Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, за празникот Педесетница, изговорено на светата Литургија, на 8 јуни 2025 лето Господово
Во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух!
По милоста Божја, и во ова лето Господово сме удостоени да го прославиме великиот празник на Педесетницата – педесеттиот ден по најсветлиот настан на Воскресението Христово. Овој празник е полнотата на сè што Бог устроил за спасението на светот, зашто токму денес, на човештвото целосно му се открива Троичниот Бог. Прославувајќи ја, значи, Педесетницата, ја славиме благодатната сила на Светиот Дух, третото Лице на Божествената Тријада, Кое слезе врз апостолите, и од уплашени рибари ги преобрази во храбри и бестрашни сведоци на воскреснатиот Господ Исус Христос. Тие, кои до вчера ловеа риби по Галилејското Езеро, денес станаа ловци на луѓе и ја осветлија сета вселена со светлата проповед за Христа. Со величественото собитие на Духовден се отвори патот кон Царството Небесно – пат што води преку Синот, кон Отецот, во Духот Свети. Во оваа Божествена полнота се основа Црквата, не како човечка установа, туку како небесна заедница, Црква на сите светии, од Адам до денес, како една бескрајна литија на спасени и обожени личности. Таа е наречена Црква победничка. А ние, овде на земјата, сме борбената Црква, т. е. таа што се подвизува, што се очистува, што се стреми кон полно заедништво со Триединиот Бог. Денешниот празник ни покажува дека нашиот живот е подготовка за влез во таа победничка заедница, во сјајот на Светата Троица.
Чувме пред малку, од сведоштвото на светиот апостол Лука во Делата апостолски, како на овој ден се јавил Светиот Дух. Се слушнал шум, како од силен ветер, и Светиот Дух слегол во вид на огнени јазици врз главите на светите апостоли и врз Пресветата Богородица. И тие, кои до вчера биле затворени од страв, одеднаш стануваат бестрашни, исполнети со сила и мудрост одозгора. Господ Исус претходно ги беше подготвил Своите ученици за овој пресвет ден. Им рекол да не се оддалечуваат од Ерусалим, туку да останат таму и трпеливо да се молат. И најважното – да бидат еднодушни. Зашто Духот на вистината слегува врз оние што се во љубов и единство. И така, апостолите заедно со Мајката Божја, еднодушно се собирале во горната одаја на Сион, во истата таа каде што се одржала Тајната Вечера, и Го дочекале симнувањето на Пресветиот Дух, Кој ги исполнил со Своето присуство, ги озарил, ги просветлил, ги научил на сите јазици и ги направил гласници на Евангелието, сведоци на Воскресението. Тогаш целосно им се отворил умот да ги разбираат зборовите што Господ често им ги говорел. Оти, додека бил телесно со нив, ним многу нешта не им биле јасни. Го прашувале често за значењето на Неговите зборови и параболи. А Он им рече: А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина[1]. И несомнено, токму за овој ден им зборувал Господ, за денот кога ќе Го испрати Духот Свети, третото Лице на Светата Троица, Кој просветлува, преобразува и ја раѓа и одржува Црквата.
Од светото Евангелие денес чувме зборови што се длабоко поврзани со сведоштвото од Делата апостолски. Господ Христос извика и рече: Кој е жеден нека дојде кај Мене да пие! И продолжи: Кој верува во Мене од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода[2]. Што значи ова, возљубени? Овде Господ употребува алегоричен говор. Жедта за која зборува не е телесна. Тоа е длабоката внатрешна жед на срцето човечко – жедта за вистината, за правдата, за вечната смисла на постоењето. Затоа во Блаженствата Господ вели: Блажени се гладните и жедните за правда, оти тие ќе се наситат[3]. А каде може човекот да ја најде таа правда, ако не во Бог, Создателот на сè? Каде да ја пие живата вода, ако не од Духот Свети, Духот на вистината, на правдата, на чистотата? Затоа Господ повикува: Кој е жеден, нека дојде! И не повикува кон некоја далечна и недостижна дестинација, туку кон Своето сопствено Тело, кон Своето учење, кон Својата Црква. Зашто токму тука, во Црквата, течат реките на благодатта – од устата на Христа, преку Светиот Дух, до секој кој со вера пристапува. Има ли нешто послатко од таа Божествена вода? Таа ја храни и осветлува душата, го утешува срцето, го преобразува човекот.
На бдението вчеравечер, пак, читавме и од Стариот завет: таму гледаме дека Светиот Дух во тоа време не бил даден на сите, туку само на одредени избраници. На пример, пророкот Мојсеј, кој особено Го имал Светиот Дух во себе, не можел сам да го води народот. И Господ му рекол: Собери ми седумдесет мажи од старешините израелски… за да застанат таму заедно со тебе. Јас ќе слезам и ќе зборувам таму со тебе, ќе земам од Духот, Кој е врз тебе, и ќе им наредам ним, да го носат заедно со тебе бремето на народот, а не ти сам да го носиш. И така било. Светиот Дух слегол врз сите присутни. Но интересно, двајца од тие избраници не биле на собирот, а сепак, и врз нив слегол Духот Божји. Некои се зачудиле како е можно и тие да пророкуваат кога не биле присутни при излевањето на Духот и негодувале поради тоа. Но, Мојсеј со кротост им одговорил: О, да беа сите од народот Господов пророци, и да им го испратеше Господ Својот Дух![4] Со ова пророкот го изразил длабокиот копнеж не само по духоводство, туку по полнота на Духот меѓу сите. И токму тоа се исполни на Педесетница: не само некои избрани, туку целото Тело Христово, целата Црква, стана место на присуството на Светиот Дух.
Во Црквата Христова, мили мои, на сите ни е дадена огромна привилегија: да Го примиме и да живееме со Светиот Дух. Кога сме се крстиле, кога секој христијанин го прима крштението, врз него се излева благодатта на Светиот Дух. Врз секого од нас, при светата тајна крштение, свештеникот со свето миро на нашето тело нацртал крст, велејќи: „Печат до дарот на Светиот Дух.“ Во тој миг Светиот Дух навистина слегол врз нас, како што тогаш, на Педесетница, слегол врз апостолите. И затоа, сега секој христијанин е потенцијален светец. На сите нас ни е оставена благословената можност да живееме во тој дар, да го обновуваме, да го распламтуваме. Затоа Црквата, на секоја Литургија, по осветувањето на светите Дарови, ги изговара тие свештени зборови: „Светињите на светиите.“ Нè нарекува свети, не затоа што сме безгрешни, туку затоа што сме повикани на светост, затоа што сме запечатени со Светиот Дух и можеме и треба да станеме свети.
Но, возљубени, таа светост не се добива без труд. Светиот Дух не обитава во небрежност, во мрзеливост, во лукавство, во суета. За да слезе врз нас, како што слегол врз апостолите, потребни се истите предуслови: еднодушност, љубов, чистота. Бог им рече на апостолите: „Бидете едно, останете заедно.“ И тие, еднодушни, во молитва, Го примија Духот. Така и ние сме повикани на единство во љубовта, на искреност, на чисто срце. Оти, да знаете, не може Светиот Дух да се всели во срце полно со лицемерие, со дволичност, со гордост, со сплеткарење. Човек кој живее во лага, во кого нема искреност, нема вистинска љубов, ако не се бори против егоизмот во себе, тој не Го носи Светиот Дух. Зашто Духот Божји не се дава таму каде што нема смирение и вистина. Затоа, потребно е духовно расудување. Апостолот на љубовта, свети Јован Богослов нè предупредува: Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот[5]. Да не се измамиме. Зашто денес, повеќе од кога било, има многумина што зборуваат во името на Христа, а не живеат во Него. Да ги препознаваме духовите, не по зборовите, туку по плодовите. И по мирот што го оставаат зад себе. Зашто каде што е Светиот Дух, таму има мир, тишина, простување, вистина, љубов.
Човекот на Светиот Дух е храбар, отворен, јасен, смирен и вистинољубив. Такви биле светите отци на Црквата, оние коишто ја прославија Црквата со својата светост и го наполнија Царството небесно. И затоа, следната недела по празникот на Педесетницата, Црквата го востановила споменот на сите светии. Светиите се плодот на Светиот Дух – тоа се сите оние кои Го примиле, Го зачувале, Го носеле, Го сведочеле. И многу од нив ни се непознати, скриени светии, можеби и од нашата крв, од нашето семејство, кои тивко се осветиле и заминале во радоста на Господа. Тие сега имаат слобода пред Бога и се молат за нас.
Нека ни опрости Светиот Дух на сите. Оти, Он е благ, Утешител, Духот на вистината. Него Го повикуваме денес, да дојде и да нè очисти од секоја нечистота, да го просветли секое срце што Му се обраќа со смирение. Колку е убав Светиот Дух! Колку е благ, колку тивок и мирен! И токму затоа, оние кои Го стекнуваат Светиот Дух во себе, стануваат и самите такви – благи, смирени, утешители на ближните, луѓе што внесуваат мир и носат тишина во немирот на овој свет.
Да Го молиме Пресветиот, благ и Божествен Дух – денес, кога ќе ги прочитаме трите длабоки коленопреклони молитви – да слезе врз нас, да го испрати Своето милосрдие врз целата Црква, да нè преобрази. Оти Црквата му е потребна на светот, но не Црква која се изедначува со духот на овој свет, туку Црква осветлена, преобразена, водена од Духот. Зашто само така Црквата сведочи за Христа. Затоа нека слезе Светиот Дух и врз секого од нас поединечно. Да ги очисти нашите срца, да ги оздрави нашите помисли, да нè смири и преобрази, за да станеме вистински чеда на Триединиот Бог – Отецот, Синот и Светиот Дух. Амин.
[1] Јован 16, 13.
[2] Јован 1, 37-38.
[3] Матеј 5, 6.
[4] Броеви 11, 16-17 и 29.
[5] Јован. 4, 1.