Браќа и отци! Нашето постоење, како што гледате, е минливо, ден за ден тече нашиот живот и се приближува до крајот, и за секој неизбежно ќе дојде часот да замине од овој свет и да се упати таму каде што се нашите отци. Поради тоа неопходно е да имаме голема грижа за тоа да се покажеме подготвени и успешни во нашиот час. Божественото Писмо ни проповеда за потопот и вака ни говори Господ: како што во времето на Ное луѓето не мислеа на потопот, туку јадеа, пиеа, се женеа, се мажеа, купуваа, продаваа, и одненадеж дојде потопот и ги погуби сите (Лк 17, 26-28), така ќе биде и кога ќе настане Второто Христово доаѓање. Веројатно, ние се чудиме на тврдоглавоста, слепилото и бесчувственоста на луѓето, кои го виделе ковчегот, што во текот на сто години го градеше праведниот Ное и кои го слушале како тој им говорел дека Бог ќе испрати потоп да ги потопи за злите дела што ги правеле, но кои на тоа не обрнувале внимание и не сакале да се покајат. Но, сепак, да помислиме – го нема ли во нас самите тоа што го осудуваме? Бидејќи, иако ние денес не гледаме ковчег што се гради, секојдневно гледаме гроб исполнет со прав, во кој денес или утре ќе слеземе, ќе одиме таму каде што се и нашите браќа, кои, одделувајќи се од нас, си заминале еден по друг. А ние сме мрзливи и не се грижиме за спасението на нашите души, не мислиме за подготвувањето, за да не нѐ изненади нашиот час, што ќе донесе мака и голем очај, на оној кој ќе биде неподготвен и никој не ќе може да му помогне; ќе сака да ги врати залудно потрошените денови, но нема да може да ги врати и затоа ќе плаче неутешно.
Поради тоа, нас нѐ чека неспоредливо пострашна казна отколку потопот тогаш. Затоа да бидеме подготвени на одговор пред да настапи часот на смртните страдања. Меѓутоа, јас не велам да не јадеме, да не пиеме и да не носиме облека, туку зборувам според апостолската заповед: И така било да јадете, или да пиете, или нешто друго да правите, сето тоа правете го за слава Божја (1. Кор. 10, 31). Сите наши дела и дејствија мора да бидат богоугодни, бидејќи ние сме христијани и не смееме да даваме повод на верниците и неверниците да го одрекуваат и презираат нашиот живот, како што и Апостолот повикува: не поставувај му на својот брат сопка или соблазна (Рим. 14, 13).
Навистина, ве молам и ве преколнувам, браќа мои, исполнете ја мојата радост, како што говори Апостолот: бидете со една мисла, бидејќи имате една и иста љубов и бидете еднодушни и едномислени; не правете ништо од честољубие, или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси! (Фил 2, 2-3). Внимателно да ги чуваме нашите пет сетила: очите – да не гледаат на она што не доликува, слухот – да не го слуша она што нема да ни донесе корист, вкусот – да не се стреми кон задоволувањето на похотите на нашата утроба, допирот – да се чуваме од недостојни допири; зашто од сетилата, ако не ги надгледуваме, настапува смртта и вистинската погибел на душата. Ако се погрижиме за тоа нашиот ум да не се занимава со метежни и бескорисни дела, нема да замислуваме во нашата фантазија плотски похоти, затоа што со тоа нема да ѝ овозможиме на нашата душа радост, туку ќе ѝ нанесеме голема штета и најпосле, ќе здобиеме горчина, страдање и болест.
Затоа, браќа, има само една вистинска радост и една веселба за душата и таа се состои во тоа да се чуваме себеси во чистота од плотските страсти и од плотските помисли и усрдно да се стремиме кон бестрастие, т.е. да не се сквернавиме себеси, ни со збор, ни со дело. Да не бидеме мрзливи и да не ни биде тежок патот, кој ветува дека ќе ни ја донесе радоста на бестрастието и чистотата; да се покаеме за секое наше согрешение и Бог ќе ни биде наш сигурен помошник, зашто блиску е Господ до оние кои трпат заради Него. Живеејќи така, ќе бидеме удостоени за Небесното Царство во Христа Исуса нашиот Господ, Кому Му прилега слава и величие, со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин!