Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено во неделата на свети Јован Лествичник и на споменот на светите Севастиски и Битолски маченици, на 9/22 март 2026 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Му благодариме на Бога, мили мои, што нѐ удостои да стасаме до четвртата недела од Светиот и велик пост, на овој чудесен пат на кој Црквата нѐ подготвува за Воскресението Христово – пат исполнет со многу поуки, со подвизи, со воздишки на срцето и со благодатни радости што ги вкусува само оној кој со вера и со решеност за подвиг влегол во подвигот на постот.
Во првите две недели Црквата ни ја изложи својата теологија, својата догматика, сето она што таа го верува и го исповеда пред лицето на светот. Во првата недела, наречена Недела на Православието, ја славевме победата на вистината над лагата, победата на богооткриената вера над сѐ она што е човечки измислено, лажно и еретичко. Втората недела беше посветена, исто така, на една голема победа на Православието, остварена преку устата на Божјиот слуга, великиот светител и теолог свети Григориј Палама, Солунскиот чудотворец, кој ни посведочи дека Бог навистина му се открива на човекот и општи со него, дека нетварната Божествена светлина не е некоја апстракција, туку живо присуство со кое Бог нѐ обожува и нѐ преобразува.

Во средиштето на постот, пак, Црквата го издигна пред нашите очи Светиот и Животворен Крст, и ни посведочи дека нашиот пат не е лесен, туку е крстовоскресен. Крстот стои среде постот и среде нашите животи како знак на она за кое доаѓа Христос: доаѓа не за да нѐ остави во удобноста на нашата самодоволност, туку за да нѐ поведе низ тесната порта на доброволното умирање за светот, за да нѐ возведе кон Воскресението.
И еве, во четвртата недела, Црквата ни го открива повеќе својот аскетски аспект; ни открива дека теологијата и догматиката во неа имаат реална примена во овој живот, и дека постојат бројни личности кои го покажале тоа. Затоа, пред нашите очи таа издигнува еден голем аскет и подвижник: свети Јован Лествичник, игуменот на Синајскиот манастир, кој ја напишал прочуената, божествена книга Лествица, онаа чудесна духовна скала што ги опишува степените на монашкиот подвиг и на внатрешниот духовен живот. Во неа свети Јован навлегува мошне длабоко, и теолошки и психолошки, во целата аскетика на она што тој самиот го искусил, подвизувајќи се и неуморно запишувајќи го сето она што го видел тогаш во египетските и синајските манастири и пустини, кои во тоа време биле толку многу исполнети со луѓе желни за подвиг. Овој голем светител оставил огромно духовно наследство, зашто го запишал искуството од молитвата, од внатрешната борба, од љубовта кон тихувањето и безмолвието, од созерцанието и од подвизите со кои илјадници монаси и верници се искачувале по скалата кон небото.
А следната недела, пак, петтата и последна пред Цветоносната, Црквата пред нас ќе ја издигне преподобната мајка Марија Египетска – една голема поранешна грешница, која не се обезнадежила. Повикана од Бога, таа ги оплакала своите гревови, и накрај, со голем подвиг и воздржание, се осветила и станала молитвеница за целиот човечки род. Црквата ни ја покажува неа како надеж за сите нас кои грешиме, та да не очајуваме, зашто, доколку се покаеме, Бог нѐ чека со раширени раце, готов да ни помогне, да нѐ спаси и да нѐ стави во вечна заедница со Него.
Денеска, возљубени, ги слушнавме евангелските читања, и двете прекрасно промислени од Црквата за овој ден. Првото евангелско читање ни го раскажува настанот со исцелението на бесомачното момче[1], кој се случил непосредно по Преображението Господово на планината Тавор, кога Господ Исус Христос, заедно со тројцата Свои апостоли, Петар, Јаков и Јован, слегувал назад кон народот. Горе, на Тавор, апостолите Го видоа Христа преобразен во Божествена слава, со лице посветло од Сонцето. А долу, во подножјето на планината, ги чекаше темнината на човечкото страдање: еден татко со својот бесомачен син, дете измачувано од некаква страшна падавица и од демонско влијание. Апостолите се обиделе да го исцелат, но не успеале.

И тогаш слегува Господ од Тавор и го исцелува ова намачено момче. Но пред да го стори тоа, Господ изговара еден укор кој не е упатен само кон учениците, ниту само кон таткото на детето, туку кон целиот човечки род: О роде неверен и развратен, до кога ќе бидам со вас, до кога ќе ве трпам?[2] Колку силни зборови! Оти Господ гледа дека човекот, и покрај сите знаци и чудеса, и покрај сета близина на Бога, и покрај сето Негово безмерно добротворство, повторно и повторно паѓа во неверие и во жестокосрдечност.
Татко му на детето, со она свое колебливо срце, Му вели: „Ако можеш, помогни му.“ Но Господ не прима вакво колебање. Он му одговара: „Ако можеш да поверуваш, оти сѐ е можно за оној кој верува.“ И тогаш оној несреќен и благословен човек извикува со солзи: „Верувам, Господи! Помогни му на моето неверие!“[3] Еве ја, возљубени, вистинската молитва, првилниот смирен однос кон Бога: не мудрување, не самооправдување, не многузнаење, не сигурност дека јас сѐ разбирам, туку признание: „Верувам, но помогни ми, оти мојата вера е мала и слаба, а моите дела – никакви.“ И Господ го исцелува детето.
А потоа, кога учениците Го прашале зошто тие не можеле да го истераат бесот, Господ им одговорил: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“[4] Зошто Црквата го чита токму ова Евангелие во четвртата недела на постот? Затоа што сака да ни каже: погледнете, сѐ уште сме на патот, уште сме во подвигот, и токму молитвата и постот, овие две крила на духовниот живот, се она со што ние ја победуваме секоја темнина, секое робување. Не нашата сила, не нашата ученост, не нашите способности, туку молитвата и постот.
Ова Христово слово нѐ подготвува и за она што доаѓа. Затоа, неслучајно отците го поставиле ова евангелско четиво денес, бидејќи тој настан се случил пред поаѓањето на Господ Христос за Ерусалим. Зашто наскоро Господ ќе тргне кон Ерусалим, на Своето последно патување, на Својата доброволна Голгота. По влегувањето во Ерусалим, Он ќе ги истера трговците од храмот и ќе им рече: „Го направивте Мојот дом разбојничка пештера“[5], зашто местото на молитвата и на средбата со Бога станало место на корист и на трговија со она што е свето. А потоа, ќе биде предаден, ќе биде оставен и од оние што најмногу Му ветуваа. Како, на пример, апостолот Петар, кој му рече дека и во смрт ќе оди со Него, а потоа трипати се откажа. „О роде неверен и развратен“ – тоа е секој од нас, кога во решавачкиот момент не наоѓаме сили да останеме верни.
Но, возљубени, зошто Господ ги кажува овие строги зборови? Не за да нѐ обезнадежи, туку за да нѐ разбуди. Зашто Он знае дека по Воскресението сѐ ќе се промени. Апостолите, кои сега се плашливи и колебливи, по Педесетница ќе станат храбри Христови исповедници. Ќе го прошират Евангелието по целиот свет, дури и по цена на своите животи. Знаеме дека сите апостоли – заради вистината која ја видоа во Воскресението и Вознесението Господово – маченички пострадаа за Христа и влегоа во Неговата радост. И до денеска се таму, кај својот Господ, и се молат за целата Црква.
Второто Евангелие, пак, беше чудесната парабола за работниците во лозјето[6], која Господ ја кажа за да ни го открие лицето на Царството небесно. Царството, вели, прилега на домаќин кој уште рано наутро излегол по улиците да повика работници за своето лозје. Тој се договорил со нив за една дневница и ги испратил да работат. Но потоа повторно излегол, и во третиот час, и напладне, и попладне, и секогаш наоѓал уште луѓе кои стоеле без работа, па и нив ги испраќал во своето лозје. И во единаесеттиот час, кога веќе заоѓало Сонцето, нашол уште други, и нив ги повикал. Накрај, кога дошло време да бидат исплатени, господарот им рекол на слугите: „Исплатете ги сите, почнувајќи од последните до првите.“ И на сите, и на оние од единаесеттиот час и на оние од раното утро, им дал иста плата. Тогаш првите се побуниле: „Ние ја истрпивме целата жега, работевме целиот ден, а добиваме колку овие што дојдоа на крајот?!“ А господарот им одговорил: „Зарем не се договорив претходно со вас за таа цена? Или вашето око е завидливо затоа што јас сум добар?“[7]
Колку е ова необично за нашиот човечки ум, а колку е длабоко за нашето срце! Оти тука Господ не зборува за праведноста во човечка смисла, не зборува за заслуги и за мерење. Он зборува за Својата огромна и неизмерлива милост, за Својата љубов која го надминува секое наше пресметување. Нам, на сите, ни е ветено Царството небесно. Ветено ни е да го гледаме лицето Божјо. Уште овде, во овој живот, ние се соединуваме со Христа, ставаме еднокрвни, еднотелесни со Бога, Кој се воплоти заради нас. Ние сме создадени за вечност. И тоа е огромна привилегија.

Ако јас уште од младоста почнам да Го љубам Бога, тоа е привилегија, а не мака. Ако целиот живот се трудам, постам, се молам, се подвизувам – тоа не е товар, туку пат на љубовта. Но некои не го слушаат Божјиот глас навреме. Некои ќе го слушнат дури на половината од својот живот. А некои дури на крајот, кога веќе заоѓа сонцето на нивниот живот. Мислите, Господ ќе ги остави? Не. Бог сака сите да се спасат и да Го гледаат Неговото лице, зашто сите се деца Негови. И затоа, кога ќе видиме дека некој грешник, некој за кого сме мислеле дека е изгубен, ќе го слушне гласот Божји и ќе дојде во храмот, да не велиме: „И овој ли тука? Па до вчера каков беше!“ Не. Да речеме: „И овој наш брат, кој изгубен беше, се најде. Сега и тој ни е сопатник кон Царството Божјо. Слава Му на Бога!“ Тоа е духот на Евангелието. Тоа е духот на Црквата.
Оваа година, возљубени, неделниот ден посветен на свети Јован Лествичник се совпадна со споменот на две групи маченици, две четириесетки Христови сведоци, кои со крвта своја го исполнија евангелското слово.
Првата група се светите Четириесет маченици пострадани во Севастиското езеро[8], четириесет римски војници од Кападокија, кои цврсто верувале во Господа Исуса Христа. Во 320 година, кога настанало гонење на христијаните во времето на императорот Ликиниј, биле изведени пред суд затоа што не сакале да принесат жртва на идолите, на лажните богови, како што бил обичајот кај Римјаните. Еден од војниците, свети Кандид, излегол и рекол дека нивната вера ги прави подобри и поисполнителни кон законите на државата, но дека не е добро луѓето да се поклонуваат на лажни богови: „Не само војничката чест, туку и телата наши земи ни ги; нам не ни е ништо помило и почесно од нашиот Бог Христос.“
И тогаш овие четириесет храбри души биле изложени на страшни мачења. Во една ледена зимска ноќ, биле фрлени голи во замрзнатото езеро крај Севастија. А на брегот, наспроти нив, мачителите распалиле загреана бања, за да ги искушуваат: кој ќе се откаже од Христа, веднаш ќе биде спасен од студот. Еден од четириесеттемина се уплашил, ѝ подлегнал на малодушноста и тргнал кон бањата. Но штом влегов во неа, веднаш умрел. Тогаш, над главите на мачениците се појавиле триесет и девет светли венци кои слегувале од небото, додека еден немал каде да застане[9]. И еден од стражарите на брегот, по име Аглај, го здогледал тоа чудо и сфатил дека четириесеттиот венец останал без сопственик, зашто еден се откажал. Тогаш обземен од благодатта Божја, ја фрлил својата војничка облека и влегол во замрзнатото езеро, извикувајќи: „И јас сум христијанин!“ И го пополнил бројот на четириесетте маченици. Тој, последниот, од единаесеттиот час, го примил својот венец рамноправно со оние кои од почетокот стоеле во езерото. Како што вели Евангелието за работниците во лозјето: и последните ја добиваат истата награда, зашто Господ е добар и сака сите да бидат во Неговото Царство.
Втората група маченици се нашите Битолски преподобномаченици, кои пострадале при освојувањето на Битола од Османлиите, околу 1385 година. Битола во тоа време бил голем и благословен христијански град, наречен уште и „Манастир“ поради бројноста на своите цркви и манастири, на број околу седумдесет.

Кога Османлиите ја освоиле Битола, настанале страшни крвопролевања и насилства. Но народот пружил жесток отпор, поткрепуван особено од монасите, кои непрестајно го поучувале и го храбреле народот да не се откаже од прататковската вистинска вера. Најревносните проповедници, триесет и девет монаси од повеќе битолски манастири и скитови, се повлекле во манастирот на свети Георгиј Победоносец. Но најпосле Османлиите дознале каде се кријат и ги заробиле. Најнапред се обиделе со ветувања за богатство и почести да ја скршат нивната вера, потоа ги измачувале, но сѐ било попусто. Им праќале учени муслимански теолози да ги одвратат, но монасите, мудро темелејќи ги своите зборови на Светото Писмо и на светоотечкото Предание, постигнале победа во дијалогот. И тогаш се случило нешто неочекувано: преведувачот, еден Турчин по име Хасан, кој им служел како толкувач при расправата, бил толку обземен од духовната длабочина и од необичната храброст на овие блажени души, што громогласно извикал: „Голем е Бог на христијаните, и јас сум Христов!“[10] Го обзела благодатта Божја, се просветлил и поверувал во Христа. Тогаш разјарените освојувачи се нафрлиле на својот сонародник, го претепале, а потоа го фрлиле во затвор заедно со останатите Христови исповедници. Утредента, кога увиделе дека монасите се непопустливи, ги осудиле на смрт сите четириесетмина и ги повеле кон Баирскиот рид, каде што им ги отсекле главите. И до ден денес, во Битола има огромен култ кон овие Христови страдалници. Местото каде што биле посечени и денес се нарекува Кркардаш[11], „четириесет браќа“, и таму се наоѓа храмот изграден над каменот каде што била пролеана нивната маченичка крв.
Гледате ли, возљубени, како евангелското слово не е теорија, не е апстракција, туку е живот? Како она што Господ го кажал со толку едноставни зборови, за работниците и за часовите, се исполнува низ историјата, се исполнува до ден-денес во телото на Црквата? Оти токму тоа и е целта на Црквата: да ни покаже дека Евангелието е живот, и дека тој живот го посведочија безбројните светители, преподобни, исповедници и маченици низ вековите. И Хасан, тој човек којшто дошол како преведувач, кој дотогаш живеел во друга вера, го слушнал гласот Божји во единаесеттиот час и станал рамен на оние кои од почетокот стоеле во исповедањето. Го примил својот венец заедно со нив.
И така, мили мои, двете Четириесетки маченици, и Севастиските и Битолските, ни го потврдуваат истото евангелско слово: дека Бог го повикува човекот во секое време, и дека оној кој ќе одговори на повикот, макар и во последниот миг, ќе биде примен со иста љубов и со ист венец. Оние од нас кои уште од младоста се трудиме и постиме и се молиме – ние сме привилегирани, не оптоварени. Тоа не е мака, туку пат на љубовта. А за оние кои допрва ќе го слушнат гласот, да се молиме, да не ги осудуваме, туку да ги чекаме со радост, зашто Бог не ја сака смртта на грешникот, туку сака сите да се спасат и да бидат живи.[12]
По молитвите на свети Јован Лествичник, по молитвите на светите Севастиски и Битолски маченици, Бог да нѐ помилува и да нѐ спаси, да ни даде добар дух и уште погорешта молитва до крајот на светата Литургија, за да бидеме удостоени да се причестиме со Светите и Божествени Дарови – со самото Тело и самата Крв на нашиот Господ и Спасител Исус Христос! Амин.
[1] сп. Марко 9, 17-31; Матеј 17, 14-21; Лука 9, 37-43.
[2] Матеј 17, 17.
[3] Марко 9, 23-24.
[4] сп. Марко 9, 29.
[5] сп. Јован 2, 13-16; Матеј 21, 12-13.
[6] Матеј 20, 1-16.
[7] Исто, 15.
[8] Светите четириесет маченици пострадале во 320 година, во времето на гонењата на императорот Ликиниј, во Севастија, Мала Азија (денешен Сивас, Турција). Сп. Охридски пролог, 9/22 март.
[9] сп. Свети Василиј Велики, Беседа XIX: „За Светите четириесет маченици“ (Homilia XIX, In quadraginta martyres Sebastenses, PG 31, 507–526).
[10] Според житието, преведувачот Хасан, по потекло муслиман, бил задолжен да преведува за време на теолошката расправа помеѓу монасите и муслиманските учители. Обземен од благодатта Божја, тој громогласно извикал: „Голем е Бог на христијаните, и јас сум Христов!“ – и се причислил кон маченичкиот собор. Сп. Синаксар на Светите четириесет битолски преподобномаченици.
[11] Местото Кркардаш (од турскиот Kırk Kardeş – „четириесет браќа“) на Баирскиот рид во Битола, каде се наоѓа и денес храмот посветен на светите Четириесет маченици.
[12] сп. Језек. 33, 11: „Жив сум Јас, вели Господ Бог, не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се врати од патот свој и да биде жив.“











