов објект – храм посветен на св. Кирил и Методиј. Активностите се во напредна фаза, но, ќе нагласам, динамиката на работата е оставена во потполност во рацете на спонзорот.
Вечер: Се зборува дека таму ќе го преместите центарот за лекување од зависности кои успешно функционира во рамките на Бигорскиот манастир?
Архимандрит Партениј: Ова се само обични гласини на неинформирани луѓе. Центарот најдобро функционира таму каде што е, во рамките на манастирот, во непосреден контакт со братството. Значи, метохот посветен на св. Кирил и Методиј ќе биде наменет исклучиво за младите кои ќе сакаат во еден таков прекрасен амбиент поблиску да се запознаат со православието. Овој центар за веронаука ќе се користи претежно преку летото, но и во текот на целата година таму ќе престојуваат монаси, а ќе има и постојани домаќини.
Вечер: Како основоположник на монашкиот живот во МПЦ-ОА, што мислите, колку постои вистинско разбирање за неговото значење и што би требало да се направи за да се избегнат аферите кои повремено го следат?
Архимандрит Партениј: На наша голема радост, во годината што настапува ќе прославиме 20 години возобновен монашки живот во Бигорскиот манастир. Од севкупната историја и искуството на Црквата, произлегува непоговорната констатација дека монаштвото е движечката сила на православието. Тоа во многу моменти истапила со својата верност и доследност во почитувањето на изворните постулати и традицијата на нашата вера. Така, и во нашиот контекст, монаштвото беше возобновител на автентичниот и литургискиот живот во Република Македонија во последните две декади. Тоа, всушност, направи многу за духовниот живот на нашиот верен народ во секој поглед. Што се однесува до искушенијата, односно т.н. афери кои ги споменувате, слободно ќе кажеме дека секогаш ги имало, бидејќи и монасите се прво луѓе, но и верници кои вистински секојдневно се подвизуваат. А подвигот има и подеми и падови. Секогаш имало и ќе има такви кои нема да можат да го одржат ветувањето што му го дале на Бога и да опстојат во подвигот на кој се заветиле.
Од друга страна, пак и монаштвото претрпе разни искушенија. На грбот на монаштвото се искршија многу копја, особено со создавањето на паралелната црковна јерархија, односно на т.н. ПОА. Но, вистинските христијани го знаат тешкиот подвиг на монашкиот живот и не брзаат со осудување на таквите појави, туку се молат за оние што се во искушенија, што и би требало, всушност, да биде одлика на секој христијанин. Сепак, и покрај сите искушенија, монаштвото било, е и останува да биде еден од најцврстите столбови на Црквата, кој најсилно сведочи за распнатиот и воскреснат Христос.
Вечер: По многу години монаштво, лани двајца монаси одлучија да ја фрлат мантијата. Значи ли тоа дека монаштвото во Македонија е во криза?
Архимандрит Партениј: Нашиот впечаток е дека овие случаи беа премногу апсолвирани во јавноста. Можеби затоа што во поновата духовна историја на нашиот народ не сме се соочиле со вакво искуство. Но, никогаш и ништо не би требало да не поколеба во верата, во љубовта и предаденоста на Бога, да не одврати од патот по кој слободоволно и непринудно сме се одлучиле да тргнеме. Како и во се друго во животот, и тука е важно делото да го поставиме на здрави основи, на здрав корен, за истото да биде плодоносно и за монахот и за народот, на кого монахот го посветува своето секојдневие.
Вечер: Како ја оценувате одлуката на Синодот за воведување богослужби во македонските верски храмови на албански јазик, што предизвика реакции од жителите од Мавровско Горнореканскиот крај.
Архимандрит Партениј: Најпрво, морам малку да го поправам вашето прашање. Значи, тука не станува збор за некаква одлука на Синодот, со која се воведува постојано богослужење на албански јазик, туку само единечна богослужба, панихида за една личност. Христијанството како вера е универзално, космополитско. Христос, по Своето Воскресение, испраќајќи ги апостолите на проповед во светот, им порача: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух“. Па така и нашата Црква, необременета од национализам, ќе излезе во пресрет на барањето на која било заедница што живее на овие простори и ќе дозволи свештенодејствие на нивниот јазик. Тоа беше докажано на дело со споменатата еднократна одлука на Синодот.
Но, во конкретниот случај, барањето да се направи панихида на албански јазик беше неискрено и со политичка позадина. Барателите, водени од свои лични интереси и придобивки, станаа инструмент на нечија националистичка и хегемонистичка политика. Ќе го спомнам очевидниот аргумент дека луѓето од Горна Река низ долговековната историја многупати покажале и докажале дека се нераскинлив дел од македонскиот народ.
Што се однесува до албанскиот јазик, ние не го сметаме за непријателски, тоа е јазикот на нашите ближни, нашите соседи, тоа е дар Божји. Ете, и некои наши монаси веќе го научија и го зборуваат албанскиот јазик.
Вечер: Имате ли сознанија дека во овој крај живеат Албанци со православна вероисповед?
Архимандрит Партениј: Досега пред мене, никој од овој крај не се изјаснил како таков. И на последниот попис на населението речиси немаше изјаснето некој како православен Албанец.
Вечер: Вие сте духовен отец на голем број верници. Имате ли точна бројка на сите нив. Како успевате на сите да им посветите внимание, да ги исповедате?
Архимандрит Партениј: Односот духовен отец – духовно чедо не се брои во квантитет, туку во квалитет. Има денови кога навистина се чувствувам преизморен и презаситен од многуте контакти со луѓе и многуте исповеди. Но, свесен сум дека никако не смеам да се жалам и да тагувам, туку да бидам бескрајно благодарен на Бога што ги исполни моите молитви и желби – Бигорскиот манастир повторно да стане светилиште кое ќе привлекува верници од сите краишта на нашата земја, да стане причина за поправањето и спасението на многумина, да стане тивко пристаниште на обременетите од овој свет, да стане утеха и надеж…
Тој до пред само 20 години, пред нашето доаѓање, беше потполно замрен во духовна смисла и беше претежно посетуван од луѓе водени од исклучиво туристички побуди и од еден незначителен број верници, кои доаѓаа само на манастирската слава. Благодарение на духовната мисија на нашето братство, денес бројот на верници, поврзани со Бигорски, е огромен и нашите молитви и желби кон Бога се овој број уште повеќе да расте. Во моето срце, како духовник, има место за сите оние кои ќе го побараат Бога, па колку и да се на број. Нашата сила е во Бога и само Он ја обновува, како што рекол цар Давид во Псалмите: „Како на орел ќе се обновува твојата младост“.
Вечер: Бевте и се уште сте највлијателен кандидат за владика, но кога ви беше понудена титулата, не ја прифативте. Каков е вашиот денешен став?
Архимандрит Партениј: Да, еднаш бев предложен за митрополит на Повардарската епархија од страна на мојот надлежен архиереј, Неговото Високопреосвештенство, митрополитот г. Тимотеј, кој покажа потполна доверба во мене. Но, јас тогаш ја одбив таа понуда поради мојата огромна љубов кон Бигорската обител, кон возобновениот духовен живот овде и овој преубав и намачен крај. Потоа имаше моменти кога можеше да се направи нова епархија што во себе би ги вклучила Бигорски и Рајчица, но тоа не беше волја на Синодот, веројатно не беше ни Божја волја. Сега сето тоа е одмината работа. Мојата задача е верно да и служам на Црквата во послушание, онака како што сум се заветил во монаштвото. Денес моето послушание е пожртвувано да им служам на братството, на сестринството во Рајчица, да го заживувам духовниот живот во многуте скитови и метоси на Бигорскиот манастир и да го сведочам Христа Господа пред народот.
Вечер: Што мислите за спорот со признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на СПЦ? Има ли изгледи дека спорот во скоро време ќе се смени?
Архимандрит Партениј: Една стара латинска поговорка гласи: „Пред фактите и боговите молчат“. Па така, за сите оние кои не негираат, очигледен е фактот дека МПЦ – ОА навистина постои, дека таа фактички е добро организирана црква со сите потребни институции, со развиен духовен живот итн. Овие факти неминовно им одат во прилог и на сите оние коишто навистина и посакуваат добро на Православната црква. Сметам дека ова прашање, на наша голема радост, би требало да биде решено во најскоро време, секако, со прифаќање на статусот кој веќе го имаме, односно без никакви отстапки во поглед на нашиот стремеж за своја автокефална црква.
Вечер: Сметате ли дека Синодот со право расправаше за ослободување на Вранишковски од затворската казна, дека јаболкото на раздорот е токму тој?
Архимандрит Партениј: Лично мислам дека поранешниот Повардарски митрополит Јован (Вранишковски) не е единствениот проблем во целата оваа ситуација. Секој проблем има своја генеза, има почеток и причини, како што има и крај. Всушност, вистинскиот проблем се состои во тоа што едни го проблематизираат името на нашата Црква, а други статусот. Кратко кажано, проблемот со признавањето на нашата Црква е крајно исполитизиран. Ние сме единствениот народ во православниот свет кој во историјата имал своја автокефална Црква со седиште во Охрид, призната од целата православна Екумена, а денес, сепак, се соочува со вакви проблеми. Добро е познато дека во византискиот период имало четири патријаршии: Цариградската, Александриската, Антиохиската и Ерусалимската, и две архиепископии: Охридската и Кипарската. Ќе додадеме само дека многу денешни православни цркви во тоа време воопшто не постоеле.
Вечер: Што треба да се направи? Да чекаме благослов од вселенскиот патријарх Вартоломеј или да ја насочиме дипломатската активност кон Руската православна црква?
Архимандрит Партениј: Во овој контекст би рекол дека од голема полза се сите досегашни контакти на нашата Црква на сите нивоа: и со вселенскиот патријарх, и со рускиот патријарх, и со сите останати православни цркви. Сметам дека овие контакти во голема мера придонеле одредени луѓе да почнат да размислуваат за разрешување на нашето црковно прашање во позитивна смисла. Секако, Руската црква денес е една од највлијателните цркви, а и најблиска до нас поради неколку историски аспекти: славјанството, нашите заеднички првоучители и просветители св. Кирил и Методиј, блиските историски врски и др.
Вечер: Како светогорски искушеник, имате контакти со црковни високодостоинственици од црквите кои не не признаваат. Каков е нивниот став?
Архимандрит Партениј: Мојата перманентна соработка со Света Гора во овие 25 години придонесе да стекнам многу пријатели, како игумени, така и архиереи од Грчката православна црква, кои ни ја даваат својата поддршка во духот на христијанското братољубие. Со тоа духовно не поткрепуваат да истраеме на патот кон единството на нашата Црква со православната Екумена. Секако, нивните желби, молитви и заложби се што поскоро да се најдеме во евхаристиско единство со сиот православен свет.
Вечер: И на крајот која е вашата празнична порака до верниците?
Архимандрит Партениј: Живееме во време на еден сеопшт општествен експеримент – кога денешниот свет сака да се обедини под мотото и вредностите на модерниот либерализам, исклучувајќи ја верата во Бога. А човештвото, особено ние православните, од претходните такви експерименти веќе го има почувствувано искуството како завршува секој обид да се прави општество без Бога. Ние се стремиме кон Европа и како православни христијани се чувствуваме граѓани на Европа. Но, треба многу да внимаваме да им останеме верни на универзалните и христијански морални вредности, кои се темелат на апсолутното вистинско Божјо откровение и кои со векови ги дефинирале христијанските народи како заедница на духовно здрави личности. Црквата во една Божикна химна не повикува: „Христос се раѓа, славете го, Христос од небесата, пресретнете го“.
Бигорски засекогаш ќе остане споменик на македонската култура и самобитност
Вечер: Како ги коментирате некои барања Бигорскиот манастир да стане центар на албанското православие?
Архимандрит Партениј: Бигорскиот манастир, од духовен аспект, како едно големо православно светилиште, им припаѓа на сите, особено на секој православен верник кој во него се чувствува како свој на своето, како дома. И денес ние не ги делиме луѓето. Во Бигорски доаѓаат и православни Срби, и Грци, Албанци, Руси, Романци, и Бугари итн. Но, од друга страна, добро е позната славната историја на овој манастир, која доволно и неоспорно сведочи и за неговиот национален идентитет. Имено, манастирот бил основан во 1020 година од страна на славниот архиепископ Јован Дебарски, кој е познат како прв славјански епископ под византиска власт. Подоцна, во периодот на неговото возобновување во почетокот на 18 и 19 век, по слабеењето на отоманската држава, период кој во научниот свет е наречен преродбенски период, Бигорскиот манастир се акцентира како исклучиво славјански. Во овој период како градители-ктитори се јавуваат претставници на македонското племе Мијаци, а меѓу нив особено се истакнале Галичаните и Лазарополците.
За славјанскиот карактер на манастирот сведочат и мемоарите на еден од нашите најголеми културни дејци – Григор Прличев. Тој во „Автобиографијата“ спомнува за посетата на манастирите и храмовите, кои во тој период биле под двојно ропство, отоманско однадвор, а фанариотско внатре, изразено преку употребата на грчкиот јазик во богослужението. Интересно е што истиот спомнува дека никаде не можел да го слушне народниот македонски јазик, освен во Бигорскиот манастир, каде што монасите верно го негувале народниот славјански јазик. Едноставно, Бигорски засекогаш ќе остане споменик на нашата македонска и словенска култура и самобитност.
За жал, големите православни македонски села денес се празни, освен во летниот период, но манастирот во своето опкружување ги има своите браќа по крв, Македонците со исламска вероисповед, кои за жал и денес се изложени на слична асимилација, на која бевме подложени и ние во 19 век. Другиот, пак, манастир – „Свети Георгиј Победоносец“ – Рајчица, се наоѓа непосредно пред градот Дебар, каде што во поголемо мнозинство живее албанско население, со кое сме изградиле прекрасно сожителство во духот на меѓусебното разбирање и соработка. И можам слободно да кажам дека гореспоменатите хегемонистички и националистички барања, што веројатно се конструкција на некои монструозни умови кои живеат во минатото, не ги поткопуваат ни најмалку нашите добри меѓуетнички и меѓуверски односи, изградени на долгогодишна соработка и меѓусебна доверба.
Информации за медиумот: Дневен весник „Вечер“ (Вечер) — е втор најстар весник во Македонија после весникот Нова Македонија. Првиот број излегол во 1963 г