Од каде да почнам да ги оплакувам делата на бедниот живот мој? И што да поставам како почеток на плачот мој сегашен, Христе? Но, како Благоутробен, дај ми прошка на гревовите
Прва строфа на првата песна од Великиот канон на свети Андреј Критски
Кој е тој, кој горко го оплакува својот беден живот? Кој е тој, кој жално рида за своите гревови? Кој е тој, кој умилно Го моли Христа Господа за прошка? – Тоа е Свети Андреј Критски – пејачот на покајанието, авторот на Великиот покаен канон.
Колку навистина се трогателни тие покајни слова! Тие се одронети од едно нежно, богољубно и богобојазливо, скрушено срце, кое отворено ги исповеда пред Бога своите гревовни дела; тие извираат од една душа која се кае, која моли за милост и простување. И по силата на духовното ехо, тие слова одекнуваат во самите нас, нè приведуваат кон трепетните жици на нашите срца. Тоновите и воздишките на Свети Андреј Критски се и наши тонови и воздишки; неговите солзи и ридања се и наши солзи и ридања. Тоа се тонови, воздишки, солзи и ридања на еден грешник, кој длабоко ја сознава својата гревовност и вина пред Бога, искрено се кае за гревовите и топло моли за прошка. Тоа се и наши тонови и воздишки, наши солзи и ридања, зашто и ние го чувствуваме во себе бремето на гревот. И ние ја сознаваме својата гревовност и вина пред Бога. И ние чувствуваме потреба од покајание и прошка на гревовите. Тие длабоко покајни песни се пишувани со солзи, затоа и не можат да бидат слушани без солзи.
„Од каде да почнам да ги оплакувам делата на мојот беден живот? Каков почеток да поставам, Христе, на плачот мој?“ – Свети Андреј така ја започнува својата прекрасна покајна творба. Пристапувајќи кон покајните песни, тој е во двоумење – како и од каде да започне. Зашто тој се гледа себеси претоварен од гревови. Слично на Давид, тој вика од маките на срцето (Псал. 37,15): ,,Зашто на Teбe, Господи, се надевав; Ти ќе ме услишиш, Господи, Боже мој. „Беззаконието свое го признавам и ќе се смирувам поради гревот мој“ (Псал. 37,18). „Побрзај да ми помогнеш, Господи, Спасителе мој!“ (Псал. 37,22)
Така, оплакувајќи ги делата на својот гревовен живот, Пејачот на покајанието го моли Христа Господа да му даде прошка на гревовите. Само простувањето на гревовите ќе донесе оправдување и помирување со Бога; ќе влее радост во растревоженото поради гревови срце, и ќе се внесе светлина во помрачената од беззаконија душа.
Со плач и ридање, и со молитва за простување, свети Андреј го започнува својот покаен канон. Потоа навлегува во старозаветната свештена историја, за да ни посочи пример на свет и пример на гревовен живот, та да ревнуваме за светоста и да се одвратиме од гревот. Потоа ја поминува и новозаветната историја, претставувајќи ни нова галерија од образи, достојни за подражување. Колку моќно дејствуваат тие примери над нас! Колку убедувачки говорат за силата на покајанието!
Плаче и рида пејачот на покајанието. Но, колку тој плач се разликува од нашиот плач! Ние најчесто плачеме при несреќи и зло, при болести, при неуспех во животот, при штети и загуби, неостварени мечти, нанесени огорченија и др. А плачот на Свети Андреј, е плач поради нашата гревовност, плач на душа која се кае, плач на спасение кој води кон спасение. Тој плач е спасителен. За таков, всушност, плач се молиме и ние во акатистот кон преслаткиот Исус: „Исусе, Подателу на оние што бараат, дај ми плач за гревовите мои“ (Икос 6). Зашто тој плач секогаш носи радост и утеха. Оние, кои ревнуваат во делото на своето спасение, оние, кои „сееле со солзи – по уверување на Словото Божјо – ќе жнеат со голема радост“ (Псал. 125,5); „Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат“ (Мат. 5,4).
О, блажен плач на срдечна скрушеност, кој ја очистува душата од гревовите! О, свети солзи на покајанието, кои ја измолувате Божјата милост и човекољубие! Блажени се оние, кои можат да се скрушат срдечно! Блажени се оние, кои можат да плачат за своите гревови! Блажени и преблажени се оние, кои пролеваат покајни солзи. Тие Бог ќе ги помилува и ќе ги спаси, и Бог ќе им ја избрише секоја солза од очите нивни (Откр. 7, 17).
И ние со плач на покајание да го започнеме нашето великопосно подвизување, да се скрушиме поради гревовите, да принесеме плодови достојни за покајание, односно: смирение, вера, надеж, љубов, целомудрие, правда, мирољубие, за да добиеме од Бога прошка на гревовите и радост во Воскресението!
Извадок од книгата: Пејач на покајанието