Подготовка за Света Литургија – II дел

Архимандрит Емилијан

✤✣✤
Подготовка за Света Литургија
✤✣✤
II дел

Во продолжение го сфаќам значењето на славата Божја, т.е. дека Бог е во слава. Моето доживување, мојот мрак прави да чувствувам дека Бог е токму спротивното. Допирајќи, напредуваме. Се уште се наоѓаме во просторот на нашето трагање. Не сме во Божјиот простор, се уште не дошла Неговата благодат. Тоа е простор на душата која се бори да Го најде Бога и пред да Го најде, ќе сфати дека Бог е препрославен.

Кога душата ќе го стекне ова доживување, почнува да навлегува во еден трет стадиум, стадиум на покајание. Погледнете го патот. Јас сум изгнаник, немоќен, мал. Он е свет, извонреден, преполн со слава. Тоа значи дека јас морам да се променам. Се каам (μετανοω), значи го менувам умот, станувам друг човек. Сега во мене почнува да расне потребата за покајание, а постепено и самото доживување на покајанието.

Штом се зачне мислата дека јас малиот, јас ништожниот, треба да направам едно салто и да се најдам во просторот на божеството, дека треба да се променам, душата во тој миг почнува да копа за да открие во што треба да се промени, почнува да стравува. Што сум јас? Што ми се случува? Тогаш, првин откривам дека сум грешен. Ја откривам единствената причина што ме одвојува од Бога, причината која ме прогонила, која ме смалила, така што од некој што беше „малку помал од ангелите, со слава и чест овенчан“, т. е. оној кој речиси стоеше на висината на божеството, станав земја, прав, земен црв. Наеднаш станав скот. Значи, грешен сум! Тоа е многу значајно. Како сега да се покаам? Како да се подготвам за исповед? Како да кажам дека сум згрешил? Мојата душа треба тоа да го посака! Кога повеќе те загрижува како ќе успееш на факултет, какво мислење има за тебе твојот Старец, зошто твојата игуманија не те сака, зошто повеќе сака некоја друга монахиња, зарем ќе се покаеш? Ако сакаш оган, ќе најдеш и слама. Она што го бараш, тоа и го наоѓаш. Ја откриваш причината, значи гревот. Грешен сум.

Второ, ја откриваш „преградата која разделува“, тоа трагично нешто што постои меѓу тебе и Бога. Да ја наречеме, ако сакате, оваа „преграда“ мрак или темнина ; мрак во однос на Бога, темнина во однос на нас. Голема работа е да чувствувам дека сум одвоен, дека постои овој ѕид, мрак, темнина што се разликува од темнината на душата, која, во првиот стадиум, се бори да Го сретне Бога.

Трето, бидејќи сум грешен и бидејќи постои некој ѕид кој нè раздвојува, чувствувам дека за Него сум премногу туѓ, дека немам однос со Него. Како да општам? Обично се залажуваме. Бидејќи редовно се молиме, бидејќи поседуваме некаква побожност, некоја добродетел, некој напредок или бидејќи со својата лажна исповед се мамиме себеси, мислиме дека поседуваме и Божја благодат, дека Бог нè посетил. А оваа наводна посета, просто, може да биде смелост, некоја палавост на срцето, некое незнаење. Но, сега сфаќам дека сум странец, дека не сум во никаков однос со Него!

Четврто, бидејќи сум странец, световен сум, не припаѓам во просторот Божји. Го примам значењето на световниот човек. Човек може да биде игумен, или епископ, тоа не игра никаква улога, важно е каде се наоѓа неговото срце.

Значи, во третиот стадиум чувствувам дека сум грешен, дека постои „преграда која раздвојува“. Откривам дека за Христа сум странец. Непознатиот Бог и јас странецот, еден световен човек. Ова откровение во мене предизвикува извесни духовни последици, зашто се наоѓам во напредок. Почнуваме да се откриваме себеси, да согледуваме од каков состав сме направени. Зашто злото, кое е во нас, е занемарувањето на себеси, на својата душа.

Мислата за мојата грешност носи потреба од покајание. Се уште не зборуваме за покајание, туку за каење. Покајанието е благодат на Светиот Дух: А, благодатта Бог ќе ми ја даде. На пр. си направил нешто и велиш: Ај! Што направив? Кој го слуша старецот? Тоа е каење. Но, кога ќе те повикам и ќе ти речам: Дете мое, што направи? Ако ти ја исповедаш својата грешка и речеш: „Казнете ме, Старче“, а јас не те казнам, туку ти дозволам да се причестиш, ќе речеш: „Каков добар старец! Каков сум јас, а каков е тој? Види ја благодатта Божја! Така да Го огорчам Бога!“ Сега почнува покајанието: Едно е каењето, а друго е покајанието. Чувството на мојата грешност, во мене создава потреба, копнеж за покајание.

Впрочем, доживувањето на преградата која раздвојува прави да сфатам дека тој ѕид треба да го срушам. Удирам со тупаница, а ѕидот е цврст. Удирам, удирам, но ништо! Очите ми солзат. Тогаш почнуваат солзите, не оние кои се дар на Духот, туку оние што доаѓаат од мојата душа, од чувството дека Бог е од онаа, а јас од оваа страна на тој ѕид.

Во продолжение, чувството дека сум туѓ на Бога ми создава потреба за копнеж, па надоаѓа и самиот копнеж да Го запознам, видам Христа. Велиме дека на Литургија одиме за да Го бараме Христа. Но, го чувствуваме ли ова за коешто сега зборуваме? Немој да велиме дека одиме Христа ради, зашто тоа е лага. Се залажуваме самите себе, како во народната поговорка: „лажи ме, да те лажам, за да пројде времето“. Кога ќе сфатам дека сум туѓ на Бога, почнувам да копнеам по Христа, како што и девојката се раскинува во себеси кога ќе сфати дека нејзиниот сакан си заминал, и нејзините очи се полнат со солзи, а срцето нејзино го бара. Многумина ѝ се нудат: Доаѓа првиот, вториот, третиот, четвртиот, сите ги одбива, па макар тие и да се добри, богати, образовани, христијани. И уште пред да ги запознае, срцето нејзино вели „не“. Тоа припаѓа на друг. Вака е и со душата која се кае.

Според тоа, чувството на осветовеност, откривањето дека јас, прочуениот христијанин, сум само еден световно човече, прави да донесам одлука да станам Божји човек. Ме принудува, во спротивност со претходното, пред сé да донесам одлука да го предадам своето битие. Чувствувам оти – бидејќи сум световен, дека живеам во некој свој свет и дека Он е Свет – и јас треба да станам тоа што е Он, дека треба да одам заедно со Него, дека треба да Му се дадам, да Му се предадам. Во спротивно не можам да Му припаѓам. Ова давање на моето битие е еден конечен потег, зашто од тоа излегувам губејќи половина од себеси. Како кога одиш кај некого со намера да му одржиш лекција, а тој ги соборува сите твои аргументи, ти покажува дека си едно ништо и се чувствуваш понижен – се предавам, велиш, и тој тоа го сфаќа, дури и да не му речеш, не можеш да се поместиш. Ако пред Бога не се почувствуваш така, т. е. дека си немоќен дури и да се помириш, тогаш не си Му се предал себеси. Доколку во тебе се уште постои нешто, кое удира, се противи, не можеш на Христа да Му кажеш: се предавам!

Одлуката за предавање, не самото давање, е она што блудниот син го вели: „Ќе станам и ќе отидам при домот на таткото свој и ќе му речам: Згрешив пред небото и пред тебе“. Тоа е одлука да се вратам и да кажам: Боже мој, од Тебе потекнувам, Ти ме роди, Тебе Ти Се враќам и паѓам пред Твоите нозе. Јас сум куче со извадени заби, па ништо не може да направи. А кога ќе почувствувам дека имам заби, ќе укасам. Значи, не постои никакво предавање.

Второ, одлуката за предавање, носи и одлука за светост, зашто за да Му се предадам, треба да Му станам сличен, да станам свет, во смисла на поинаков живот, не на друго место, туку на друг начин. Колку од нас донеле одлука да постанат свети? Да решев да станам свет, не ќе одев да јадам, туку ќе појдев да се молам. Не би го облекувал ова, би ми било доволно и она што го имам. Не би настојувал да го заземам она место, зашто знам дека мојата сестра, монахиња, било од слабост или по нужност, го сака повеќе. Не би одел во собата што е на исток, туку би рекол: Мојата сестра е болна, да ја земам собата што е на север. Поинаку на работите гледа световниот човек, а поинаку светителот. Се наоѓаме во областа на човечкото. Се уште не се допираме до границите на духовното. Стоиме на земја. Долу сме, многу ниско! Не сме стигнале ни до првата скала. Секако, денес нема ни да стигнеме. Далеку сме.

Значи, одлуката да се дадам себеси прави да донесам одлука да станам светител. Ти доаѓаш, а јас грубо ти се обратам и ти веднаш се онерасположуваш. Тоа значи дека не си донел одлука да бидеш свет. Во спротивно, ти би ми паднал пред колена и би ми рекол: Те молам продолжи, тоа ми помага на мојот пат кон светоста. Но, ти тоа дури не го ни помисли. Самото тоа што срцето ти вели: види како разговара со мене, ја покажува независноста, одвоеноста негова. Срцето треба да почувствува, да го живее ова што го зборуваме. Под зборот срце, секако, не го подразбираме чувството, туку внатрешниот човек.

Одлуката за светост, сега донесува и одлука за поправање. Тоа што не сум свет значи дека сум она што зборувавме претходно. Значи, треба да го исправам она во што грешам и така донесувам одлука да се поправам. Често може да се случи да се исповедаме, да ги признаеме своите грешки, но никогаш да не ја донесеме оваа одлука. Си донел одлука: Веднаш се поправаш. Тоа е многу лесно. Христос не кажал ништо што е тешко или што не можеме да го направиме. Зошто ова не можеме да го направиме? Затоа што не сакаме.

Кога во мене ќе започне ова работење на себеси, откривам дека за сето ова време не сум се занимавал толку со себеси, колку со Бога. Значи, сум се гледал себеси, но не онаков каков што се запознав претходно. Порано низ себеси Го гледав Бога. Сега себеси се гледам во однос на она што претставува Бог и расудувам каков треба да станам за да личам на Бога. Според тоа, Бог, со Својата божествена благодат, бил предмет на барање на мојата душа, уште пред таа и самата да стане свесна за тоа, пред да започне да работи на себеси. Почнав да сфаќам дека мојата душа се занимавала со Бога.

И така доаѓаме до четвртиот стадиум, сеќавањето на Бога. Спомнувањето за Бога означува опфатеност на моето срце, ум, мисли, моето битие со Бога, што ме соединува со Него. Почнувам да си спомнувам за Бога, да сфаќам дека сега размислувам за Бога, дека Бог е свет, велик, препрославен, и дека јас треба да се променам, да станам свет. Гледате ли, како постепено Му се приближуваме на Бога? А во далечината, сé уште во мрак, негуваме првобитно сеќавање за Бога, како некој шум кој доаѓа од далечината, како бран.

Првото сеќавање на Бога, првиот допир со Бога е опфатеноста со Него. Тоа е, на некој начин, се уште продирање на мојата душа, а не на мојот дух. Духот, бидејќи од Бог направен вечен и бесмртен, донекаде почнува да се охрабрува во верата дека ќе му дадам право да се врати во својата татковина, во која се насладуваше со нејзините добра, но кои и ги изгуби. Мојата душа почнува да открива дека Бог е вистинит и дека таа до сега живеела во лага. Мислев дека сум се причестувал, дека сум служел Литургија или доаѓал на неа, но ништо од тоа не сум правел. Меѓутоа, сега ќе го постигнам тоа. Бог го рече тоа. Знаев од овдешното, ситно знаење, дека Бог е вистинит, зашто тоа сум го слушнал, ми го кажал мојот Старец, сум читал за тоа. Бидејќи Бог е вистинит, не лаже – „верен е Бог“ ќе го направи, значи, она што го рече. Така имаме напредок во доживувањето.

Продолжува