Љубовта треба да се покажува. Насушна потреба е да му кажеме на другиот дека го љубиме. Во храмот имаме потреба да му запалиме кандило на светијата, да го очистиме Божјиот храм, да го украсиме, да се радуваме на неговото благолепие, да го кадиме со темјан, да го гледаме и да се восхитуваме. Бог нема потреба од тоа. Но кога човек постапува така кон Бога и кон другите луѓе, тој добива соодветен одговор.
Така стојат работите. Ако кон Бога си вистинит, чесен, благороден, достоинствен, совесен, исполнителен, такви ќе бидат и другите кон тебе. Ако си брзоплет, расеан, мизерен, и го даваш тоа што е за фрлање, тогаш ќе си го ожнееш тоа што си го сееш. Ние сме налик на оние што даваат милостина од оние старите облеки што им се за фрлање. Ама тоа не е милостина! Тоа е празнење на гардероберот. Подобро фрли ги! За среќа има сега некои што ги купуваат и фрлените работи и ги рециклираат.
Милостина значи да ги донесеш твоите убави облеки, убавите предмети, па и убавата храна. Не онаа на која утре истекува рокот, а ти си ја донел денес. Кој ќе ја јаде? Милостина значи да го донесеш најдоброто. Се сеќавам на Света Гора, кога собиравме маслинки. Сум ви кажувал дека оној кој не собирал маслинки, не може да сфати што значи една капка масло. Од 9 кг., маслинки се добива 1 кг., масло. Кога ги гледав Старците – тие кога ставаа масло во храната со прст или парче леб го бришеа шишето со масло. Тогаш се прашував зошто прават така. Не разбирав. Подоцна сфатив. Собиравме маслинки со толку многу труд, и тоа среде зимата, со раце, не со рачни машини, не како сега. Ти доаѓаше никогаш да не пробаш масло.
Најпрвото масло, односно најдоброто, требаше да се однесе во храмот. Дури втората, третата рака одеше во нашата храна. Но, првото масло секогаш одеше во кандилото на Пресвета Богородица.
Еднаш имаше толку многу црви во маслинките и кога Старецот нѐ праша дали добивме масло, шегувајќи се му реков: „Не Геронда, добивме елеј од црви!“ Толку многу црви имаше во маслинките. Но, Бог ги благослови, јадевме од маслото и до сега ништо не ни стана, слава на Бога!
Принесувањето на најдоброто што го имаш ја обработува твојата душа. Тоа се случува и кога на брата си му даваш милостина и помош, кога на твоето семејство, сопруга, деца, им го даваш најдоброто, односно твоето време. Што ќе дадеш, тоа ќе добиеш. Што ќе посееш, тоа ќе жнееш. Ова е непроменлив закон. Затоа храмот, кој што е Божји дом, е местото каде нашиот живот се осветува. Уште во почетокот на животот нѐ носат во Божјиот храм и Бог нѐ благословува. И последното наше излегување ќе биде од Божјиот храм, па и сите останати собитија во нашиот живот ќе се случуваат во храмот. Кога го љубиме Божјиот дом и се грижиме за него, не роптаме и не велиме како Јуда што се соблазни од мирото со кое ги помазаа Христовите нозе: „Не можеше ли ова миро да се продаде и парите да се дадат на сиромашните? Зарем толку беше неопходно да се помажат нозете Христови?“ Ова го рекол затоа што се правел привиден филантроп, привидно милостив. И ние често, кога треба да дадеме милостина, или да направиме нешто за храмот велиме: „Тоа е луксуз, излишни трошоци“. Но, кога станува збор за нашиот дом, сала, трпезарија, автомобил, екскурзии итн., го правиме најдоброто. Тогаш не е луксуз.
(Продолжува…)