Низ сета своја историја, Православната Црква решително и непоколебливо се борела против душегубните остатоци од претхристијанските пагански обреди и пројави. Како плод на тоа, со тек на времето, во глобални рамки ваквите бесмислени пагански ритуали биле наполно искоренети, со исклучок на некои поизолирани средини, каде што тие некако едвај се одржале, но изгубиле речиси секакво значење. Па и овие ретки пагански пројави полека замираа, затворени во своите локални средини. Но, за жал, современото општество, кое со своите поинакви норми и животни филозофии трагично го оддалечи човекот од Бога, постепено го доведе човештвото до амбисот на неморалот и на духовната декаденција, ги воскреснува тие некогаш напуштените пагански обреди, кои во овие последни децении како повторно да се будат, под призракот на квазипобожноста и квазипразнувањата. Се разбира голем удел во тоа имаат и медиумите, како и одредени организации и институции, кои овие манифестации, несвојствени за нашата христијанска култура и традиција, сакаат да ги прикажат како „значајна културна придобивка и наследство“, иако гледано од духовен аспект, тие се повеќе назадување отколку придобивка.
Типичен пример за таква „културна придобивка“ е карневалот. Иако нема апсолутно никаква допирна точка со светото православно предание, карневалот во нашата земја се прикажува како да е, тукуречи, дел од црковната пракса. Апсурдот оди дотаму, што тој некаде дури и се поистоветува со некои значајни црковни денови, како на пр. почетокот на Чесниот Велигденски пост – тримирот (самиот збор „тримир“ означува „три дена“, и во тие денови верниците целосно се воздржуваат од секаква храна и пиење).
Малку е да се каже дека ваквите манифестации немаат апсолутно ништо заедничко со Православието, затоа што тие не само што не се поврзани со симболиката на денот, туку, напротив, со голема дрскост го валкаат длабокото христијанско значењето на тој светол ден, во кој светата православна Црква ги повикува верниците, преку пост и молитва да ги очистат своите души и тела, за да можат со секаква чистота и побожност да го дочекаат светлото Христово Воскресение. На карневалот во Вевчани, пак, парадоксално, како патрон на оваа паганска манифестација се прикажува големиот христијански светител, Св. Василиј Велики, па дури се вее и знаме со неговиот лик! Та, како може овој свет отец на Црквата, чија богоглаголива уста најмногу проповедала против таквите распуштени и неморални празнувања, да се става во ист кош со она, против кое тој најревносно се борел!? Исто така, поигрувањето со верските чувства на припадниците од која било религија, воопшто не е во духот на Христовата возвишена наука за љубовта, мирот, неосудувањето и проштавањето. Нашиот Господ, Кој ни ги остави двете најголеми заповеди за љубовта, нè поучува сите да ги примаме како свои браќа и ближни, и никого да не жалостиме со своите постапки. Не само тоа, Он вели „Љубете ги оние кои ви прават лошо и молете се за оние кои ве навредуваат“. Тоа е нашиот трнлив пат, тесен пат кон спасението. Затоа, сосема е и погрешно и неправедно тоа што некој ја поврзува нашата света православна Црква со ваквите манифестации, при што, заради нешто толку спротивно на црковното учење, таа е подложена на крајна нечовечност и страдање, преку вандалско осквернување и уништување на нејзините светињи.
Всушност, историски гледано, и самиот пагански происход на карневалот недвосмислено сведочи за неговиот нехристијански дух, потполно спротивен на православната традиција. Имено, карневалите некогаш биле дел од празнувањата поврзани со хеленскиот бог Дионис, т.н. дионисии. Во стариот Рим, пак, слични ритуали биле изведувани на празнувањата, наречени сатурналии и бакханалии, кои биле, па и ден денес се синоним за развратно живеење и морална нечистотија. Христијанизацијата на Римското царство ставила крај на ваквите празнувања со ревносни проповеди и разобличувања на овие развратни пороци, при што останале, сепак, некакви траги во некои позафрлени места и запуштени средини, но без некое позначајно влијание. Како и да е, оддалечувањето на народите од светото Апостолско предание, довела до будење на тие пагански остатоци и нивен сѐ посилен замав, при што, веќе, во X век се појавиле и првите поорганизирани карневали низ градовите на западна Европа, а најмногу во Италија. Не можејќи целосно да се спротивстави на оваа појава, Римокатоличката црква барем се погрижила карневалите да ги вклопи во годишниот црковен циклус на празнувања, без да бидат нарушени постите. Така, карневалите биле одржувани пред почетокот на Великите Пости, или поконкретно, за време на месопусната недела. Оттаму и доаѓа името карневал. Тоа доаѓа од италијански збор carnevale, кој води происход од староиталијанскиот carnelevare, што е, пак, сложенка од латинската именка carō, carnis, f., ’месо‘ и глаголот levō, levāre, ’осатавам, оддалечувам, одземам‘. Следствено, зборот карневал буквално значи ’да се остави месото‘.
Кај православните народи од Истокот, карневалите биле непозната појава. Тие биле преземени од Запад, како последица на зголемувањето на западноевропското влијание на Балканот во времето на Отоманската империја. Постојат сведоштва дека дипломатските претставници (конзулите) од европските држави, први го вовеле организираниот карневал во поголемите градови (на пр. Солун и Битола). Од друга страна, пак, и нашите печалбари во западните земји, усвојувале по нешто од нивните култури и тоа го пренесувале во своите родни краишта. Следствено, вакви карневалски игри, но во видоизменета форма, започнале да се појавуваат и во некои места од Македонија. Во недостаток на соодветни маски и костуми, какви што имало на запад, нашинците правеле своевидна импровизација на виденото во туѓина, комбинирајќи го со наследени пагански елементи, т.е маскирајќи се со животински кожи и разни партали, како што е примерот со бабарите. Уште од самиот зародиш на ваквите ритуали, светата православна Црква, преку проповед и поучување, мирољубиво укажува на штетноста по душата на ваквите нехристијански појави, примитивизми и квазипразнувања.