Лариса Хрусталјова и македонската духовна традиција

Вера Стојчевска Антиќ
✣ ✤ ✣

ЛАРИСА ХРУСТАЛЈОВА И МАКЕДОНСКАТА
ДУХОВНА ТРАДИЦИЈА
✣✤✣

„Бели галеби летаат над моето сино езеро,
како
сини ангели над синото небо.
Нити
галебите би биле бели,
нити езерото сино,
ако големото сонце не го отвореше
своето око
над
нив.“

Молитвите испеани од
владиката Николај Велимировиќ крај Охридското езеро во првата половина од 20.
век, особено деветтата и петнаесеттата чиј фрагмент е мото на текстот, ја
воодушевувале Русинката Лариса Хрусталjoва. Наведната над стоте молитви еден
ден случајно се запрашала кое е тоа инспиративно езеро, каде се наоѓа, посакала
да допре до него. Таа во воведот нагласува:„Јас размислував: а каде се наоѓа
тоа необично езеро во Охрид, крај кое Балканскиот Златоуст напишал толку проникливи стихови?“ И така љубопитната
професорка и голем патник еден ден дојде да го посети Езерото и Македонија.
Дваесет
и тридневниот престој во Македонија го донесе во Русија нејзиниот патописен пејзаж, книгата насловена „Белите
птици на Македонија“. Во Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ во моите раце
се најде неодамна нејзиното извонредно презентирање на неодминливата македонска
културна и духовна традиција, претставена во современи рамки во богатството на
надалеку познатата руска литература.
Рускиот рецензент
на книгата Вадим Наговицин заклучува:„Срцето на саканата земја и душата на
секој народ се определува со духовните вредности. Православните светињи ни ги откриваат
срцето и душата на Македонија – толку мала и бескрајно блиска за нас земја.
Прочитајте ја оваа забележлива книга и Вие со целата душа вљубете се во прекрасната земја Македонија.“
Лариса
Хрусталјова ја претставува резимирано историјата на Македонија, потенцирајќи ги
нејзините старини кои ја исполнуваат нејзината културна и духовна суштина. Ја нагласува нејзината библиска препознатливост, во која
денес открива трајни вредности, „…огромен број цркви, манастири со ретки фрески, археолошки паметници,
стари книги и икони, уметнички ракотворби“.
Мошне интересен е
откривачкиот монашки живот во македонските
манастири. Престојот ѝ ги открива скопските цркви „Св.Петка“ и соборната „Св.
Климент Охридски“. Потоа љубопитниот посетител е воодушевен од природните
откритија долж реката Радика, за да стигне во Бигорскиот манастир. Интересно е
со колкави високи патописни одлики се одликува нејзиниот патопис, со колкава љубов ги опишува вредните монаси од „Св. Јован
Крстител“ и монахињите од „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица. Во детали го
опишува Бигорскиот манастир, впечатоците од нејзината неповторлива градба,
нејзината соба која ја воодушевува со
топлината на вкусната подреденост, со иконите на белите зидови, со црквата која
сјае, не заборавјќи да ја истакне важноста на чудотворната икона на Св. Јован
Крстител, моштите на светителите, севкупниот церемонијал на богослужбите во
византиски стил, фреските изработени од македонските зографи. Притоа Лариса
стапува во контакт со искушениците Александар и Коста. Таа во Александар (денес
монах Еразмо) открива „интелигентно лице, меки манири, добар англиски јазик“,
а од отецот Сергеј е воодушевена поради неговиот благодарствен однос кон подароците наменети за него од Лариса:
просфорите донесени од Троицко- Сергиевата лавра, иконите, масло од моштите на преподобниот Сергеј. Авторот на
текстот не го прескокнува возбудливиот настан со отец Макариј, почитувач
посебно на „Житието на блажена Матрона“, а гостинката го изненадува со поклонетата
икона на Блажената.
Цело поглавје му
е посветено на архимандритот Партениј, чиј текст со самиот вовед
заклучува:„Отец Партениј – еден од избраниците Божји , повикани кон служење на
Господа од рана возраст“. Знае да ги нагласи неговите средби и добиените
благослови од старецот Клеопа, како и од старецот Пајсиј во Света Гора. Во
Света Гора ја почувствувал топлата братска љубов и се јавува како игумен и
архимандрит на Бигорскиот манастир,
возобнавувајќи го во величествена градба на МПЦ. Успешно го внесува духот на Светогорските братства. Со
истите усилби и голема љубов кон Бога го организирал женскиот монашки живот во
Рајчица. Лариса понесува убави импресии од овој манастир и од вредните
монахињи, Варвара, Ана, Елисавета, Харитина и други.
Патописецот воодушевено воскликнува
пред синилото на Охридското Езеро: „Пред нас, широко се распрснало прекрасното
Езеро од моите фантастични соништа. Ах,
колку необично е убаво!“ Верзираната авторка на книгава не го одминува Св.
Климент Охридски, ниту патописците од рангот на В. Григорович, Н. П. Кондаков.
И таа запира пред црквата „Св. Софија“, пред „Св. Јован“- Канео, долж
охридските улици, пред спомениците на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент
Охридски, кои ја создадоа словенската писменот, со основа од македонската словенска традиција.
Патописецот понесува впечатливи
импресии од „Св. Јован Богослов“ во Канео. Нејзините описи на црквите и
манастирите се индентично сликани, така што и намерникот кој никогаш не бил во
Македонија ќе добие сликовита претстава за местоположбата на старините и
спомениците. Притоа, верзираната авторка во контактите со охридските старини се
присетува дека пред истите слики крај Езерото се нижеле соодветните молитви,
кои потсетуваат на сегашниот свечен традиционален дух и слики. Крај „Света
Софија“ се запознава со професорот Гоце од Духовната семинарија, со двајца негови
ученици. Плаошник го препознава преку знаменитата Охридска школа на Св. Климент.
Лариса со голема љубов им приоѓа на сите црковни градби, кои евоцираат библиски
и уметнички стихови од развојните етапи на христијанската историја, како на
пример, Св. Богородица во Каменско, Св.
Богородица Перивлепта, Богородица Челница, Св. Еразмо. Во Струга импресиите
продолжуваат, во градот на Миладиновци, за кои авторката е добро верзирана.
Песните на Есењин се слеваат во Струшкото крајезерие. Во манастирот „Калишта“
ги согледува корените на пештерските цркви, се до границата со Албанија.
Навраќањата во
манастирот во Јанкоец и кон сестрата Параскева се надоврзуваат на низата
убавини откриени и претставени од неуморниот аналитичар и познавач на духовната
душа на Македонија. Тоа го открива „Курбиново“, „Св. Богородица “ Слимничка, за
да се сконцентрираат духовните македонски лаци во рајскиот манастир „Св. Наум“,
каде што се редат бројни чуда и по
смртта на Светителот. Неуморниот патописец изделува чуда од изворните
материјали и раскажувања.
На патот не ги одминува градбите во
Битола и Прилеп, особено прочуените духовни хранилишта „Зрзе“, „Тресаквец“, „Богородица
Пречиста“ Кичевско, Слепче, Журче. Застанува пред величието на Преспа, на Голем
Град. Запозната со историјата на црковната култура во Македонија не можела да
ги одмине културните средишта на Струмица со „Велјуса“ и „Водоча“, како и со
„15 тивериополски маченици“. Се навраќа во радовишките градби, за да се врати
во Марковиот манастир, потоа во кањонот на Матка.
Како епилог
следува искрениот поетски заклучок на авторката: „Ви благодарам на сите вам,
БЕЛИ ПТИЦИ НА
МАКЕДОНИЈА – на светлите и прекрасни
души на луѓето, со кои судбината ме состави на ова
патување…“
Македонија и ги отвори поетските страници
од делата на Светите отци, на високите духовници и блажените подвижници, како
средиште на вкрстените световни духовни врвици и патишта на христијанските
подвижници на верата. Читателот на оваа книга ќе ги пронаоѓа и своите скриени
понирања во цивилизаторскиот простор на сопствените духовни извори и видици, кои
се пространи, широки и во согледливоста честопати несогледливи.