,,Ако твоите синови го пазат Мојот завет и Моите сведоштва, на кои ќе ги научам, тогаш и синовите нивни ќе седат вечно на твојот престол“
(Псалм 131,12)
Баба ми Ставранка, да е здрава и жива, има 90 години. Кога ќе разговара човек со неа, ако се разговара за некоја црква, храм, кој е во изградба, или се доградува, или се реновира, или се започнува со служба за прв пат, вели и прашува дали црквата е евангелисана…
Сака да каже дали таму се слуша словото Господово.
Словото Господово, по Евангелието, е кажано пред 2.000 години, но се кажува и денес…
Многу важно е храмот, црквата да се освети. Но, уште поважно е таму да се слуша зборот Господов, да се пее за Господа, да се воспева Мајката Божја, да се слават светителите, да се радуваат ангелите… НИЕ да се радуваме, да пееме, да го славиме Воскреснатиот, да бидеме сведоци, еднакви како сведоците пред 2.000 години…
Зборот Христов е еден, со иста сила, со иста цел како тогаш, така и сега. Евангелието е едно за сите, дали тоа е владиката, свештеникот, монасите, мирјаните, праведните, грешните, децата, старите… Евангелието нема монопол.
Како сме го добиле, така треба да го предадеме, за да можат децата наши да знаат да се спасат, но и да се молат за нас како што ние сме се молеле за нас, за нашите предци, за нашите поколенија…
Треба да го читаме, да го пееме, да го слушаме, да веруваме, да го живееме со сета наша животна сила и моќ, со сета наша енергија, со цело срце и душа, од длабочината на нашето битие… Оти, Евангелието нѐ битисува постојано и ни ги дава духовните очи и духовниот поглед, а тоа не е ништо друго освен самиот Исус Христос, Кој е тука, Кој нѐ евангелисува постојано…
Евангелието почнува од нас самите, преку домашната црква, до Светата Литургија, која повторно ја враќа силата Господова на нас и на сите околу нас, како вечен круг, кој нѐ движи сите нас, нѐ одржува живи, со самото присуство на Христос како тело и крв, живи, за да живееме и ние…
Нема друго…
Евангелието е заветот и сведоштвото на Христос – и за мене и за старецот мој и за татко ми и за синот мој… И за воздухот што го дишеме и за водата што ја пиеме… За лебот насушен, и за мене и за душманот… И за мене и за праведникот…
Ако се грижиме за нас, за нашата домашна црква, за нашата парохија, за нашата епархија, за нашата Света црква, заветот и сведоштвото треба да се запазат, како што Тој нѐ научи, та во вечен мир да се надеваме, вечен мир и вечен спокој да дочекаме…
Словото е за да се евангелисаме.
Дење, ноќе, севезден…
Та да нѐ спаси и помилува, како Добар и Човекољубив.