Најголемата опасност со која можеме да се соочиме, е тоа да бидеме парализирани со сомневањата и со стравовите. Таа опасност ја носат оние кои ја напуштиле верата и кои се потсмеваат на надежта. Ја носат оние кои шират цинизам и неверие и кои сакаат да нѐ заслепат кога пред нас имаме голема прилика.
Хари Труман
Еднаш еден мој голем пријател, кога го прашав каква книга чита, ми одговори дека чита книга напишана. Добро е, си реков, барем чита и се понадевав дека ќе ја разбере книгата и ќе го примени напишаното. Со надеж дека чита душеполезно четиво и писание, односно ако тоа е такво, ќе поверува во напишаното и ќе го примени во животот, односно ќе ја засили својата вера. Па макар и да е книгата лоша, можеме да не го примениме лошото, т.е. да го примениме спротивното, односно доброто и корисното.
И една друга книга е исто така напишана. Напишана откако била изговорена од устата на Оној Кој дојде да нѐ научи, да нѐ воспита, да нѐ поучи во животот. Во животот на правдата и вистината, односно да ни укаже на веста на правдата, која треба сите ние еднакво да ја шириме и проповедаме. Евангелието на правдата.
Е, сега, книгата е напишана…
Дали ја читаме, дали веруваме, дали ја применуваме, дали ја живееме, дали ја проповедаме, дали собитуваме со неа и во неа, дали ја практикуваме…
Односно, сосема спротивно на неа и напишаното во неа: дали се плашиме, дали се сомневаме, дали не веруваме, дали сме скептици, дали внимаваме, дали шириме лаги, дали противречиме, дали сме заслепени, дали се потсмеваме, дали друго исповедаме…
Денес живееме во други времиња, си велам…
Но, Неговото Евангелие е исто од првиот ден до денот денешен, од првиот век, до векот последен, од прашините на Назарет, до асфалтот на Њујорк, од пештерите Витлеемски, до облакодерите на Токио, од ридовите Ерусалимски, до висините на Москва, од водите Јордански, до бреговите на Истанбул, од Ерихон до Лондон, од Тавор до Рио… се ѐ исто.
Огнот и светлината се од Него. И тие се исти и во рајот и во пеколот. И рајот и пеколот оттогаш, па наваму се исти. И гревовите ни се исти од памтивек. Само што за некој огнот и светлината се оган и светлина, а за друг се пекол… Но милоста Негова е сеуште иста и Тој нѐ чека да нѐ помилува. Треба да веруваме и верата да ја засилиме, до максимум. Да имаме вера голема и вистинска.
Има еден модел, се вика:12/70.
12 апостоли и 70 апостоли. Тие само тргнаа по Него, тргнаа и не прашуваа, не се двоумеа, веруваа, не се сомневаа, крштеваа ширум вселената, ракополагаја ширум светот, правеа чуда, ширеа вера, надеж и љубов во Христа. За Него и во Негово име беа убивани и измачувани, гонети и прогонети. Сепак, останаа Христови по Христовиот благослов заради нашето спасение.
Никаква сила, никакво искушение, ништо не ги уплаши и не ги поколеба. И говореа, пишуваа, раскажуваа…, за ние денес да читаме, да слушаме и да прераскажуваме…, но, пред сѐ, да веруваме. Ако веруваме и ако живееме со вера и ние ќе се обожиме и нашето ќе се слуша и прераскажува во вековите што доаѓаат. Да се осветиме како нив, затоа што Тој нѐ создаде по Неговиот лик, со вера силна и бескрајна.
Книгата напишана треба да се чита, но и да се живее. Верата да ни е напишана на срцата и во душите и со целото битие да ја исповедаме.
Само внимавајте, бидејќи има и модел 12/70 минус 1 – само што тој еден се обеси и тој модел не е применет од тоа време, да се надеваме и да се молиме само на минус 1 да остане.
Другиот модел е за вечноста и за вечниот живот. Напишано е…
Простете и нека е благословено.