Ако си направил грешка, сега имаш можност да ја претвориш во златна прилика. И таа можност постои во секој миг. Дури и нашите гревови и нашите страшни падови, кои за жал ги имаме, ако ги исползуваме, стануваат големи благодејанија. Ако пристапиме кон раната со смирение и покајание, тогаш таа навистина се исцелува. Станува извор на смирение и покајание, на голема скрушеност и благодат кај човекот. Не зборувам за самиот грев, туку за правилниот однос кон искушението.
Затоа, кога негодуваме и не пројавуваме трпение, да не одиме до таму што да ги обвинуваме другите, нашата работа или нешто друго. Суштината на проблемот е во тоа што длабоко во себе, ние не Го љубиме Бога со целото срце. Да Го љубев така, ќе трчав како св. Георгиј, кој трчал со вжештени обувки внатре со заковани клинци. Тој не велел: „Море колку лоши луѓе, ми ставија вакви чевли! Како не им е срам! Злосторници и ѕверови!“ Ништо од сето тоа, туку ги облекол со радост и така трчал додека си велел: „Трчај Георгиј за да Го примиш Господа по Кого копнееш!“ Бил рамнодушен кон оние што му ги ставиле тие чевли. За него значајно било да ги облече и да трча зашто пред себе Го имал љубениот Господ. Затоа и светиот апостол вели: „Со трпение да го изминеме претстојното поприште, браќа, имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата – Христос, Кој заради претстојната радост, претрпе крст, откако го презре срамот и седна оддесно на престолот Божји“.
Гледаме само напред, не ги гледаме надворешните работи бидејќи сето тоа е неважно за нас. Како што оној, кој трча на стадионот, не застанува за да ги гледа трибините, или како што возачот не гледа лево и десно туку внимава на својата цел! Таквиот е „атлет“ на духот. Тој не бара кој е виновен, дали некој сака да го експлоатира и дали е жртва – сето тоа се изговори. Тој ја гледа целта, а целта на мојот живот е љубовта кон Бога. Мојот брак, моите деца, немањето деца, среќата или пропаѓањето на мојот брак, мојата смрт, мојата среќа или несреќа, сето тоа се крштева во мојот однос со Бога и во целта на моето постоење – љубовта кон Него.
Ако човек го разбере ова уште на почетокот и го внесе во себеси, дури и кога ќе сака да се жени, и силно ја љуби својата сопруга зашто тоа е природно, тој ќе знае дека сето ова е само дел од патот кон вечноста. И јас самиот, и жена ми, и моите деца имаат една цел, која ја надминува дури и целта на бракот. Основната цел на бракот не е самиот брак, ниту децата, ниту љубовта меѓу нас, зашто во бракот може да нема љубов и во одреден момент може да се распадне, а има и семејства без деца. Целта на бракот е љубовта кон Бога. Облаготвори го својот брак со Божјата љубов, држи се цврсто за тоа и не плаши се од ништо. Тогаш ќе наликуваш на атлет кој трча и стигнува до целта, ја зема првата награда и навистина е блажен, зашто ја постигнал суштината на своето постоење, го пронашол она што му е потребно. Сите други работи се под знак прашалник, зашто нашата природа е така создадена, та што и да правиме не можеме да најдеме спокој во ништо друго освен во Бога. Само во Него наоѓаме успокојување, полнота. Во другите нешта само делумно наоѓаме мир и задоволство, дури и сѐ да оди добро, секогаш ќе има нешто што не нѐ исполнува. Таа празнина може да ја пополни само Божјото присуство, кое не се ограничува во рамките на овој свет. Ниту монаштвото, ниту бракот, ништо од ова не дава полнота само по себе, туку тоа се средства – и монаштвото, и бракот, и мисионерството и сите подвизи. Целта е Божјата љубов. Ако нашиот подвиг води натаму, тогаш тој ја постигнал својата цел.
Затоа, полнотата на сѐ е љубовта, но не љубовта – идол, туку Бог Кој е љубов. За нас, деца, љубовта е Христос. Он е нашата љубов. За нас љубовта е Личност, а не идеја. Затоа ви реков дека Бог е љубов, но љубовта не е бог. Ние Го љубиме Христа, а не љубовта, и не слободата, не идеите за тие нешта, туку конкретна Личност, Богочовечката Личност на нашиот Господ Исус Христос, Кој направи сѐ за нас. Таа Личност постои во и преку Црквата. Ние сме Црквата, и Црквата се соединува во Евхаристијата. Христос ни се дава како Евхаристија, како света Причест. Ние се соединуваме, стануваме едно со Него во тоа општење на љубовта, во Таинствата, во Црквата, во своето срце, во целото наше суштество. Тоа е најголемото доживување што човек може да го има. Тоа е бескрајно, нема граници, не се ограничува, нема да кажеш: „Е колку време ќе трае таа љубов, ајде, колку години? Вечно ли ќе Го љубиме Бога? Нема ли да оладиме? Мед да е ќе се наситиш, ќе речеш доста е веќе мед! Ајде да се напиеме малку и оцет!“ Да, тоа можеше да се случи ако Бог имаше граници, но токму затоа што Он е неограничен, неопфатлив, затоа човекот влегува во таа врска, во таа несфатлива динамика и никогаш не престанува да љуби. Затоа не може да се презасити и да каже: „Е премногу ми дојде веќе! Доволно е! Ми се смачи, не сакам повеќе!“ Во човечките дела тоа може да се случи – и најубавото ни здосадува. Но кај Бога е поинаку и Бог не го изморува човекот. Бог никогаш нема да нѐ умори, никогаш нема да создаде чувство на празнотија во нас, нема да нѐ остави сами и празни. Љубовта кон Бога е таков восхит, што тогаш човекот навистина е во состојба на постојана воодушевеност, умиление и славословие, пред лицето на бескрајниот и полн вкус на Божјата љубов што ја чувствуваме преку запазувањето на Божјите заповеди.
Сите заповеди, и поуки, и совети на Црквата, не се ништо друго освен лек што ни се предлага за да го исцелиме нашето острастено и немоќно „јас“ и тоа да започне да функционира природно – како љубов. Тогаш човекот навистина станува образ и подобие Божјо, станува милосрден, како што е милосрден нашиот Отец Небесен!