Под застапништвото на Богородица во Ростуше

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено по Молебниот канон на Пресвета Богородица во нејзиниот Сечесен храм во с. Ростуше, на 22 август 2024


Сечесни отци,

драги браќа монаси и сестри монахињи,

возљубени Христијани,

Во овие благословени денови на чесниот Богородичен пост, според литургиската традиција на источната православна Црква, на секоја вечерна богослужба се пее Молебниот канон на Пресвета Богородица. Во нашите манастири ние ја следиме оваа пракса секоја вечер, но вечерва посакавме да дојдеме овде, за заедно со вас да се израдуваме во овој велелепен храм на Царицата Мајка.

Дојдовме со оваа свештена икона на Пресветата, која е всушност од мојот дом во Битола и пред неа сум се молел од дете. Таа ќе биде подарена во Манастирот Пречиста Богородица во Кичево. Со оваа икона, посакавме да ги споделиме нашите чувства и молитви со жителите на славна Долна Река, во овој свештен храм каде што особено се чувствува благодатното присуство на Мајката Господова.

Овој храм, кој во минатото многупати бил цел на непријателства, бил принуден да го смени дури и своето место и од некогашната местоположба сред село, сега, со Божја помош, достоинствено се издига овде велелепен. Нашите блиски предци, со силата што ја наоѓале во Богородица и со својата непоколеблива вера, по уривањето на храмот во Втората светска војна, изградиле на ова место поскромен храм, за најпосле ние денес, заедно со благоверните мештани, да ја изградиме оваа голема црква. Секој придонесе според своите можности – било со молитва, било со труд. И така, сега го имаме овој прекрасен храм посветен на нашата пресветата Владичица.

Мили мои, Богородица никогаш не ги остава своите чеда. Таа е нашата силна застапница пред Бога, Која неуморно се моли за Христијанскиот род. Црквата ја велича и воспева во сета своја химнографија, затоа што Таа е Мајката на Спасителот на светот. Станувајќи Мајка на Несместливиот, на Еден од Светата Троица, Таа преку Него го прегрна целото човештво. Таа Му го даде на Христос човечкото тело и така стана Мајка на секој човек преку Него.

Во Евангелието, Господ Христос многупати се претставува себеси како Син Човечки, и тоа со особена љубов, укажувајќи и на Својата човечка природа. Тој е предвечен Син на Бога Отецот, но исто така и Син на човекот – на Пресвета Богородица. Во вечноста роден од Отца без мајка, во времето роден од Мајка, без татко. Ова длабоко таинство ја осветлува улогата на Дева Марија во спасението на светот. Мајка на Синот Божји, но и Мајка на сите нас, со неизмерна љубов и застапништво.

За многу нешта треба да ѝ благодариме на Богородица – нејзиното мајчинство е постојан дар за нас, нејзините чеда. Нејзин благослов е и тоа што живееме на оваа преубава земја. Погледнете само колку е прекрасен овој крај каде што ние пребиваме! Колку убавина и мир се излеваат од природата што нè опкружува! Оваа од Бога дадена убавина е потсетник за нашиот долг да ја чуваме и да се грижиме за неа. Неодамна, заедно со повеќемина од монасите и монахињите, имавме можност да отпатуваме во Турција, на островот Имврос, или како што денес се нарекува Гокчеада. Таму видовме како нашите православни браќа, иако малубројни и притеснети од разни предизвици, неуморно се борат да го одржат своето присуство на тоа место, да ја сочуваат секоја светиња, секоја трага на своето предание. Дури и најмалите, најскромните црквички и параклиси беа беспрекорно чисти и сочувани и секој од нив сведочи за верата и за упорноста на тие луѓе. Владиката на островот, Високопреосвештениот Митрополит г. Кирил, со голема ревност се трудеше да има богослужби во сите тие храмови, и во најмалите, за да не се заборави ниедна светиња. Се разбира, за нив островот е најубав на светот, бидејќи таму се наоѓаат нивните корени, нивната татковина. Но, кога размислувам за природните убавини што ние ги имаме овде, сфаќам дека Бог навистина ни дал нешто посебно, нешто што е неспоредливо. И си помислив колку ние често сме негрижливи и несвесни за она што ни е дадено. Нашите предци со голема љубов и вера ги граделе овие светињи, а ние, гледате, лесно ги напуштаме. Таму, иако ги избркале, нашите браќа наоѓаат начини да се вратат и да останат на својата земја, да бидат близу до своите светињи, дури и кога условите за живот се минимални. Тие ја разбираат длабоката врска со својата татковина, со земјата на своите предци и го живеат она што нашата стара поговорка го вели: „Каменот тежи само на своето место“. Нека ова ни биде потсетник да не ја забораваме одговорноста кон светите нешта и кон земјата што ни е дадена. Да се грижиме за она што нашите предци го оставиле како наследство и да го почитуваме дарот на татковината што ни е доверен од Бога.

Доаѓајќи наваму со нашиот брат, архимандритот Анатолиј, разговаравме за документите и списите на легендарниот бигорски игумен Партениј, кој бил убиен во 1918 година. Овој игумен е добро познат во овој крај, особено поврзан со Црквата во Ростуше. Неговото семејство со децении ги чувало документите и слава Му на Бога, успеале да ги зачуваат неповредени. Не сакале да ги предадат никому сè додека неодамна, по Божја промисла, решија да ни ги доверат нам, на манастирот. Она што особено ме восхити е фактот дека тие списи ни беа предадени во оригиналното ковчеже, автентично зачувано од времето на игуменот. Се изненадив кога го видов ковчежето – очекував можеби најлони, торби, нешто современо, но наместо тоа, го добивме тоа што било оставено од раката на игуменот, во истата состојба од пред толку многу години. Зошто го споменувам ова? Во контекст на она што претходно го зборувавме за важноста на наследството и на светињите. Почнавме да истражуваме што точно содржат документите и откривме многу интересни информации. Меѓу другото, во еден од нив беше споменато дека игуменот Партениј бил дел од архиерејското намесништво во Река, кое дури имало и свој печат. Замислете, толку многу свештеници служеле во овој крај, што имале и посебно архиерејско намесништво, и во Дебар и во Река.

Но што ни се случи за неполни сто години? Гледате во каква жална состојба сме денес. Тоа е потсетник за сите нас дека духовниот пад кај нашиот народ е голем и дека само преку молитва и ревност можеме повторно да го здобиеме она што сме го изгубиле.

Сепак, ние не губиме надеж. Еве, чувме од Молебниот канон дека дури и кога се наоѓаме во најголема безнадежност и во крајна немоќ, Богородица е секогаш со нас, како нашата постојана застапница пред Господа. Во најтешките моменти, во нашите слабости и маки, во чувството на потполна напуштеност, потребно е да прибегнеме кон Богородица. Исто кога како деца прибегнувавме кон нашите мајки, така и во зрелоста, дури и по нивното заминување од овој свет, извикот „мајко“ останува во нашите срца и усни до крајот на животот.

Богородица е Мајка на сите мајки, Таа е совршениот пример на мајчинство. Преку Неа мајките го добиле својот вистински лик и улога. Вистинското мајчинство се пројавило преку Неа, преку нејзиното богоугодно служење и љубов кон Синот Божји. Затоа, како Мајка на сите, Таа никогаш нема да нè остави. Ќе нè штити и води, но важно е да просиме од Неа со вера и да се држиме до доброто.

Денес често се зборува за „морал и вредности“, но тие вредности без Христа се празни. Видовме во историјата што се случува кога општествата се обидуваат да изградат морал без Бога. Сè станува прав и пепел и ништо не останува од тој наводен морал. Луѓето во таквите општества не стануваат подобри, туку само полоши. Душите се опустошуваат во безбожни општества, без вистинскиот извор на љубов и добрина – Христос Бог. Сега светот повторно се соочува со заканата од едно безбожно општество. Но ние како Христијани имаме упориште во Богородица, во нашата вера и во моралот кој е утврден во Христа. Само преку Него можеме да ја сочуваме сопствената душа и нашите вистински вредности.

Имаме благонадежие, затоа што демократијата можеме да ја исползуваме за раст на нашата вера. Можеме слободно да бидеме Христијани, да Го исповедаме Христа. Тоа е голем дар – во време кога се случуваат многубројни пропаганди против верата, па дури и соблазни кои понекогаш доаѓаат однатре, од Црквата како институција, ние сепак можеме слободно да живееме во Христа. Христијаните низ вековите Го исповедале Христа дури и кога тоа било забрането со смртна казна. Тие не Го оставале својот Спасител, макар и по цена на своите животи, зашто знаеле дека преку Него ќе имаат живот вечен. Што е поскапоцено од Христос?! Овде, во овој крај, газиме по земјата на нашите предци кои не Го оставиле Христа дури и кога морале да го платат тоа со својот живот. Нивната вера била непоколеблива, нивната жртва неизмерна. Има и такви што Го напуштиле Христа и денес се изгубени, но оние кои гинеле и страдале за Него се нашиот духовен корен од кој црпиме животни сили и инспирација. Тие ни покажуваат што значи да се биде вистински човек и Христијанин. Нивната жртва, нивната одбрана на верата ни овозможува денес да постоиме, да живееме во слобода и да го чуваме нашето духовно наследство. Ако тие не страдаа, ако не ја сочуваа својата вера, денес ние немаше да бидеме овде. Нивниот пример е наша светлина и наше наследство, и нека нивната ревност нè води по патот на вистината и љубовта кон Христа.

Гледајќи ве вас, чедата на Пресвета Богородица од овој благословен крај, чувствувам длабока радост во душата, зашто Ростуше е навистина чедо на Богородица. Ова село, чиешто име значи „радост на душата“, имало свој манастир на Богомајката и низ историјата го носело нејзиниот благослов. Исто така, со радост ги гледам и браќата и сестрите од блиското Битуше и од другите околни села. Мојата радост вечерва е неизмерна, но колку повеќе се радува Пресвета Богородица што сте тука, што го гледате и се молите во овој свештен храм обновен во својот полн сјај! Неговите кандила светат, и нашата силна желба и молитва е да светат кандила не само овде, туку насекаде. Но што е најважно? Да нѐ има нас тука, нашето присуство во крајов, и со ревност да ги чуваме нашите Светињи.

Вие кои сте по потекло од овој крај, можете да бидете горди на историјата на ова место, на духовното наследство што ви е предадено. Но, исто така, и тие што доаѓаат отстрана, кои се накалемуваат на ова големо и заедничко православно наследство, можат да бидат уште погорди, затоа што со својата присутност помагаат во зачувувањето на Светињите. На оние кои живеат овде, или намислуваат да дојдат и да останат тука, сакам да им порачам дека се особено благословени и од Бога избрани. Ваш е благословот да ги чувате светињите, да ја продолжите христијанската историја на ова место, што е од непроценлива важност за сите.

Возљубени мои, можеме слободно да кажеме дека вистинските Христијани се кислородот на овој свет. Без чист воздух, без кислород, сите ќе умреме. Оние кои смирено се молат, кои ја разбираат и ја живеат Христовата вера, кои ги знаат и почитуваат Светињите и се грижат и се жртвуваат за нив, тие се кислородот на овој свет. Заради нив светот продолжува да живее, и нивните молитви и жртва се нашата надеж и вдахновение.

Погледнете ги, на пример, овие монаси кои оставиле сè и живеат во славното Светилиште во Река, во манастирот посветен на Свети Јован Крстител. Тие се живи сведоци за Христа. Ве замолувам сите да се молите за нив, за Бог да им дава сили, зашто ним им е особено тешко. Монасите го носат најтешкиот крст на своите плеќи. Во денешниот свет, полн со предизвици и искушенија, каде што техниката продира насекаде и преку телефоните и интернетот разноразни предлози ги опсипуваат од сите страни, ним им е особено тешко да останат сконцентрирани само на најважното. Замислете, еден млад човек денес треба да остане цврст во својата келија, да се моли за овој свет, да ги отфрли сите искушенија и да го насочи своето внимание само кон Христа, покрај толку многу искушенија кои го расејуваат духот. Расеаноста и површноста станаа одлики на денешните луѓе. Затоа, нека им даде Бог сила на монасите и на оние кои живеат овде, но и на сите што ќе дојдат во иднина. Оти, многу важно е да ги зачуваме светињите во овој крај, затоа што нашите предци одовде дале исклучителен придонес за нашата татковина.

Еве, вечерва со нас има и едно семејство што се врати од Чешка во Охрид. Тие објаснуваат дека иако биле во странство и можеби заработувале, ништо не може да се спореди со татковината. Ова ме потсетува на списите на дедо Партениј, игуменот, во кои пишуваше за печалбарите од овој крај пред сто и повеќе години. И тогаш имавме дијаспора, луѓе кои оделе на печалба насекаде, но секогаш биле добро организирани и никогаш не ја оставале татковината; праќале средства за црквите, за манастирите, за училиштата, инвестирале во својата родна почва и тоа во време кога сè уште немавме држава. Замислете колку далеку сме денес ние од тој организиран дух. Сега имаме и своја држава, но колку сме се оддалечиле од силната вера на нашите предци. Зошто? Затоа што заборавивме да бидеме Христијани. Тие биле посветени Христијани, ја сакале својата татковина, своите светињи, и правеле сè за тие да опстојат и да живеат. Се надевам дека по молитвите на Пресвета Богородица и ние ќе го стекнеме истиот тој дух и љубов кон верата и кон татковината. Амин.