(Реакција кон писмото на Б. Синадиновски)
Почитувани наши читатели,
Во денешниот број на „Дневник“ (25.07.2016) излезе напис, насловен како: „Бигорскиот манастир не е граден само од православните Македонци“, во кој новинарот г. Бранко Ѓорѓевски го пренесува ставот на г. Бранислав Синадиновски, објавен на неговиот facebook профил во форма на фотографии од текст, напишан на машина за пишување, а насловен како „Прости им Боже, не знаат што прават“. Со оглед на тоа што во овој текст на Синадиновски е нанесена непосредна навреда за нашиот игумен и братството, се најдовме повикани да дадеме и ние свој одговор. Ве молиме да ни простите што нашата реакција е малку подолга, но тоа беше неопходно од причина што писанието на г. Синадиновски изобилува со историски фалсификати и измислици, па мораше сите тие подробно да се разобличат.
Авторот, кој се потпишува како „основач на Верската заедница на православните Албанци во Р. Македонија“, при крајот на своето писмо заклучува дека „денес никој во Република Македонија нема право (ниту научно, ниту законско) да го присвојува надалеку познатиот манастир, а уште помалку да тврди дека ова православно светилиште, најмногу го градеа и унапредуваа православните Македонци’, како што тоа го тврди архимандритот Партениј“. Со овој исказ г. Синадиновски крајно дрско и неосновано тврди дека нашето братство небаре го присвоил само за себе манастирот што им припаѓа на сите. Би сакале да му укажеме на г. Синадиновски дека нашето монашко братство веќе 21 година пожртвувано се труди за одржување, обновување, надградување и разубавување на Бигорското светилиште, коешто до пред две децении се наоѓаше во процес на распаѓање и трулеж. Освен тоа, братството, во духот на Христовата љубов и гостопримство, навистина верно ја продолжи традицијата на Бигорски како светилиште и културно-историски споменик за сите, без разлика на нивната народносна, верска, социјална, политичка или културолошка припадност. Така, Бигорскиот манастир денес е најпосетуваната знаменитост во Западна Македонија, не само од домашни, туку и од странски посетители. Тука доаѓаат православни, римокатолици, протестанти, муслимани, будисти, хиндуисти, атеисти… од секаде во светот. Во овие изминати две десетолетија манастирските порти не биле затворени за никој. А своите верски потреби можеле и можат да ги вршат сите православни, се разбира, доколку ги исповедаат догмите и учењето на едната света православна Црква, а не разни празноверија и суеверија за кои се застапува г. Синадиновски во неговиот „Спис на изворите на учењето“, со кој бара легализација на верската заедница на православните Албанци во Македонија, бидејќи според неговото учење, тој и неговите следбеници (ако ги има!) се православни само по име, но никако и по суштина. Зашто, може ли воопшто да се нарече вистински православен христијанин оној што учи дека: „Православните Албанци во Република Македонија се разликуваат од христијанските македонски верници и по тоа што тие сеуште веруваат во одредени божества, на кои им се принесуваат жртви (заклана кокошка, а поретко и овца). Тоа е богот на бурата Шурлан, како и боговите на молњата и громот… Од умрените млади жени се отсекувал правен коса, а лицето ѝ било гребено со нокти“ и сл.?
За космополитскиот дух, пак, на нашето братство сведочат и бројните пријателства со нашите браќа по крв, Македонците муслимани, но и со Албанци мухамеданци. Исто така, во рамките на нашите можности, ние никогаш не сме откажале помош на некого што побарал од нас. Во контекст на ова, ќе додадеме само уште дека нашето братство со најискрена љубов и внимание им помогнало и на неколкумина Албанци муслимани да се спасат од погубните окови на наркоманијата, без никаков надоместок за возврат. И никакви провокации во иднина нема да ја променат таа нашата почит кон сожителите од албанска народност, бидејќи Господ Исус Христос нè учи дека сите луѓе се наши ближни. Едноставно, нам не ни пречат Албанците (дури некои од нашите браќа научија албански за да можат да им излезат во пресрет), но ни пречат лагите на г. Синадиновски.
Освен со горенаведената навреда упатена до нашето братство, писмото на г. Синадиновски изобилува и со бројни невистини и тенденциозни искривувања на историските факти. Така, авторот го повикува нашиот игумен, Архимандрит Партениј, „да изнесе конкретен материјален доказ во кој пишан документ Митрофан и Арсениј (игумени на Бигорски – б.н.) се декларирале како православни Македонци, а не само како Словени“. Зарем треба посебно да се докажува дека Словените во Македонија се Македонци!? Но, ете, и да се декларирале овие двајца игумени само како Словени, како што и самиот г. Синадиновски тврди, не е ли тоа само по себе доказ дека не се Албанци? И зар ние треба да даваме отчет за нашето национално чувство, на некој од кого јавно се откажа дури и неговото најтесно семејство, тврдејќи дека тој си ја сменил националната припадност поради „лакомост за политички позиции“ и „лични финансиски интереси“? ( http://republika.mk/354214 ).
Во продолжение г. Синадиновски го наведува научниот труд на Љубчо Филиповски и Владо Бошковски: „Неколку елементи за формирањето на мијачкиот крај…“, објавен во зборникот „Бигорски научно-културни собири 1974 – 1975“ (Скопје, 1976 г.), во кој авторите изнесуваат неколку тези за потеклото на Мијаците, меѓу кои и таа дека тие се доселиле од Солунско. Тоа г. Синадиновски го зема како факт за несловенското потекло на Мијаците, притоа наведувајќи ги и звучните имиња на Јован Цвијиќ, Георги Трајчев и Тома Смиљаниќ, секако само препишувајќи ги од статијата на Филиповски и Бошковски, очигледно без лично да ги консултира. Така, ќе одиме со првиот: Јован Цвијиќ. Овој истакнат српски географ, етнолог и историчар јасно и недвосмислено ги сместува Мијаците во групата Јужнословенски племиња. Во дванаесеттата глава од вториот том на неговата книга Балканско полуострво и јужнословенске земље: основи антропогеографије, (Београд 1931), во делот посветен за Мијаците, Цвијиќ ќе напише дека тие се „најпотпунији тип словенских печалбарских насеља“, и подолу во истото поглавје: „Али је знатно, да нико од Јужних Словена није дао толико дрворезачких творевина колико Мијаци“. И продолжува: „Поглавито је мијачка творевина манастир Св. Јован Бигорски, чије је име више пута поменуто. Они су га обновили и издржавали… По једној историји која се чува у манастиру као да је основан 1020 године, а напуштен и порушен за време Турака. Тек 1743 године… Мијаци су га обновили; 1795 године подигли су цркву која и данас постоји… Најпознатији калуђери овога манастира су били Мијаци. Божја служба се у њему увек служила на словенском језику, и пре него што је основана егзархија. Захваљујући овоме манастиру одржала се словенска служба… Мијаци су врло одани православљу. Свако село има по једну цркву коју сељаци брижљиво похађају; нека села имају и по две цркве… Овде се, око манастира, одржао хришћански живаљ чак и преко Дрима. Све ово показује велику улогу коју су имали Мијаци и њихов манастир у спречавању арбанашког продирања на исток“. Говорејќи за етничкото потекло на Мијаците, Ј. Цвијиќ недвосмислено го истакнува како доминантен словенскиот елемент: „Најстарија села, као нпр. Тресонче, по типу и изгледу су чисто словенска. Топографска су имена великом већином словенска… Стару словенску основу појачали су многобројни досељени Словени из Арбаније“. Последново тврдење на српскиот професор ќе го искористиме како одговор за гордата пофалба на г. Синадиноски дека Мијаците наводно дошле од Елбасан во Албанија. Впрочем, историски добро е познато дека низ вековите во Елбасан словенското население било навистина многубројно. Неслучајно овој град има дури две словенски имиња – Коњух и Нови Град. И денес во Елбасан живеат околу 12 000 Македонци, кои зборуваат чисто словенски. Кога сме веќе кај овој град, информацијата дека Мијаците наводно се доселиле оттаму, г. Синадиноски ја црпи од статијата на Филиповски и Бошковски, кои, пак, го спомнуваат името на Тома Смиљаниќ. Всушност, станува збор за неговиот труд Мијаци, Горна Река и Мавровско Поље, кој се наоѓа во зборникот „Српски етнографски зборник, књига XXXV: Насеља и порекло становишта, књ. 20“, уредник Ј. Цвијиќ, Белград 1925. Во своето дело и Т. Смиљаниќ го истакнува словенскиот елемент како примарен и главен при формирањето на денешните мијачки населби (стр. 38). И за разлика од екскламативното тврдење дека Мијаците дошле од Елбасан, како што стои кај г. Синадиновски, Тома Смиљаниќ пишува дека само „има трагова да су (Мијаци) становали на планини Јабланици, на Голом Брду, чак у Буљчици и код Елбасан“ (исто). И додека кај г. Синадиноски стои нејасната реченица што ја презел од наведената статија, дека: „затечените староседелци како послаби ги асимилирале“, при што не се знае кој кого асимилирал, Т. Смиљаниќ јасно пишува дека „пре доласка Мијака на овоме место (т.е. Галичник) су становали Куцовласи… Мијаци су староседеоце помијачили“ (стр. 93). Па, штом Мијаците ги асимилирале малубројните староседелци, а знаеме дека Мијаците говорат словенски, значи дека Мијаците имаат словенско потекло.
Неаргументирано е и мислењето на г. Синадиновски дека Мијаците не се Словени, оти дошле од Солунско. Притоа, тој се повикува на Г. Трајчев. Да, навистина, Г. Трајчев, во својата Книга за Мияците, издадена во Софија 1941 година, се застапува за тезата дека Мијаците можеби се доселиле од Солунско, но после опстојното иследување, заклучува: „Следователно, днешнитѣ Мияци ще да се остатъкъ отъ нѣкое славянско племе, населяваще солунския край“ (стр. 8). Изгледа г. Синадиновски заборавил дека до средината на минатиот век во Солунско живеело многубројно словенско население.
За словенското потекло на Мијаците зборуваат и безброј други автори, научници, историчари, филолози, етнографи… Славистот Марко Григоров посветил цела студија за говорот на Мијаците: „Критиченъ прѣгледъ на обнародванитѣ материяли по малорѣканския (миячки) говоръ“, објавена во Софија во 1907 година. Со словенскиот мијачки говор се занимал и рускиот славист П. Драганов, во своето дело „Македонско-славянскій сборникъ съ приложеніемъ словаря. Випускъ Ι“, Спб. 1894, во кој истражува неколку песни од Галичник, Лазарополе и Тресонче. А треба ли да пишуваме нешто повеќе за славните Мијаци, Архимандрит Анатолиј од Лазарополе, Митрополит Партениј од Галичник, Ѓорѓија Пулевски од Галичник, Ѓурчин Кокале од Лазарополе и редица други, кои пожртвувано се бореле народниот словено-македонски говор да биде воведен во црковните богослужби, во народните школи, во писменоста? Блажениот Архимандрит Анатолиј го направил првиот обид за отворање на словенска печатница; Великиот Партениј Зографски напишал свештена историја на мијачки говор, го превел Житието на Св. Климент на народен словено-македонски јазик, составил граматика на словенскиот јазик… Не би сакале непотребно да должиме и понатаму и со истакнатите Мијаци од поново време, како Ристо Лоноски, Ристо Бужароски, Симон Дракул и многу други, кои недвосмислено го истакнуваат словенското потекло на Мијаците. А да не го забораваме и славното Смилево, со жители Мијаци, кои најхрабро се кренале во борба за Македонија. Меѓу другото, и актуелниот игумен, а воедно и возобновител на Бигорски и нов ктитор, Архимандрит г. Партениј е по потекло Мијак од Смилево.
Но, колку апусрдно! Наместо nomen est omen, имаме плукање на сопствениот род. Наместо Бранислав да го брани своето славно словенско потекло, како што и му е личното име, тој упорно покажува Јудин синдром.
А во тоа негово упорствување, тој се служи само со лаги и фалсификати. Така, следното што го тврди г. Синадиновски е тоа дека бигорскиот игумен и архимандрит Хаџи-Тарасиј бил православен Албанец од с. Макелари. Притоа, се повикува на статијата на Загорка Расолковска-Николовска: „Неколку податоци од 18 век за манастирот Свети Јован Бигорски“ и небаре ја цитира авторката: „по него (т.е. по игуменот Иларион – б.н.) 6 години манастирски игумен бил архимандритот Трифилија, кој бил заменет од јеромонахот Хаџи Тарасие од албанското село Макелари“. Овде г. Синадиновски прави дрзок фалсификат и злоупотреба, што е казниво според закон. Авторката Расолковска-Николовска никаде во својата статија не пишува „албанското село Макелари“, туку само вели ,,хаџи Тарасие од Макелари” (стр. 95), а на друго место ,,дебарското село Макелари’ (стр. 89), но никаде и „албанско“. Но, освен ова, фактот што игуменот Тарасиј бил од с. Макелари, значи ли тоа само по себе дека тој бил Албанец? Тогаш што ќе кажеме за македонскиот народниот херој Владо Макеларски, роден во истото село, кој се борел за Македонија во Втората светска војна и е носител на партизанска споменица? Според г. Синадоноски и тој ќе треба да е Албанец. Но, општопознато е дека до деведесеттите години на минатиот век, во целата месност каде што денес се простира општината Макеларе живеело бројно словено-македонско население, а живее исто така и денес. Тие за својата македонска народност и за своите обичаи пишуваат и во весникот „Илинден“, кој се издава од македонското друштво „Илинден“ од Тирана.
Следно за кое се фаќа г. Синадиноски е потеклото на бигорските зографи Михаил и Димитар (во монаштво наречен Даниил), родум од епирското село Самарина. И колку ненаучно и тенденциозно! Родното место на зографите е непобитен факт за г. Синадиновски дека тие биле Албанци!? Но, како и во претходниот случај, и овде г. Синадиновски се служи со научен фалсификат. Имено, тој на нашиот познат научник Коста Балабанов му ги подметнува зборовите дека зографите биле „од албанското епирско место Самарина“. Меѓутоа, К. Балабанов пишува дека зографите Михаил и син му Димитар се „од епирското село Самарина“ (стр. 73 од веќе споменатиот научен зборник). Впрочем, Самарина (денес во Р. Грција) не е албанско село, туку село во грчката област Епир и неговите жители се Грци и Власи по род. И доколку г. Синадиновски толку многу сака да се повикува на Г. Трајчев, тој во своето веќе наведено дело, во поглавјето за Бигорскиот манастир вели дека „иконописците (во Бигорски) се исто така македонци“ (стр. 29). Но, ние нема да навлегуваме многу во тоа. Само се повикуваме на сведоштвото на семејните потомци на зографите Михаил и Даниил, кои и денес живеат во Скопје. Тие поседуваат генеаолошко стебло на својата фамилија и се чувствуваат како етнички Власи и за нив претставува силна навреда тоа што г. Синадиновски ги прави нивните предци Албанци. Впрочем, и самите Михаил и Даниил се потпишувале на иконите на грчки јазик, а останатите натписи ги пишувале на словенски. И, на крајот на краиштата, каква врска има историската припадност на манастирот, со тоа што игуменот Арсениј за плата ангажирал познати зографи од тоа време? Ете, и денес нашиот игумен повика познати уметници од Русија да цртаат во манастирот. Значи, според логиката на г. Синадиновски, по 150 години, Русите треба да истапат со теза дека манастирот бил руски. Смешно, но ете и тоа се случува.
Друго на кое би сакале да обрнеме внимание е тврдењето на г. Синадиновски дека извесното писмо на игуменот Арсениј до поп Константин од с. Макелари е пишувано на старословенски (а не на говорен македонски јазик со мијачки дијалект) и „дека е општо познато дека во тоа време не само во Бигорскиот манастир, туку и во сите други православни светилишта се употребувал старословенскиот јазик“. Тука најмногу доаѓа до израз неукоста на г. Синадиноски на ова поле. Споменатото писмо на игуменот Арсениј е пишувано на чист мијачки дијалект, со цковно-словенска азбука. И можеби токму азбуката го збунила г. Синадиновски, но повеќе од јасно е дека писмото е напишано на народен јазик. Како такво е предмет на истражување кај повеќемина научници, меѓу кои и Ѓорги Поп-Атанасов, кој за ова писмо пишува во својата монографија „Ракописни текстови на македонски народен говор“ (Скопје, 1985 г.). Другото незнаење на г. Синадиновски доѓа испливува во врска со неговото тврдење за упоребата на старословенскиот јазик во сите православни светилишта од тоа време. Напротив, освен во Бигорски и во Пречиста Кичевска, во тоа време секаде во официјална употреба бил грчкиот јазик, поради фанариотската пропаганда и принадлежноста кон Цариградската патријаршија, а тоа го сведочи и Глигор Прличев во неговата Автобиографија.
Друга грешка г. Синадиновски прави и кога го помешува зографот Михаил со игуменот Михаил, пишувајќи дека и зографот (таткото на Даниил) станал игумен. Всушност, станува збор за друг Михаил, кој станал игумен дури во 1870 година и бил родум од Галичник. Тоа многу јасно си го пишува кај авторката Расолковска-Николовска на стр. 94-95 од наведениот нејзин труд, но не знаеме зошто г. Синадиновски не го видел тоа.
Исто така, г. Синадиновски „национално“ се гордее со двете ктиторски плочи со двоглав орел, кои сега се аплицирани на северната фасада на бигорскиот католикон. За двоглавиот орел веќе имаме пишувано, а добро се знае и неговата историска позадина и значење, така што сега нема да навлегуваме во дополнителни анализи. Но, би го прашале г. Синадиновски: ако за него двоглавиот орел е одличен показател за албанството, тогаш Албанци ли се Ромеите (Византијците), Бугарите, Грците, Русите, Србите, Турците, Црногорците,… и сите други држави и народи, што го употребуваат двоглавиот орел како национален или православен црковен симбол?
На крајот од своето нафрлано писмо, г. Синадиновски се фали како со „научни автори – Македонци, и тоа пред полни 45 години“, наводно „успеа“ да докаже дека за Бигорски најголем придонес имале православни Албанци од Албанија, а дека ние сме тие што го присвоивме манастирот. Можеби ќе му поверува некој што, слично на него, преку ноќ си го менува својот идентитет заради ситни и ефемерни интереси. Но, науката си кажува нешто сосема друго. Кој сака може слободно да истражува. Има безброј докази што говорат за славјано-македонската историјата на Мијаците и за нивното најголемо Светилиште – Бигорски. Sapienti sat.
А сосема друго нешто е тоа што некој со зла намера сака да ја приграбува и фалсификува историја, но затоа, пак, лагата секогаш завршува со неуспех и посрамување.
И уште нешто… Од каде ли само г. Бранислав Синадиновски го изваде тоа дека Синодот на МПЦ се финансира од државниот буџет!?
Но, тоа е тоа, отсекогаш имало луѓе што живеат само за да излажат, да приграбат, да направат раздор, да напакостат. Сепак, за таквите треба најмногу да се молиме: Прости им, Боже, оти не знаат што прават…
Од Игуменот и братството на свештената Бигорска обител