Едноставно е невозможно да се зборува за „воук“ културата општо, во овој временски интервал што го имаме, бидејќи таа го проникнува целото глобално општество во сите пори на општествениот, а можам да кажам и приватниот, личен живот на поединецот, секогаш засегајќи ја неговата слобода. Еден од главните наративи е наводното будење (woke = разбуден, освестен) и грижа за жртвите од минатото, додека пак, неистомислениците од сегашностасе жртвуваат со сите механизми на т.н. cancel culture (култура на откажување), со потполно отсекување од општествениот живот и оцрнување без никаква можност за искупување, затоа што не се покориле или се осмелиле да бидат критички настроени кон овој религиозен култ со тоталитаристички карактер.
Како главни карактеристики на „воук“ културата можеме да ги споменеме: екстремистичкиот феминизам кој во сѐ гледа мизогинија, т.н. машка токсичност, термин кој всушност означува омраза кон мажите, теоријата на критична раса (т.н. бела превласт), климатските промени, ЛГБТИ+ агендата итн., а фокусот на ова идеолошко движење, барем во нашиот регионален контекст, е секако родовата теорија (родовата еднаквост) – mainstreaming концепт, кој е еден вид идеолошка матрица на сите родови законски решенија низ светот.
Секако, овде не би можел да зборувам во контекст на српскиот Закон за родова еднаквост, бидејќи, од една страна, не сум го анализирал темелно текстот на законот, а од друга страна, бидејќи гледам дека на овој собир се присутни луѓе кои многу посериозно се посветиле на анализа на текстот на Законот. Најпрво ќе зборувам за искуствата на западните општества каде законите за родова еднаквост ги дадоа и сè уште ги носат своите горчливи плодови, но пред сè, врз основа на лично искуство со предлог-текстот на Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција во Македонија, кој требаше да се измени и дополни. Овие два предлог-закона имаа за цел на широка врата да воведат во нашето општество сѐ што подразбира родовата идеологија.
Поимот род денес и во изминатите десет години е компромитиран, и би рекол и прилично контаминиран во однос на неговото значење во лингвистиката и граматиката низ историјата на човештвото. Родот е исклучително убав збор со позитивна конотација, особено во христијанскиот менталитет, затоа што Он, вистинскиот Бог, стана наш род со тоа што се воплоти и се роди како еден од нас, доброволно поистоветувајќи се со човечкиот род. Секако, поимот род има многу други различни и главно убави значења во сите словенски јазици. Сега одеднаш ни велат дека зборот род значи нешто друго. Креаторите на родовата идеологија не случајно го избраа овој збор, туку напротив, намерно, перфидно и лукаво му дадоа сосема нов контекст од оној што всушност го има, надевајќи се на поуспешно прифаќање на нивната дехуманизирачка пропаганда.
Општоприфатената дефиниција за род во овој нов контекст гласи:
Родот се однесува на општествено определените улоги, способности, однесувања, активности и атрибути за кои одредено општество смета дека се соодветни за жените и мажите, вклучувајќи ги и односите меѓу мажите и жените, и улогите во тие односи кои се општествено одредени во зависност од полот.
Според родовата теорија, родот е флуиден и новата примена на поимите род и родов идентитет (конкретно дефинирани во контекст на родовите теории) ќе донесат општествена и институционална конфузија, како и поделеност во и така веќе фрактурираното општество. Сѐ донекаде би било во ред секој да се чувствува како што сака, доколку родот немаше сериозна политичка подлога во Истанбулската конвенција, која за нас е обврзувачка и носи обврзувачки концепт за родот. Во образложението, т.е. во работните документи на таа конвенција, кои не можев да ги најдам на македонскиот јазик, се вели дека „полот со кој се идентификуваат одредени групи луѓе не одговара на нивниот биолошки пол што им е доделен при раѓањето“. И целата оваа родово сензитивна приказна и сите закони не се со цел инклузивност, туку ексклузивност за тие категории луѓе.
Вистинското лице на концептот за родова еднаквост во Македонија го видовме во предлог-текстот на истоимениот закон, кој подразбира: „еднаквост на жените, мажите и луѓето со различен родов идентитет во видливоста, одговорностите, можностите, пристапот и контролата на ресурси, и моќта во сите сфери на јавниот и приватниот живот“.
Закон насловен како Gender Equality Act (Закон за родова еднаквост) поминува и се провлекува како правна платформа за борба за правата на жените, а во исто време овозможува секој да биде жена, вклучувајќи ги и мажите со машки биолошки пол. Овде всушност е присутна оваа морална супериорност, која ја обезбедуваат или, подобро кажано, ја приграбуваат родовите активисти, така што во случај на аргументирана критика во насока на разобличување и откривање на вистинското лице на родовиот концепт, добронамерните критичари би биле обвинети за мизогинија, обвинети дека се протагонисти на патријархатот и општата општествена атмосфера во која жената е понижена. Беа потребни 10–13 години за целиот овој сет на родови закони да овозможи правно-формален и легален процут на родовите во најпрогресивните, најлибералните општества во светот. Ја имавме „честа“ паралелно со Законот за родова еднаквост во Законот за матична евиденција, родот, т.е. родовиот идентитет да биде законски признат за рекордно кратко време, но фала Богу, Кој нѐ сочува од таквата „почест“. Иако родовите теоретичари прават остра дистинкција помеѓу родот и родов идентитет, таа всушност не постои.
Што е родов идентитет? Тоа е: „внатрешното и индивидуално доживување на сопствениот род, кое секој човек длабоко го чувствува во себе, што може или не одговара на биолошкиот пол што му е доделен при раѓањето, како и личното доживување на сопственото тело и поинакво изразување на родот, вклучувајќи ги името, говорот, облеката, манирите итн.“
Овде зборуваме за брутална релативизација на биолошкиот пол, пред сѐ, за целосна нихилација, негирање на објективната биолошка и научна реалност. Кулминација на бесмисленоста е што со ваквите законски решенија, мнозинството во општеството е принудено да ја прифати оваа нова реалност заснована на внатрешните субјективни чувства на поединците, што значително ќе ја „збогати“ содржината на родово сензитивниот јазик со потенцијал да прерасне во новоговор. Усвојувањето на родово неутралните заменки, и воопшто признавањето на небинарните наслови, придонесува за лингвистичка промена која се одразува и директно влијае врз развојот на разбирањето и поимањето на родот. Јазикот не е само средство за комуникација, туку и одраз на општествените вредности, па аналогно на тоа, овој начин на насилен развој, т.н. родово-инклузивен јазик, го прави нераскинлив аспект на добро развиена стратегија за обликување на родовата идеологија во едно општество. Со посредство на јазикот најлесно се менува перцепцијата на еден народ. Идеолозите на овој и ваков антисоцијален концепт многу добро знаат дека користејќи го јазикот како средство кое постојано се користи за меѓусебна комуникација, можат секојдневно со помош на законските регулативи, сосем легитимно да ги повторуваат своите идеолошки полувистини, кои всушност се лаги. А лагата која секојдневно се повторува во едно општество, за жал, станува општествена „вистина“.
Самиот факт дека родот е флуиден и подложен на постојана еволуција и екстензија на тој список на родови идентитети, меѓу другото, овозможува некој да биде и машко и женско во исто време, па дури и нешто трето, во зависност од субјективните, внатрешни чувства на поединецот, кои кога ќе добијат законска форма веднаш имаат директно тоталитарно влијание врз објективната реалност во која живее едно општество. Луѓето со црковен менталитет не можат да прифатат ваква изопачена теорија, бидејќи е сосема туѓо на искуството и менталитетот на Црквата која го живее својот Живот во љубов и слобода и знаат дека идентитетот се гради во заедница со другите и дека се оставруваме како личности само во заедница. Не може да се изгради идентитет надвор од заедницата, во своето самољубие, бидејќи заедницата е мерило на сè, вклучително и личниот идентитет, и затоа мораме да ги зачуваме љубовта и слободата во заедницата (општеството). Без љубов и слобода нема заедница! Тенденцијата да се гради личен идентитет надвор од заедницата, а потоа со насилни методи и казнување да се бара легитимитет на истите од мнозинството, истовремено газејќи го секој облик на слобода на општествениот идентитет во име на одредена идеологија, е тоталитаризам.
Она што беше најскандалозно во тој македонски предлог-текст на законот, барем според мене, е една од дефинициите во 4. член од законот каде се дефинирани поимите, а тоа е дека поимите „жени, мажи и лица со различни родови идентитети вклучуваат и лица до 18-годишна возраст“. (Лице со различен родов идентитет е секое лице кое не се идентификува со бинарните идентитети на маж или жена.)
Овој дел од реченицата во законскиот текст „лица до 18-годишна возраст“, всушност не ја детерминира долната старосна граница, па затоа мажи, жени и трансродови лица можат да бидат и бебиња и деца на возраст од 2, 3, 4 години итн. Од кога двегодишните деца ги нарекуваме мажи и жени, а камоли трансродови!? Не може да остане незабележана неверојатната поврзаност меѓу прогресијата на родовата идеологија и еден вид либерализација на педофилијата на глобално ниво. Најновата меѓународнакласификација на болести на Светската здравствена организација не ја смета педофилијата за патологија до моментот на дејствување. Што се подразбира под зборот дејство или дејствување не е прецизирано, како што „случајно“ во овој законски текст нема ни долна старосна граница. За да не стигматизираме некого со користење на зборот педофил, политички коректно е во стилот на родово сензитивниот јазик да се каже MAP (анг. minor attracted person) – лице кое го привлекуваат малолетници.
Она што е во фокусот или, подобро кажано, таргет на родовата идеологија и пропаганда не сме ние возрасните, туку децата. Затоа законските концепти за родова еднаквост во западните општества, вклучително и нашиот предлог-закон во Македонија, подразбираат задолжително родово сензитивно сеопфатно сексуално образование уште од градинка, кое треба да стане главен вектор за индоктринација на младите генерации, а надвор од тоа, во блиска иднина, за редефинирање на општеството.
Зошто го кажувам ова? Затоа што со имплементација на законот за родова еднаквост, родовите идентитети и влегувањето на родовата идеологија во образовниот систем, бројот на деца дијагностицирани со родова дисфорија (состојба во која лицето се чувствува заробено во погрешно тело, т.е. сопственото тело го чувствува и го доживува како погрешно), рапидно расте во сите земји каде што овие законски решенија се реалност, бидејќи се покажало дека оваа состојба е социјално заразна, особено кај адолесцентите. На пример, во Велика Британија, стапката на трансродови лица се зголемила за 4400% кај женската популација, само кај адолесцентните девојчиња, по воведувањето и легализирањето на родовата идеологија во општеството. Начинот на кој им се „помага“ на овие деца вклучува „приспособување“ на биолошкиот пол на родовиот идентитет – исклучително болен и мачен процес на транзиција кој подразбира т.н. хормонски терапии, блокатори на пубертетот, хируршки терапии кои вклучуваат стерилизација и отстранување на целосно здрави делови од телото (генитално осакатување) и конструирање на целосно нови полови органи од спротивниот пол, кои во најголем дел се нефункционални. На овој собир нема да зборуваме за монструозниот изглед на овој процес во сите фази, а уште помалку за етиката, но сигурно е дека ваквите „терапии“ отвораат широки врати за трансхуманизмот.
Значајно е да се спомене дека правата на родителите кои на кој било начин стојат на патот на ова касапење се ограничени или целосно одземени, бидејќи токму родово сензибилизираното општество е тоа што повеќе „се грижи и ги сака“ децата отколку сопствените родители. Не треба ни да се замислува што сѐ носи со себе родовата идеологија. Имаме примери насекаде околу нас низ светот на транс-активисти кои вршат притисок врз здравата наука и медицинската пракса воопшто. Најдобар доказ за ова е gender affirming therapy (терапија за потврдување на полот). Во Шведска, по повеќе од 50 години либерална медицинска традиција, државата целосно ги забрани сите форми на транзиција, освен во екстремни случаи на родова дисфорија, и тоа само за научни цели. Истрагата утврдила дека никогаш немало релевантни медицински студии за т.н. Холандски протокол, кој досега беше референциран како златен стандард за транзиции.
Во овој контекст, додека ги критикувавме законите во Македонија, често можевме да слушнеме дека се работи за автодеструктивна идеологија, која самата по себе ќе пропадне, бидејќи не е природна и ги игнорира антрополошките факти и дека нема за што да се грижиме. Апсолутно се согласуваме дека не може да се одржи и ќе пропадне како секоја друга идеологија со тоталитарен карактер, но прашање е по која цена и со колку жртви и дали навистина треба да седиме со скрстени раце и да чекаме потенцијална автодеструкција на овој монструозен идеолошки конструкт. Да не заборавиме дека жртви на оваа поробувачка и дехуманизирачка идеологија се токму децата, а целиот свет не вреди колку еден уништен детски живот.
Затоа е исклучително важно да се води квалитетен социјален дијалог, но без влијание на ригидните и, можам да кажам, фанатични активистички „воук“ кругови, кои принудуваат на самоцензура и ја замолкнуваат секоја здраворазумна мисла и критика. Во таква општествена атмосфера каде што „воук“ активистите се мерило на здравиот разум, дијалогот едноставно не е можен, бидејќи животот се сведува на борба за слобода на говор и мислење.
Црквата во овој непостојан свет, подложен на секакви промени, била и ќе остане сигурен чувар на слободата на личноста, бидејќи само таа и сите слободни луѓе во неа ја знаат цената со која сме ослободени и дека Богочовекот Христос ја плати таа скапа цена со Својата Крв за да нѐ ослободи од секакво ропство. Тоа е прескапа цена за ние сега или во кој било друг историски момент да станеме робови на луѓе или на какви било идеологии и човечки измислици.
викарен Епископ стобиски г. Јаков
-говор на научниот собир „Српскиот идентитет, српскиот јазик и Законот за родова еднаквост“, организиран од Информативната служба на Српската Православна Црква и Матица српска на 16 јануари 2024 година, во Националната библиотека на Србија.