ЗА МОЛИТВАТА – I дел

ЗА МОЛИТВАТА
Старец Емилијан Симонопетриски
I дел

✤✣✤

Денес ќе зборуваме на една тема која е од пресудно значење за духовниот живот, во која нас нè воведува и целиот Триод (книга за богослужбите во постот), а особено овој почетен период на постот. Ќе зборуваме за молитвата.
Значи, дали знаеме што е молитва и знаеме ли да се молиме?
Уште како деца учевме да се молиме, но дали нашата молитва се развивала така како што би требало да се развива?
Молитвата е пат на душата кон Бога и има за цел да стигнеме до Него и да се соединиме со Него. Ако патот не е исправен, автомобилот или бродот никогаш нема да стигнат до својата цел. Ако патот на душата која се моли не е исправен, сфатете дека таа никогаш нема да стигне до Бога. Тоа е исто како да речеме дека имаме еден чамец, во кој веслачот удира со веслата, а всушност не прави ништо и чамецот стои во место. Сето ова може да ни се случува и нам, а ние воопшто за тоа и да не знаеме. Треба да видиме дали нашата молитва е вистинска молитва.
Сфатете дека човекот кој не знае да се моли е само еден празен човек. Не постои можност тој да се реализира себеси во животот. Дури и ако е монах, тој пак ќе си остане земен човек, и никогаш нема да стане небесен, а уште помалку ангелоподобен, зашто нема да умее добро да го практикува овој (начин) на поаѓање и пловидба, што е всушност молитвата.
Чувствувате ли колку големо зло ни се случува нам, доколку не знаеме да се молиме. Големо! Единствено зло од кое страдаме. Оваа пропаст не можеме да ја споредиме со било која друга пропаст. Дури и да си претпоставиме дека сите ѕвезди и сите светови ќе се судрат и во прав ќе се претворат, тоа зло би било многу помало во споредба со злото кое го трпиме, кога не знаеме да се молиме.
Покрај сето ова, нам ни претстои една непосредна, дефинитивна опасност, во овој случај на духовно незнаење.
Што е молитвата?
Рековме дека молитвата е оружје на душата, но да кажеме и тоа дека молитвата е атмосфера во која душата живее. Како што преку дишните органи го вдишуваме воздухот, така и нашата душа дише со молитвата.
Зошто сме дојдени во манастир? Затоа што манастирот е атмосфера за молитва. Сè во манастирот е заради молитвата. Значи, ако молитвата не се врши или се врши погрешно, како е возможно, тогаш, да бидеме исполнети и секако духовни луѓе?
Знаете, вистинската молитва поставува сè на свое место, ги запира сите тешкотии, проблеми, агонии, гревови, сé уредува на добро; уште повеќе, може да направи големи и чудесни работи на нашиот пат, во нашиот подвиг и во нашиот живот.
Доколку во себе го немаме богатството на Светиот Дух, ако го немаме богатството на радоста, богатството на мирот, ако немаме плодови кои веднаш се забележуваат и се очигледни и големи, тоа е само заради тоа што не ги сакаме или затоа што не знаеме да се молиме…..
За нас монасите најсоодветна е умната молитва (προσευχή η νοερά), молитвата Исусова, кратка, сеопфатна, или како што би рекле, молитвата која посебно ќе започнеме да ја практикуваме во ова време на Големата Четириесетница. Оваа наша денешна катихеза има воведен карактер, па пред да навлеземе во деталите, почетното скалило и основата на умната молитва, да кажеме неколку работи за молитвата воопшто. Зашто, молитвата е сè. Меѓутоа, ако не ја знам како што реков, ништо не сум направил и ќе настапи една конечна пропаст, самоуништување.
А сега, пред да започнам, дозволете ми нешто да ви кажам. Мислам, браќа мои и отци, дека не се молиме, но и ако се молиме, не се молиме доволно, и тоа малку што се молиме, е молитва без умешност, без сила, без здив и пред сè без Дух. Зашто, само кога Духот се моли во нас, можно е нашата молитва да се искачи горе на небото. Затоа што молитвата е во Духот и Духот го разбира духот и се соединува со него, а не со телото. Обично нашата душа ја привлекуваат многу други работи, кои денес имаат некакво значење за нас, и така забораваме дека монах значи молитвеник.
Што е, всушност, молитвата?
За да започнеме еден конкретен подвиг, денес треба да зборуваме како се врши молитвата. Ова има големо значење , посебно за нас, кои дојдовме од Метеора и кои го напуштивме тоа место, од ниедна друга причина, освен заради тешките услови за духовен развој на нашите души и немањето можност за молитва. И, бидејќи толку чезнеевме за неа, се сеќавате дека на крајот дури и престанавме да разговараме, само заради тоа што имавме премногу искушенија за да можеме слободно да се молиме.
Но сега, дојдовме на Света Гора и ниедна друга причина не би можела да нè оправда доколку не се молиме, и секако, ако не се молиме силно. Нашето заминување и доаѓање на Света Гора ќе нема апсолутно никаква смисла, ако не сме молитвени личности во Духот Свети. Нашето доаѓање на Света Гора би било една обична измама на светот и илузија и мамење на Бога, ако не станеме силно молитвени луѓе. Заради тоа, би ве замолил посебно да обратиме внимание на оваа тема, која особено нè засега.
Пред сè, говорејќи за молитвата, треба да кажеме и тоа дека молитвата никогаш не е сама. Не можам да кажам дека се молам, ако мојата молитва не е поврзана со нешто друго, како што веќе многу пати сме објаснувале. Постојат некои работи кои секогаш одат заедно и не можат да се одвојат една од друга. На пример: кога апостол Павле зборува за верата, тој зборува само за верата, а не и за делата. Зошто? Затоа што кога ќе каже ,вера", ја подразбира верата која постои и која се потврдува со делата. Кога, пак, ап. Јаков зборува за делата, ни кажува дека верата без нив нема никакво значение. Тој постојано зборува за делата. Зошто? Затоа што тие се потврда за верата. Значи, овие две работи меѓусебно се нераскинливо поврзани.
Истата поврзаност постои и во многу други работи. Молитвата, исто така е поврзана со нешто друго и тоа: со богослужението и секако, со светата Причест. Ако нема богослужение и света Причест и молитвата нема да е возможна. Во ваков случај, секоја молитва би била лажна. Ако, пак, има богослужение, а во нас не постои молитва која е силна, духовна, внатрешна, моќна, молитва која повикува кон Бога, тогаш бидете сигурни дека и нашето богослужение и Светата Причест ќе бидат залудни, а сето тоа, просто е фрлање кал во очите на Бога, преправајќи се дека Го љубиме, додека во суштина немаме никаква врска со Него, па затоа Он еднаш ќе ни одговори: ,Не ве познавам“.
Овие две работи одат заедно и претставуваат две страни на духовниот живот. Едната страна е светотаинскиот живот, кој е претпоставка на мистичниот живот. Ова што ќе го образложиме денес е коренот, оската, централниот момент на мистичниот живот, кое е појдовна точка на светотаинскиот живот. Значи, Светата причест во богослужението е прва. Зошто ова е неопходна претпоставка? Затоа што кога ќе кажеме: се молам, се подразбира дека се молам на некој, како што ни кажува и самиот збор молитва (προς – ευχή).
Кога зборуваме за внатрешната, умна молитва, нема да кажеме умна (προσευχή), туку ќе кажеме (ευχή). Ако, пак, зборуваме за молитвата(ευχή), го ставаме и префиксот (προσ), што веднаш ни покажува дека молитвата е стремење кон една конкретна личност, со цел да се соединиш со таа личност. Додека (ευχή), така да кажеме, е став и уживαње на едно место, каде што е и Бог.
Значи, можеме да кажеме дека молитвата е извесно свртувње кон една личност. Следствено на тоа, за да постои молитвата, треба да постои и оваа личност. За да кажам дека се молам, треба за мене да постои и дејствителното присуство на таа личност. Така ќе можам да го присвојам нејзиното присуство и нејзиното постоење. Христос, Секадеприсутниот, Кој постои во сè што постои, во мојот живот станува присутен за мене, преку моето учество во богослужението, а најповеќе преку моето учество во светата Причест.
Преку учеството во богослужбениот живот на нашата Црква, јас се соединувам со Христа, и станувам член на телото Христово и како член, за да би можел да станам жив орган Христов, треба да учествувам во својствата Христови, така што доаѓа до испреплетување (περιχώρησις) и разменувње (αντίδοσις) на својствата , како што се случило со двете природи на Христа. Тоа се остварува преку Светата Причест, која ме прави заедничар (причесник) со својствата на мојата глава (Христос), со Кого се соединувам.
Значи, богослужението и светата Причест се неразделно соединети. И што прават тие? Го прават Бога присутен и жив за мене. Значи, што преостанува сега? Ми преостанува да Му зборувам Нему, да Му се обратам на Оној, Кој доаѓа при мене. Така, Он преку богослужението ми се дава мене и јас преку молитвата (προσευχή) Му се давам Нему, сè додека не се случи нашето потполно соединување.
Сега ова мое свртување, постојано се случува на мистичен начин, а првенствено и суштински, преку молитвата. Тоа што се случува во одредено време во Црквата, за време на вечерната богослужба, или во Литургијата на Светото Причестување е заради молитвата; па затоа не можам да кажам дека одам во Црква, а не се молам. Залудно би било да одам во Црква на Литургија и бескорисно да се причестувам, ако не се молам постојано. Исто така, залудно е да се молам, ако не земам учество во она што претходно го рековме.
Се претпоставува, меѓутоа, дека и молитвата си има свој посебен простор (мистичен простор), во кој таа се негува. Како на пример, кога за да засадиш некој цвет, ја копаш земјата, ставаш ѓубриво и сè друго што е потребно за коренот да никне, па ако не го ставиш соодветното ѓубриво, или ако, пак, земјата не одговара и е влажна, песоклива, тогаш залудно го засадуваш коренот. Молитвата тогаш е бесплодна и нема да може да стаса ни до нешто над нашата глава, а камоли да стаса до над облаците и над небесата, доколку таа го нема својот мистичен простор, својата мистична храна, која особено е, како што рековме: бдеењето, поучувањето од св. книги и постот.
Следствено на тоа, залудна ми е молитвата ако не бдеам; не како кога во манастирот имаме бдение – тоа е нешто посебно и поради поинакви причини, а не поради причините за кои сега зборуваме. Бдението е поврзано со богослужбата, а не со молитвата. Ако не бдеам, ако не постам редовно, ако не се поучувам од светите книги (сето ова го сочинува посебниот простор за молитва), залудно се молам. Значи, кога веќе расчистивме во врска со ова, сега можеме да го пренесеме нашето внимание на молитвата, на она што нè засега, за подоцна да можеме да продолжиме понатаму.

( п р о д о л ж у в а )