19 ДEКEМВРИ
1. Св. мч. Бонифациј. Мачеништвото за Христа од грешникот прави светител. Тоа го покажува примерот на св. Бонифациј. Тој прво бил слуга кај некојабогата и расипана жена Аглаида во Рим и со неа имал нечисти и незаконски врски. И двајцата биле незнабожци. Еднаш Аглаида посакала да има во куќата маченички мошти, како некоја амајлија Што чува од зло. Па го испратила својот слуга во Азија да ѝ најде и да и го купи тоа што го сакала. Бонифациј зел со себе неколку робови и многу пари, па при разделбата со Аглаида ѝ рекол: „Ако не можам да најдам никаков маченик и ако тебе, госпоѓо, ти го донесат моето тело измачено за Христа, дали ќе го примиш со чест?“ Аглаида се насмеала и го нарекла пијаница и грешник. Така се разделиле. Кога дошол во градот Тарс, Бонифациј видел многу христијани на маки: на едни им биле отсечени нозете, на други рацете, на трети им биле избодени очите, четврти биле на бесилка итн. На Бонифациј му се променило срцето, се покајал за својот грешен живот и заплакал. Извикал пред христијанските маченици: „И јас сум христијанин!“ Судијата го зел на испитување, наредил, та страшно го камшикувале, па му истуриле врело олово во устата и, бидејќи тоа не го повредило, му ја исекле главата со меч. Робовите го зеле неговото тело и го однесле во Рим. Ангел Божји ѝ се јавил на Аглаида и ѝ рекол: „Прими го оној кој некогаш беше твој слуга а сега е наш брат и сослужител; тој е чувар на твојата душа и заштитник на твошјот живот“. Аглаида, ужасена излегла во пресрет, го примила телото на Бонифациј,
му изградила црква и ги положила во неа моштите на маченикот. Потоа таа се покајала, го раздала сиот свој имот на бедните и се повлекла од светот. Поживеала уште 15 години во горко покајание. Св. Бонифациј пострадал во 290 година.
2. Св. Григориј (Григентиј) еп. Омиритски. Прво бил ѓакон во медиоланската црква и имал многу виденија. По Божја промисла, бил доведен во Александрија каде што патријархот Протериј, според едно небесно откровение, го ракоположил за епископ на Омиритската земја, во Јужна Арабија, која св. цар Елезвој (види, 24 октомври) штотуку ја ослободил од тиранот Дунаан Евреинот. Бил добар пастир и голем чудотворец. Ја уредил Омиритската црква со помош на христољубивиот цар Аврамиј, подигнал многу храмови и крстил мноштво Евреи. Управувал со црквата 30 години и мирно преминал во вечниот живот во 552 година.
3. Св. Бонифациј Милостив еп. Ферентиски. Од детството бил необично милостив, така што мајка му го укорувала за тоа. Но тој со помош на молитвата добивал од Господа стократно. Мирно завршил во Италија во VI век.
4. Преп. Илија Муромец. Киево-печерски монах. Завршил во 1188 година. Неговите негнилежни мошти биле чудотворни. На неговата десна рака и досега стојат трите први прсти, составени за молитва.
Од тоа се гледа дека умрел на молитва. Со тоа ги изобличил оние кои не се крстат со три прсти.
РАСУДУВАЊE
Дали со верата може и планини да се преместуваат (Мт. 17:20)? Несомнено дека може; и уште повеќе се може: со верата и самиот Бог може да се поттикне на милосрдие кон нас грешните. Во омиритскиот град Афар повеќето од жителите биле Евреи. Св. Григориј се трудел да ги преведе во христијанството. Тогаш Евреите му предложиле на св. Григориј и на царот Аврамиј расправа за верата, со тоа што, ако тие бидат победени со непобитни докази, сите Ќе преминат во Христовата вера. Неколку дена траела таа расправа во присуство на неколку илјади луѓе, Евреи и христијани. Кога Евреите виделе дека ќе бидат победени со непобитни причини и докази од Григориј, побарале Григориј на некој начин да им го покаже Христа жив, така што и тие да Го видат со чувствените очи, па потоа ќе веруваат. Имајќи голема слобода пред Господа заради чистотата на своето срце, св. Григориј клекнал кон исток пред сите и почнал да се моли на Бога. Кога ја завршил молитвата, земјата се затресла и гром удрил и на исток се отворило небото. Од исток се кренал еден о-блак светол со огнен пламен и со блескави зраци, па полека се спуштал кон земјата, кон она место каде што биле насобрани луѓето. На средината на облакот стоел човек со неискажана убавина, со лице со необичен сјај и со облека како од молња исткаена. Тој се движел врз облакот сѐ додека не дошол над самиот епископ Григориј. Сите Го виделе во слава и во неискажана убавина и од страв попаднале со лицето кон земјата. Григориј извикнал: Еден е свет, еден е Господ, Исус Христос, во слава на Бога Отецот, Амин! Тогаш се слушнал глас од славата Господова кон Евреите: Заради молитвата на епископот ве исцелува вас, Распнатиот од вашите татковци. И светлиот облак полека си заминал како што дошол. Потоа Евреите сите се крстиле.
СOЗEРЦАНИE
Да размислувам за смирението на Мојсеја пред Бога, и тоа:
1. како Мојсеј секогаш го истакнувал само Бог, а себе си никогаш;
2. како тој сета сила, сето добро, сета помош, ја очекувал само од Бога и од никого повеќе;
3. како тој во секоја работа смирено се обраќал на Бога за помош и водство.
БEСEДА
за Самоил
За ова дете се молев, и Господ ја исполни молбата моја, за која Му се молев и јас го предавам сега на Господа за сите денови на животот негов (II Цар. 1:27:28).
Од Бога испросен и на Бога посветен бил Самоил пророкот и водачот на израилскиот народ. Блажена Ана, неговата бездетна мајка, со солзи и со жртви го испросила од Бога. И него, единецот, најголемото свое богатство, го предала од самото детство на служење на Господа. Мудрата мајка своите деца не ги смета за свои туку за Божји. Божји се и кога Бог ги дава, Божји се и кога Бог ги зема, но најмногу се Божји кога самата мајка ги посветува на Бога. Божјиот дар Му се враќа на Бога како подарок. Зашто ние ништо немаме свое за да му дадеме на Бога, туку она што од Него го добиваме. И живеел малиот Самоил при храмот, помеѓу расипаните синови на архијерејот Илија и не се расипал. И Господ не сакал да им се јави на грешните старци, туку му се јавувал на ова чисто дете… Зашто Самоил ја исполнувал волјата Божја и не остана ни еден Негов збор неисполнет (3:19). И Самоил бил судија на израилскиот народ од младоста до староста и ништо не направил лошо, ниту на Бога, ниту на луѓето. Бог му дал моќ, та пророкувал и правел чуда; сите Божји и народни непријатели ги победил; двајца цареви помажал: Саул и Давид. А кога остарел, го повикал народот и го прашал дали некогаш на некого му извршил насилство или од некого зел мито? А народот едногласно одговорил: Ти не си нѐ навредувал, ниту си нѐ измачувал и од никого ништо не си зел (12:4). Ете, таков човек бил оној кој од Бога бил подарен и на Бога како подарок е возвратен, и кој растел со благослов Божји и благослов мајчински. Нека мајките се користат со примерот на блажена Ана; судиите и водачите да се користат со примерот на праведниот Самоил.
О Господи свет и пресвет, благ и преблаг, отвори ја нашата душа за да ја видиме светоста и благоста Твоја, за да се покаеме за своите лошотии. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин.