Воопшто не ни помислувај дека ќе го наследиш Царството, што не си го живеел на земјата.
Св. Арсениј Бока
Лов се подразбира ловење на сè она што е дозволено и тогаш кога е дозволено. Криволов е ловење на она што не е дозволено, кога не е дозволено и каде што не е дозволено. Ова е основна теорија и правило кога станува збор за ловот и риболовот. Придобивките од ловот се познати, последиците од криволовот исто така. Има правила, прописи, закони, договори, уредби кои уредуваат и укажуваат на ова. Но, постои и совест, самосвест, желба, збор, пристап и однос кога и поединецот, односно друштвото пристапуваат на поинаков начин. Позитивен, кога не сакаш да уловиш нешто, а го можеш тоа, односно кога ќе ја бакнеш и вратиш рибата во водата, или негативен, кога сепак ќе уловиш нешто и покрај забраната и можната санкција.
Е сега, сакам да ви раскажам една лична и вистинита сторија.
Пред неколку години кај нас пристигна една фирма од една далечна земја со можност да инвестира кај нас во повеќе области. Во една од тие области бев засегнат и присутен и јас. Едно големо поле, една голема земјоделска област требаше да прерасне во еден од центрите на оваа инвестиција. Се постави и билборд и се организираше свечено отворање и презентација. Ден пред Успение. Многу официјални лица, државни и локални, новинари, гости, делегати, присутни… Свечена маса (сè мрсна кујна од специјалитетите на далечната земја), јадење, пиење, музика… И се разбира, нема свечено осветување на почетокот без верски обичаи на гостите од далечната земја и без верски обичаи од нашата земја. Прво со нивните. Билбордот им беше доволен, се фрлаа бадеми, шеќер и вода, се испеа нивната молитва. Дојде време за нас. Имаше свештеници од две епархии (секоја чест за нив), пристапија на масата и… Таму нема ништо: ни леб, ни вино, ни свеќи… Ајде набрзина едно возило со еден од свештениците отидоа до најблиското село, до најблиската продавница, купија леб и вино, донесоа некако свеќи и почна и нашата служба. Во ред, сите држеа свеќа, заврши и нашето, се освети почетокот.
Сите навалија на презентацијата и потоа на масата. Сликање, снимање, говори, новинари и плус-минус, помина сè. Но, што остана?
Виното оставено, осветениот леб – половина на масата растурен, половина на земјата изгазен, свеќите сите расфрлени и изгазени. Како што никој не забележа ништо, така никој не прибра ништо, односно со тоа никој и не се послужи. Говорам за лебот, за виното, за свеќите. Другото, сè беше изедено и испиено.
Ги собрав сите свеќи кои ги најдов, кои можев да ги соберам, го собрав лебот и од масата и од земјата; свеќите ги изгорев во нашиот стар шпорет каде што подготвуваме зимница, лебот го потопив во вода и го разделив на кокошките кои ги имавме, а јас не бев ни повикан за тоа, нити тоа беше моја должност таму.
Ова не го раскажувам заради мене, заради инвеститорот, заради осуда, против некого или за некого. Ова го раскажувам заради нас самите.
Ловиме или криволовиме?
Во лов ли сме на правата ни вера, на силната ни вера, во лов на правото место, во правото време, со вистинска совест, љубов и пристап? Веруваме или само онака механички и како роботи ги креваме рацете да се прекрстиме? Знаеме ли што ловиме кога се причестуваме, што влегува во нашата уста, во нашето срце, во нашата душа, во нашиот микро-универзум, кога ја примаме Причесната?
Поголем лов и поголем плен од овој лов нема, како што нема ни поголем криволов ако не се пристапи и ако не се подготвиме за тоа. Но, барем да го подготвиме ловиштето, да го оградиме, да го организираме, да го снабдуваме, да воспоставиме правила, да ги почитуваме правилата, да го одржуваме ловиштето, да научиме од искуството, од нас самите, да го чистиме и средуваме…
Таму на ветерот, во огромната широчина на полето, ден пред Успение, имав чувство дека тргнавме на лов по Пресветата, но не ја уловивме, ни се закочи пушката на верата и љубовта. Бевме наоружани со ќорци.
Да се наоружаме со оружјето на силната вера, со најголема љубов и со прав разум и пристап кон Бога Троичниот, за да нè ни избега милоста и благодатта Христова, за да не останеме без Царството на вечните ловишта.
Простете ми и нека ми прости Милостивата.