Црквата – основни богословски ставови

Основи на социјалната концепција
на Руската православна црква

 
Вовед

 

Овој документ, усвоен од страна на Свештениот Архијерејски Собор на Руската Православна Црква, ги изложува основните ставови на нејзиното учење во поглед на црковно-државните односи и на редица современи општествено значајни проблеми. Документот, исто така, ја одразува официјалната позиција на Московскиот Патријархат во сферата на меѓусебните односи со државата и световното општество. Покрај ова, тој востановува редица раководни принципи што треба да се применат во оваа област од страна на епископатот, клирот и мирјаните.

Карактерот на овој документ е определен од потребите на Полнотата на Руската Православна Црква, за време на долг историски период, внатре и надвор од канонската територија на Московскиот Патријархат. Затоа, како негов основен предмет се јавуваат фундаменталните богословски и црковно-социјални прашања, а исто и тие аспекти од животот на државата и општеството што биле и остануваат подеднакво актуелни за сета црковна Полнота во крајот на XX век и во најблиската иднина.

 

I. Основни богословски ставови

 

I.1. Црквата е собрание на верните во Христа, во коешто Самиот Он го повикува секого да се придружи. Во неа „сѐ небесно и земно“ треба да е соединето во Христа, зашто Он е Глава на Црквата, која е Негово тело, полнота на Оној Кој исполнува сѐ во сѐ (Ефес. 1,22-23). Во Црквата, со дејството на Светиот Дух, се извршува обожение на сета твар, се исполнува почетната замисла Божја за светот и човекот.

Црквата е резултат на искупителниот подвиг на Синот, испратен од Отецот, и осветувачкото дејство на Светиот Дух, Кој слегол во великиот ден на Педесетницата. Според светиот Иринеј Лионски, Христос го возглавил со Себе човештвото, станувајќи Глава на обновената човечка природа – Неговото тело, во кое се наоѓа пристапот до изворот на Светиот Дух. Црквата е единство на „новиот човек во Христа“, „единство на Божјата благодат, што пребива во мноштво разумни творенија, кои се покоруваат на благодатта“ (А.С. Хомјаков). „Мажи, жени, деца, длабоко разделени во однос на раса, народ, јазик, начин на живот, работа, образование, положба, богатство… – сите нив Црквата ги пресоздава во Духот… Сите од неа примаат една природа, неподложна на уништување; природа на која не влијаат многубројните и длабоки разлики, со кои луѓето се разликуваат еден од друг… Во неа никој воопшто не е одделен од општото, како сите да се раствораат еден во друг преку едноставната и неразделива сила на верата“ (Свети Максим Исповедник).

I.2. Црквата е богочовечки организам. Бидејќи е тело Христово, таа соединува во себе две природи, Божествена и човечка, со нивните својствени дејствија и волји. Црквата е поврзана со светот преку својата човечка, створена природа. Меѓутоа, таа взаемодејствува со него не како чисто земски организам, туку со сета своја таинствена полнота. Имено, богочовечката природа на Црквата го прави можно благодатното преобразување и очистување на светот, што се извршува низ историјата преку творечка соработка, „синергија“, на членовите и Главата на црковното тело.

Црквата не е од овој свет, како што и нејзиниот Господ – Христос не е од овој свет. Но, Он дојде во светот, „смирувајќи“ се Себеси според неговите услови, (дојде) во светот што Он требаше да го спаси и возобнови. Црквата треба да помине низ процесот на историски кеносис, исполнувајќи ја својата искупителна мисија. Нејзина цел не е само спасението на луѓето во светот, туку и спасението и возобновувањето на самиот свет. Црквата е повикана да дејствува во светот по образот на Христос, да сведочи за Него и за Неговото Царство. Членовите на Црквата се повикани да земат учество во Христовата мисија, во Неговото служење на светот, што за Црквата е можно само како соборно служење, така што да поверува светот (Јован 17,21). Црквата е повикана да служи за спасението на светот, зашто и Самиот Син Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина (Марко 10,45).

Спасителот за Себе рекол: Јас сум меѓу вас како слуга (Лука 22,27). Служењето во име на спасението на светот и човекот не може да се ограничи во национални или религиски рамки, како што за тоа јасно говори и Самиот Господ во параболата за милосрдниот Самарјанин. Згора на тоа, членовите на Црквата се сретнуваат со Христа, Кој ги понесе сите гревови и страданија на светот, кога со љубов го пресретнуваат секој гладен, бездомен, болен, затворен. Помошта кон оној што страда во полна смисла е помош кон Самиот Христос, и со исполнувањето на оваа заповед е поврзана вечната судбина на секој човек (Матеј 25,31-46). Христос ги повикува Своите ученици да не се гнасат од светот, туку да бидат сол на земјата и светлина на светот.

Црквата, бивајќи тело на Богочовекот Христос, е богочовечка. Но, ако Христос е совршен Богочовек, Црквата, сепак, сѐ уште не е совршено богочовештво, зашто на земјата таа војува со гревот, и нејзиното човештво, иако внатрешно е соединето со Божеството, е далеку од тоа во сѐ Него да Го изразува и Нему да Му соодветствува.

I.3. Животот во Црквата, кон кого секој човек е повикан, е непрестајно служење на Бога и луѓето. Кон тоа служење е повикан целиот народ Божји. Членовите на телото Христово, учествувајќи во општото служење, ги исполнуваат и своите посебни функции. На секого му е даден посебен дар да служи на сите. Служете си еден на друг, секој со дарбата што ја примил, како добри управители на разнообразната Божја благодат (1. Петар 4,10). На еден му се дава преку Духот да зборува со мудрост, на друг – да зборува знаење, преку истиот Дух; на еден – вера, преку истиот Дух; на друг – дарби за лекување, преку истиот Дух; на друг – чудотворства, на друг – да пророкува, на друг – да ги разликува духовите, на друг – разни јазици, на друг – да толкува јазици. Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака (1. Кор. 12,8-11). Даровите на многуобразната благодат Божја му се дава секому одделно, но за заедничко служење на народот Божји (а исто и за служење на светот). И тоа претставува општото служење на Црквата, основано не на еден, ами на разни дарови. А различните дарови создаваат и различни служења, ама има разни служби, но Господ е еден и ист; и разни дејства постојат, но Бог е еден и ист, Кој извршува сѐ во сѐ (1. Кор. 12,5-6).

Црквата, исто така, ги повикува своите верни чеда и кон учество во општествениот живот, којшто треба да е втемелен на принципите на христијанската моралност. Во Првосвештеничката молитва Господ Исус просел од Небесниот Отец за Своите последователи: Не се молам за да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото… Како Ти Мене што Ме прати во светот, и Јас ги пратив во светот (Јован 17,15,18). Недопустливо е манихејското гнасење од животот во светот што те опкружува. Учеството на христијанинот во него треба да е основан на сфаќањето дека светот, општеството, државата се објект на љубовта Божја, зашто се предназначени за преобразување и очистување според начелата на богозаповеданата љубов. Христијанинот е должен да го гледа светот и општеството во светлината на неговото крајно предназначување, во есхатолошката светлина на Царството Божјо. Различието на даровите во Црквата се пројавува на посебен начин во нејзиното општествено служење. Неразделниот црковен организам со сета своја полнота учествува во животот на светот што го опкружува, меѓутоа духовенството, монаштвото и мирјаните можат да го остварат тоа учество на различни начини и степени.

I. 4. Исполнувајќи ја мисијата за спасение на човечкиот род, Црквата го прави тоа не само преку директна проповед, туку и преку добрите дела направени за подобрување на духовно-моралните и материјалните состојби во светот што ја опкружува. За сето ова, таа стапува во соработка со државата, па макар и да нема таа христијански характер, а исто така и со разни општествени асоцијации и поединци, дури иако тие не се идентификуваат себеси со христијанската вера. Без да си постави на себе директна задача за обраќање на сите во Православие како услов за соработка, Црквата се надева дека заедничкото благотворение ќе ги приведе кон Вистината нејзините соработници и луѓето што ја опкружуваат, ќе им помогне да ја запазат или востановат верноста кон богодадените морални норми, ќе ги придвижи кон мир, согласност и благоденствие – услови во кои Црквата може најдобро да го исполни своето спасително дело.


Извадок од: Основите на социјалната концепција на Руската православна црква.
Превод од руски: Братството на Свештената Бигорска Обител.