Во секој крст Христос е со нас

Слово на Преосветениот Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, на Вечерната богослужба за празникот Воздвижение на Чесниот Крст во Рајчица, на 13/26 септември 2025 лето Господово


Сечесни отци,
преподобни монаси и монахињи,
возљубени браќа и сестри
,

Да Му вознесеме, пред сѐ, благодарност на дародавецот Бога што и ова лето Господово нè удостои да пристигнеме до светлината на овој величествен празник, до навечерието на Воздвижението на Чесниот Крст.

Во старозаветните четива што беа прочитани на Вечерната богослужба, слушнавме за неколку праслики што го предобразуваат светиот Крст Господов. Три беа тие четива, но освен во нив, и во останатиот цел Стар Завет можеме да подразбереме многу сенки и претсказанија коишто ја најавуваат оваа велика тајна. Оти, Крстот е оружје на мирот, тајна возвишена и надумна: кој би можел да замисли дека Творецот на вселената ќе се понизи, ќе стане човек и ќе биде предаден на смрт, и тоа на крст – орудие за срам и за мачење во Римската империја? Но токму таму, на Голгота, на местото Черепница, каде што според сведоштвото на светите отци бил погребан праотецот Адам, таму беше возвисен новиот Адам, Христос. И таму, преку Крстот, се оствари таинството на спасението на целото човештво.

Во прочитаните текстови се спомна и чудото што го направи Бог преку Мојсеј во Мера: горчливата вода, што Израилците не можеа да ја пијат во пустината, стана слатка кога Мојсеј фрли дрво во неа, што му го беше покажал Бог[1]. Зарем Господ не можеше со збор да ја престори водата во слатка? Меѓутоа избра токму дрво, за да покаже дека преку дрвото крстно, на кое ќе биде распнат Синот Божји, горчината на човечкиот живот ќе се претвори во сладост и благодат. Навистина големи и преславни дела изврши Господ заради нас. Ние сме наследници на верата на која основоположник ѝ е единиот вистински Бог и верата во којашто Он се открива, во која постојано е присутен. Беспочетниот Бог Света Троица е темелот на нашата вера; и ние се именуваме Христијани, зашто токму Оној Кој се распна на Крст е наш Основател и Глава[2].

Во Стариот Завет има безброј праслики за Крстот Господов. Така, пред влезот на Израилците во Ветената земја, тие требало да се борат со народите што ја населувале, меѓу кои и Филистејците и Амаликијците. Тогаш Мојсеј, избраниот пророк на Божјата благодат, застанал на врвот на една гора и ги раширил своите раце во облик на крст. Додека неговите раце биле воздигнати, Израилците победувале, но кога од старост и изнемоштеност ги спуштал долу, тие почнувале да губат. Тогаш Аарон и Ор, неговите најблиски соработници, ги поддржувале неговите раце, така што тие останале издигнати до зајдисонце, и Израилците извојувале победа[3].

Би сакал сега малку да се задржиме на третото четиво од оваа вечер – пророштвото на светиот пророк Исаија за Ерусалим. Тој сведочи дека овој град ќе стане славен, и сите цареви ќе доаѓаат при него, ќе Му се поклонуваат на Господа и ќе принесуваат дарови пред нозете Негови:  ќе ти се поклонуваат пред нозете твои сите што те презираа; ќе те наречат град на Господ, Сион на Светецот Израилев[4]. Тоа пророштво се исполни на Голгота, каде што на подножието на нозете Господови се воздвигна Крстот – средиштето на светот и извор на нашето спасение. На денешен ден ја празнуваме великата благодат, славата на Ерусалим, кога преку светата царица Елена беше победоносно издигнат чесниот Крст Господов. Таа, царицата на моќната Римска империја, и нејзиниот син, светиот цар Константин, биле луѓе силно просветлени од Бога. Свети Константин имал божествено видение: на небото над него блеснал ѕвезден крст со натписот: „Со ова победувај“ (ἐν τούτῳ νίκα)[5]. И со помош на силата Божја, тој со знакот на Крстот ја победил многу побројната војска на својот противник Максенциј. Исполнет со вера, заедно со својата мајка, тој тргнал кон светиот град Ерусалим. Таму света Елена, со неискажлива љубов, изградила многу храмови, меѓу кои и величествениот храм на Воскресението, на местото каде што бил најден чесниот и животворен Крст Христов.

Во пророштвото на светиот Исаија понатаму слушнавме: Затоа што беше изоставен и намразен, така што никој не минуваше преку тебе, – Јас ќе те направам вечна слава, и радост од поколение во поколение[6]. И навистина, седумдесеттата година по распнувањето Христово, римскиот император Тит наредил Ерусалим целосно да биде разорен, градот да се израмни со земјата, дури и улиците негови да бидат изорани[7]. Така светите места паднале во заборав за сите, освен за Христовите следбеници. Тие со светол спомен ги чувале делата Господови во Ерусалим и го предавале споменот на светите места од поколение на поколение . И ете, за да се исполни и другото пророчко слово – дека царевите ќе дојдат и ќе се поклонат на подножието на нозете Негови – Бог ги испрати најголемите цареви на тогашниот свет, рамноапостолните Константин и Елена, да се поклонат пред Господовото Дрво. Светата Елена изгради величествен храм на Голгота, на Пресветиот Гроб Господов, храм толку голем и прекрасен што ја восхитувал тогашната вселена. Тој храм бил осветен токму на празникот Воздвижение на Чесниот Крст. Иако подоцна бил разурнуван од Сарацените и од муслиманите, повторно бил возобновуван, а местата на страшната Голгота и на Пресветиот Гроб останаа засекогаш означени и сочувани.

По милоста Божја, и ние, како претставници на нашата света Црква, пред три години бевме удостоени да го посетиме Светиот град и да отслужиме Божествена Литургија токму на денот кога некогаш цар Константин со големо торжество ги собрал сите архиереи од вселената да се поклонат на Животворното Дрво и да го видат величествениот храм на Воскресението. И тогаш, како и некогаш, беа собрани архиереи од целиот свет. Претходната вечер, отслуживме света Литургија и во Пресветиот Гроб. А мене, недостојниот, Господ ме удостои таму, на македонски јазик, да ја изговорам архиерејската молитвата за народот Божји: „Господи, Господи, погледни од небото и види и посети го ова лозје и утврди го, што го насади Твојата десница.“[8]

Така, гледате, возљубени, дека Господ уште од времето на Стариот Завет навестувал како ќе се изврши спасението. Пророците, просветлени од Духот, меѓу кои и светиот Исаија, проѕреа во тајните на Божјата промисла и предвидоа дека преку Крстот ќе дојде избавувањето на светот. И навистина, тоа се исполни: на Голгота се распна Синот Божји, и преку Крстот и преку Своето славно Воскресение го спаси светот[9].

Затоа, браќа и сестри, да размислуваме длабоко за оваа голема и света тајна на Крстот. Секој од нас носи крст, и Господ нè повикува да го носиме достоинствено: Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене[10]. Некој можеби ќе рече: „Тешко е, Господ многу бара од нас.“ Но да знаеме: сите луѓе на овој свет носат крст, и верните и оние што не веруваат. Сите имаат искушенија, болести, страдања, борби. Сепак, разликата е што христијаните, носејќи го својот крст со вера, го преобразуваат во надеж и во воскресение. Господ вели: Бремето Мое е лесно и јаремот Мој е благ[11]. Зошто? Затоа што Он Самиот чекори со нас, нè утешува и нè крепи. По секое искушение, по секоја смрт, доаѓа воскресение. Во секој крст Христос е со нас, и токму Неговото присуство го прави бремето благодатно. Господ не ги брои нашите падови. Кога би ги броел, никој од нас не би можел да се спаси: Ако на беззаконијата се загледаш, Господи, Господи, кој ќе опстои?[12] Но Он го чека нашето покајание, ги собира нашите солзи пред Себе[13], и кога ќе види во нас барем искрена желба да се исправиме, да се покаеме, нè пресретнува со милост. Тогаш крстот што го носиме станува благ и свет, зашто води кон воскресение.

Нека ни даде сила Пресветиот Бог да ги носиме своите животни крстови со трпение и со смирение, за да бидеме удостоени да го доживееме и да го дочекаме Неговото славно и спасоносно Воскресение.

Амин.


[1] Исход 15:23-25.

[2] сп. Ефес. 5:23.

[3] сп. Исход 17:8-13.

[4] Исаија 60:14.

[5] сп. Евсевиј Кесариски, Животот на Константин, I, 28.

[6] Исаија 60:15.

[7] Сп. Михај 3:12; Лука 19:44

[8] Псалм 79:14-15.

[9] сп. Филип. 2:8-9; Јован 3:14-15.

[10] Матеј 16:24.

[11] Матеј 11:30.

[12] Псалм 129:3.

[13] Псалм 55:8.