Можеме да бидеме искусни во литургиската практика и успешни во традициите, но ако немаме милост и љубов, всушност, духовно сме промашиле. Нашиот Бог Сам ги направи љубовта и милоста основни критериуми според кои ќе бидеме судени во последниот ден. Исполнувањето на Законот е љубовта, а не литургиската практика, како што сметаат фарисеите.
Ако ја гледаме нашата православна вера само во контекст на литургиската практика и во траењето на богослужбите, но не ги љубиме другите, нема да стекнеме ништо со вечна вредност. Ако не покажеме сострадалност и милост кон секој што ќе го сретнеме, ќе направиме тежок престап против православната вера и ќе застанеме пред Бога без да имаме нешто да покажеме од нашиот живот.
Нашите богослужбени ритуали и религиозни традиции немаат никаква вредност, ако немаме љубов и милост. Кога се поставуваме со искрена, евангелска љубов кон другите, ние стануваме Божји соработници, бидејќи нашата христијанска љубов и милост се нај божествената особина, којашто му е достапна на човечкото создание. Нашата милост е израз на нашата љубов кон Бога, бидејќи во нашата љубов кон Бога, милоста ни се излева врз оние кои страдаат и врз оние кои се болни и беспомошни по тело и дух. Нашата христијанска љубов извира од љубовта и е конкретен израз на љубовта.
Религиозните ритуали и практики не се цел, туку патишта со кои влегуваме во длабока врска со Бога, Кој е Љубов. Самата суштина на нашата христијанска вера е љубовта, зашто и Самиот Бог е љубов. Па така, христијанскиот морал, нашата етика, па дури и нашите богослужби и ритуали се незамисливи во отсуство на љубовта. И таа љубов не е едноставно чин којшто се пројавил од чувство за морален долг, туку нешто што го сврзува нашиот видлив свет со оној невидливиот, небесен свет. Едниот свет е привремен, а другиот вечен. Но и двата се создадени од Бога. Ние во овој, привремениот, се подготвуваме за идниот, вечниот свет. А милоста и љубовта се средствата кои нѐ поврзуваат со него.