Да Го љубиме Христа, и единствена надеж да ни биде Он. Да Го љубиме заради Него, а никогаш заради нас. Нека нѐ стави каде што сака, нека ни даде Он што сака. Ние да не Го љубиме заради Неговите дарови. Бидејќи егоизам е да велиме: „Христос ќе ме стави во Своето убаво живеалиште што го има направено. Христос го има веќе подготвено, па и Евангелието зборува за тоа: Во домот на Мојот Отец има многу живеалишта… За да бидете и вие таму каде што сум Јас“. Правилно би било да велиме: „Христе мој, како што сака Твојата љубов. Мене ми е доволно да живеам во Твојата љубов“.
Јас кутриот, што да ви кажам… многу сум слаб. Не успеав толку многу да Го возљубам Христа, мојата душа да копнее по Него. Чувствувам дека сум многу назад. Така се чувствувам. Немам стасано таму каде што сакам, не ја живеам таа љубов. Но не очајувам, туку ѝ се доверувам на Божјата љубов. Му велам: „Христе знам дека сум недостоен. Испрати ме таму каде што сака Твојата љубов. Само тоа го посакувам, тоа го барам. Во животот секогаш Тебе Ти служев“.
Кога бев тешко болен и речиси пред заминување на небесата, не ни сакав да мислам на моите гревови. Сакав да мислам само на љубовта на мојот Господ, на мојот Христос, и на вечниот живот. Не сакав да се плашам. Сакав едноставно да си одам при Господ и да мислам на Неговата благост, на Неговата љубов. И сега, како што се ближи крајот на мојот живот, немам страв ни ужас, туку си мислам дека кога ќе се појавам на Второто Христово пришествие, и кога Христос ќе ми рече: „Пријателе, како влезе овде, без свадбена облека?“, јас ќе ја наведнам главата и ќе речам: „Господи мој, како што сакаш Ти, и како сака Твојата љубов, така нека биде. Знам дека не сум достоен. Испрати ме каде што сака Твојата љубов. Достоен сум за во пеколот. И во пеколот да ме ставиш, само да бидам со Тебе. Едно сакам, една желба имам, едно барам, да бидам со Тебе, каде што сакаш и како што сакаш Ти“.
Се трудам да се предадам на љубовта и служењето на Бога. Свесен сум за својата грешност, но живеам со надеж. Лошо е да очајуваш, бидејќи разочараниот се огорчува и ги губи својата сила и елан. А тој што се надева, напредува. Се труди да се збогати, затоа што чувствува дека е сиромашен.
И покрај тоа што се чувствувам толку слаб и знам дека не го постигнав она по што копнеам, јас сепак не очајувам како што ви реков, ме утешува тоа што не престанувам да се трудам. Но не го правам она што го сакам. Молете се за мене. Работата е во тоа што не можам безрезервно да Го возљубам Христа без Неговата благодат. Христос не остава да се покажува Неговата љубов, доколку мојата душа нема нешто со што би Го привлекла кон себе.
И можеби токму тоа ми недостасува, па затоа Го молам и велам: „Христе мој, многу сум слаб. Само Ти со Твојата благодат ќе успееш да ме удостоиш, како што си го удостоил и апостолот Павле кој се радувал и се фалел, па да можам и јас заедно со него да речам: Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“.
Ете со тоа се занимавам. Се трудам да наоѓам начини да Го возљубам Христа. Таа љубов е ненаситна. Колку повеќе Го љубиш Христа, толку повеќе мислиш дека не Го љубиш и копнееш уште повеќе да Го возљубиш. Меѓутоа, незабележливо одиш сѐ повисоко и повисоко.