Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, за празникот Педесетница, изговорено на Светата Литургија, на 23 јуни 2024 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Мили мои, со славословни химни и молитви го славиме големиот празник на Педесетницата Господова, кој воедно претставува и роденден на Црквата. Оти, токму од овој миг, кога Светиот Дух слегува врз Апостолите, тие се облекуваат во сила одозгора, како што претходно им беше ветил Спасителот. Оттогаш тие станале бестрашни проповедници на Троичниот Бог и темели и столбови на Светата Црква Божја. Со овој празник, всушност, започна една нова епоха, епоха на просветлението од Светиот Дух, со што се исполни Домостројот Божји за спасение на светот.
Меѓутоа, мора со тага да констатираме, денес ние живееме во време кога луѓето повторно се оддалечуваат од Бога. Кога би ги прашале повеќето Христијани, било на Запад или на Исток, на која религија припаѓаат, или во што веруваат, би ви одговориле дека не последуваат ниедна деноминација и дека можеби веруваат на некој свој начин, дека во некоја смисла се духовни, односно спиритуалисти. Навистина жалосно, бидејќи со тоа тие луѓе се несомнено далеку од Бога. Вистинската духовност и просветление можат да се стекнат само во Црквата, преку Светиот Дух Кој дејствува во светите тајни и Кој ги осенува оние кои се подвизуваат во обожението. Господ Исус Христос, пред да се вознесе на Небесата, им рекол на Своите Апостоли: Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот што сте го слушале од Мене (Дела 1,4). Тоа е истото ветување што им го дал на прошталната беседа на Велики Четврток, кога им кажал дека ќе им испрати друг Утешител, Кој ќе им открие сѐ и ќе им напомне за сѐ што Он сотворил и проповедал. Како да сакал да им каже: „Да, Јас сѐ сторив за вас; се распнав и воскреснав и еве, жив со вас зборувам. Затоа, сторете и вие нешто, бидете единствени, бидете Црква, трудете се во молитвата и чекајте го ветеното одозгора“.
Господ Исус Христос им заповедал на Апостолите да останат во Ерусалим и тие Го послушале. Охрабрени од тоа што Го гледале воскреснат, тие постојано биле на молитва во храмот, иако таму оделе и оние што Го убиле нивниот Учител. Во трпение, единствени, како што читаме во Делата Апостолски, еднодушни, тие Го очекувале Сесветиот и Божествен Дух. И на педесеттиот ден од Воскресението – на големиот еврејски празник Педесетница, односно педесет дена по нивната Пасха, којашто стана и наш празник, бидејќи старата Пасха беше праслика за новата – токму на тој ден слезе Светиот Дух врз еднодушните Апостоли и врз Христовата Пречиста Мајка. Со шум, со силен глас, како земјотрес, со слика, во вид на огнени јазици врз главите на Апостолите. Бог го направи тоа, за да можат сите да чујат и да се соберат и да видат што се случува. Читаме во Делата Апостолски дека сите разнојазични поклоници во Светиот Град почнале да ја слушаат апостолската проповед на својот јазик.
Рековме нова епоха, зашто претходно, во Стариот Завет пред Христа, присуството и дејствието на Светиот Дух било привилегија само за одредени личности, за избрани пророци коишто Господ ги поставил за сведоци на вистината. Од Светото Писмо читаме како Бог се разгневил на човештвото, кога синовите Божји, потомците на Авел, почнале да се мешаат со синовите човечки, потомците на Каин, коишто го беа изгубиле правоверието во Единиот Бог. И кога започнале да се мешаат меѓусебно, Бог рекол: Духот Мој нема вечно да пребива во луѓето, зашто тие се тело (Битие 6,3). А денеска, во Евангелието според Свети Јован Богослов, Господ им зборува на Своите ученици: Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода. И дообјаснува Евангелистот дека тоа го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен (Јован 7, 38-39).
Значи, во Стариот Завет Светиот Дух не бил присутен во луѓето, но затоа, пак, во новата епоха, во времето на благодатта, во Црквата Божја, Светиот Дух е врз сите нас преку Светите Тајни и особено на Божествената Литургија. Секој крстен Христијанин е облечен во сила одозгора и просветлен од Светиот Дух. Апостолите, иако биле со Христа и Го гледале воскреснат и жив, не можеле да ги разберат Божествените тајни, сѐ додека не слегол врз нив Духот Божествен. Од денешниот ден, од Светата Педесетница, ги гледаме веќе како големи тајници и разоткривачи на небесните таинства и вистини и како храбри проповедници на Божествената наука. Храброста, исто така, е еден од даровите на Светиот Дух. Човекот кој е храбар и ја сведочи вистината, има дар од Светиот Дух.
Значи, Светиот Дух, возљубени мои, е Оној Кој нѐ води кон спасението, кон Царството Небесно. Само преку Светиот Дух Го познаваме Синот и доаѓаме до нашиот Отец небесен. Само преку Духот можеме литургиски и светотаински да живееме во Троичниот Бог. На нас останува изборот кој пат ќе го следиме, во која епоха ќе живееме. Ќе се вратиме ли во бездуховното време на Стариот Завет, што денес повторно преовладува? Оние кои се надвор од Црквата, од Светите Тајни, надвор од црковниот живот, само си замислуваат дека се духовни, дека Бог е со нив. Таквото верување, коешто, патем, е еклектично – си го земам од сите религии тоа што мене ми се допаѓа и ми одговара – е прелест, ѓаволска состојба. Токму таква е современата епоха, или new age, како што денес се нарекува. Тоа е духот на антихристот, бидејќи секој кој не верува дека Христос е Син Божји, распнат на крстот и воскреснат заради нашето спасение и дека Он Го испрати Светиот Дух во Црквата и пребива до ден денес во неа, просветлувајќи ги нејзините членови – таквиот човек е антихрист.
На современиот збунет свет, во кој човекот е толку многу изгубен, насушно потребна му е утеха. На сите нас ни е потребна утеха, особено кога сме во мака, во збунетост, во притеснение, во вознемиреност. Светиот Дух, Кого денес Го славиме, се нарекува уште и Утешител. И што може да биде поубаво од тоа: имаме Бог Кој е Утешител! Светиот Дух, Кој нѐ погали и влезе во нашите срца на Крштението, и Кој пребива на секоја Света Литургија и во сите свети тајни на Црквата, од Самиот Синот Божји е наречен „Дух Утешител“.
Мили мои, да Го возљубиме Утешителот и да се потрудиме да ги очистиме своите срца, зашто Духот се стекнува само преку подвиг. Не може да се здобие совршенство, или духовен мир преку самозамислена спиритуалност, туку само преку подвиг. Светите Отци, учителите на пустината и подвижниците во монаштвото велат: „Дај крв, прими Дух!“ И за повторно да се излее благодатта на Светиот Дух во светот, беше пролеана крв; крвта на Самиот Бог, на Синот Божји. Он ја пролеа Својата чесна крвта на Голгота, за да го отвори патот на Светиот Дух во светот. Он дојде и пострада, за да го исполни големото ветување, дека ќе дојде Утешителот, Кој ќе нè научи на сè што е потребно, ќе нè просветли за спасение.
Ги читаме отците на Црквата и се воодушевуваме какво просветление имале тие и каква наука Божествена му подарија на светот. Да почнеме најнапред од Светите Апостоли, кои беа прости рибари. Кога слезе врз нив Светиот Дух, тие станаа ловци на целата вселена, како што пееме денес во тропарот: „Благословен си, Христе Боже наш, Кој премудри ги покажа риболовците, испраќајќи им Го Светиот Дух и преку нив ја улови вселената“. Замислете, ним, на неуките рибари, им се поклонија дури и философите од Атина и од Рим, кои во свои раце ја имале сета мудрост на стариот свет. Тие се поклонија на простите Галилејците и многумина од нив станаа Христијани, проповедувајќи ја верата и умирајќи за Христа како маченици.
Возљубени мои, имаме вера богооткриена, вера од Бога посведочена, од Оној Кој живееше меѓу нас, беше распнат, воскресна и ни го испрати ветувањето од Бога Отецот, за да Го спознаеме Бог во Троица. Христос во Евангелието вели дека животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос. А тоа познание се остварува само преку Светиот Дух. Значи, за да го имаме вечниот живот, неопходно е да имаме правоверие. Треба да веруваме во вистинското Божјо откровение и во него да се подвизуваме. Преку Духот Пресвет и Божествен да бидеме соединети со Небото.
Следствено, да не забораваме и секогаш нашите прозби и моленија да ги започнуваме како што е и пропишано во Црквата: „Цару Небесен, Утешителу, Духу на вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш, дојди и всели се во нас и очисти нè од секаква скверност и спаси ги, Добар, душите наши. Амин!“