Силата на Чесниот Крст

Благодатта и силата на Чесниот Крст не се должат на неговата форма, т.е. од самото тоа што е крст, туку на тоа дека е Крст Христов, средство преку кое Христос го спаси светот. Тоа е жртвеникот на којшто Христос се принесе Себеси жртва за целиот свет, како жртвоприносител и како жртва. Сето смирение, осиромашување, мака, болка, смртта што ги прими за нас, кулминираат на Крстот. На Крстот ја доживеа најдлабоката болка и унижување за нас. Заради нас стана клетва, за да нè ослободи од клетвата на гревот и на законот. Сето дело Христово, сето Негово човекољубие се резимира во Неговиот Крст. Свети Григориј Палама ни раскажува како некој иронично го запрашал еден од богоносните отци дали верува во Распнатиот, а тој му одговорил: Да, верувам во Тој што го распна гревот.

Слава, Господи, на Твоето долготрпение, слава и на Твоето Воскресние!

 

На Крстот Богочовекот Христос ја разреши трагедијата на човековата слобода што ја предизвика непослушноста на првосоздадените, станувајќи „послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст“ (Фил. 2, 8) и повторно ја насочи нашата слобода кон нашиот Создател, кон Троичниот Бог. На Крстот ја победи смртта – „со смртта смртта ја победи“ – со тоа што нашата смрт ја направи Своја смрт, и со Своето Воскресение ни подари живот и непропадливост.

Преку Крстот нè помири со Бога Отецот и ни го подари отпуштањето на нашите гревови. На Крстот покажа на најуверлив начин дека нè љуби со бескрајна љубов, дури и во часот кога Го распнуваме.

Преку Крстот нè собра и нè соедини во едно тело, нас претходно растурените чеда Божји, ги урна непробојниот ѕид што нè одделуваше и „во Себе создаде еден нов човек“ (Еф. 2,15). На Крстот ги очисти и ги освети небото, воздухот и земјата, бидејќи се распна под небото, се издигна во воздухот, а Неговата пресвета крв се пролеа на земјата.

На Крстот принесе севкупна жртва за целата земја и очистување општо за целата човечка природа. Затоа и пострада надвор од градот и вон храмот Соломонов, како што забележува Св. Јован Златоуст.

На Крстот со Своето „издигнување исполнето со смирение“, како што вели една древна молитва, ја издигна и нашата природа којашто „преку лажното издигнување и суетно движење падна дури до адот“. На Крстот објави дека овој свет не е конечната реалност, туку е само пат кон конечната реалност, доколку во него крстоносно се бориме против нашиот егоизам. Така ја воспостави позитивната смисла на овој свет.

На Крстот се откри Себеси како единствен добротвор и спасител, ослободител и животодавец на целиот свет, и дефинитивно го уништи делото на ѓаволот, неговите лукавства, прелести, силата и власта над луѓето. Затоа и ѓаволот „трепери и се плаши не поднесувајќи ја Неговата сила“. Крсната смрт Господова е живототворна и искупителна, принесува живот и ослободување:

 

а.         Бидејќи е доброволна.

Господ оди кон смртта не како осуденик, туку како цар кој се жртвува за Своите поданици, како што вели: „со крштевање треба да се крстам и колку Ми е мачно дури не се сврши тоа“ (Лука 12,50). Затоа Византијците пишуваат над Крстот: „Царот на славата“ и Го изобразуваат Господа не обземен од болка (со телото обесено на рацете во целосна слабост), туку Господар и на болката (рацете на Крстот се хоризонтални).

 

б.         Бидејќи е вистинска смрт.

Нестрадален според Божеството, Господ пострада за нас телесно. Неговата Божествена природа допушти Неговата човечка природа да мине низ претсмртната агонија и низ Крсните страдања. Требаше да ја доживее целосно нашата смрт, а не површно. Во Гетсиманската градина Неговата човечка природа навистина се исплаши, но повторно и се потчини на Божјата природа и волја. Така и пострада и умре за животот и спасението на светот.

 

в.         Бидејќи Тој што пострада е безгрешен.

Пострада и умре безгрешниот за грешните. Основна вистина е дека Господ беше безгрешен, бидејќи Неговата човечка природа од самото воплотување беше соединета со Божјата природа, поради тоа што ова единство е ипостасното единство во Личноста на Логосот Божји.

 

Крстот Христов беше и е „за Јудејците соблазна, а за Елините безумство“; за нас, пак, верните, Христос е „Божја сила и Божја премудрост“ (1. Кор. 1, 23). Тоа е најголемиот парадокс во историјата: Преку смртта животот. Преку клетва – благослов. Преку понижување – слава. Преку смирение – издигнување. Како што вели Св. Григориј Палама: „Ова е мудроста и силата Божја: да победи преку слабоста, да се издигне преку смирение, да се збогати преку осиромашување“.

Не е случајно тоа што Господ не сакаше да остане во славата на Преображението и да го избегне Крстот, туку симнувајќи се од Тавор, ги подготвуваше Своите ученици за „она што ќе се случи со Него“ (Марко 10, 32).

Кога Петар Го советуваше да ја избегне крсната смрт, Господ строго го укори: „Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазан, оти мислиш не за она што е Божјо, а за она, што е човечко“ (Мат. 16, 23). Одејќи, пак, кон доброволното страдање, велеше: „Сега се прослави Синот Човечки“ (Јован 13, 31). И на други места во Евангелието Крстот се карактеризира како слава Христова (Јован 12, 23).

„Крстот претходно беше знак за срам и казна, а сега стана повод за слава и чест. А дека Крстот е слава, чуј Го Христа Кој вели: Оче, прослави Ме со славата што ја имав во Тебе уште пред светот да постане“. вели св. Јован Златоуст


Извадок од книгата: Архимандрит Георгиј Капсанис, Крстот Христов и неговото значење за нашиот живот, Скопје: Премин, 2008, 11-15.