Бог сепак му дава на човекот, бидејќи е богат и има вистинско благородство. Едно ќе дадеш, илјадници ќе ти возврати, тоа е надвор од секаков сомнеж. Ти не Му даваш на Бога, Бог нема раце да земе, вели Свети Јован Златоуст. На кого ќе дадеш? Ќе ставиш во рацете на сиромасите – вели Светиот. Во рацете на бедните, односно тоа се добрите дела. Си направил ли добри дела? Ќе добиеш благослов од Бога. Едноставно, работите одат така. Обиди се и ќе видиш дека „Цел ден праведникот милува и дава на заем, и благословот пребива на него во веки“. Тој цел ден прави добри дела, разделува на сиромаси, и сѐ е полно во неговиот дом. Доколку ги чуваш парите само за себе, тие ќе пропаднат и на крај ништо нема да ти остане. Така е насекаде.
Божјиот храм е местото каде наоѓаме утеха, одмор, Го наоѓаме Бога – нашиот Татко, се молиме, се причестуваме со Божјите Тајни, храмот станува пристаниште во кое го наоѓаме благословот на Божјото присуство.
Се молиме и за:
Добротворите во овој свет и сечесен храм, за оние кои се трудат, пеат, се молат во него и за присутниот народ, кој очекува од Тебе богата и голема милост.
Во храмот присуствуваме сите луѓе – мали, големи, млади, стари, бедни, богати, официјални, неофицијални. Ако во храмот можевме да го видиме срцето на секого, ако имаше таква машина со која ќе можеа да се читаат мислите, ќе видевме дека секој од нас има што да Му каже на Бога. Секој ја носи својата борба, болка, крст. Дури и само тоа што човекот е таму е доволно. Некој не знае, можеби, од која причина дошол но останал. Ништо не разбира ама сепак вели: „Добро, штом веќе сум тука ќе останам“. Помислата му дошепнува: Тргни се кога веќе не разбираш! Што правиш тука? Но тој не се согласува: „Не пречи, ќе останам уште малку“.
Еднаш, додека исповедав, дојде еден млад човек и ме праша:
- Да се причестам ли вечерва?
- Ако си подготвен, причести се.
Тој ја затвори вратата. Влезе следниот човек. Го видов младиот надвор.
- Ќе се задржи ли? – праша за оној кој туку – што беше влегол, зашто сакаше потоа и тој да се исповеда.
- Приближно еден час.
- Не ни помислувај! Си одам! – рече тој.
На крај сепак остана, се исповеда и се причести. Имаше внатрешна борба, влегуваше, излегуваше, но остана.
Секој си има своја борба. На еден му е проблем човекот до него, на друг оној од спротивната страна, на трет оној напред. Сите сме во храмот. Како се вели во псалмот за постанокот – мали и големи животни. Сите сме внатре, но секој си има своја молба, го има своето јас, стоиме пред Бога и го очекуваме тоа што секој го бара, а Бог сигурно ќе му го даде потребното на сите, дури и ако некој човек од други причини се нашол таму.
Да ви кажам една вистинита случка. Во почетокот на нашиот век, кога луѓето биле бедни, за време на манастирските празници имало многу поклоници, мнозина се собирале од селата во близина на Света Гора и оделе таму дури и само за да каснат. Тоа се случило по Малоазиската катастрофа, луѓето преживувале многу маки. За време на славата манастирите готвеле за сите гости и тие се хранеле бесплатно, како што е случајот и денес. Можело да се случи да дојдат две до три илјади души и сите да добијат бесплатна храна. Тоа што го јадел игуменот го јадел и последниот посетител. Манастирите се обидувале да се снабдат со најдоброто, обично риба кои сами ја ловеле, или, пак, некое друго убаво јадење, зеленчук од нивните градини, вино од сопствено производство. Како и да е. За време на бдението еден Старец ја видел Пресвета Богородица, Која одела во присуство на Светецот покровител на манастирот, каде што се служело бдението. Тој носел торба со монети. На тие што пееле, биле во храмот и прислужувале тој им давал по една златна монета. На другите, пак, кои биле малку подалеку и не правеле ништо туку само слушале, им дал по една сребрена монета. На тие надвор им дал оловна монета. Потоа тргнал кон дворот. Таму имало многу луѓе мирјани, кои дошле само нешто да каснат. Тие јаделе и пиеле а тој им дал и на нив по една монета.
Монахот се соблазнил:
- И на нив ли ќе им дадеш? Па добро, другите пеат, читаат, се молат, а овие само јадат и пијат!
Доста од нив биле полу-пијани. Тоа било вообичаена појава.
- Е ако де, Старче, и тие дојдоа тука заради мене – одговорила Пресвета Богородица, иако тие биле дојдени само за да каснат.
Бог има друга логика, која не е како нашата скржава логика. Господ има благородство и ако човек застане пред Него, од која и да е причина, Бог нема да го остави. Знаете ли колку пати гледаме луѓе кои „случајно“ се појавуваат во храмот или во манастирот, или на Литургија, но тоа случајно ќе се покаже спасително за нив.
(Продолжува …)