Со Рождеството на Богородица смисла добива и нашето суштествување

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на Вечерната од празникот Рождество на Пресвета Богородица, во храмот на Пречистата во с. Ростуше

 

енес, возљубени мои, славиме Роденден на Онаа, Која е причина за неискажлива радост на сите што се родени од вода и дух (сп. Јован 3,5), на сите кои во Христа се родени. Со благодарност го славиме Рождеството на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија. Зашто, со Нејзиното раѓање смисла добива и нашето раѓање и нашето суштествување, бидејќи, замислете, колку тажно и бедно суштество ќе беше човекот доколку се раѓаше само за да умре и да го нема повеќе! Но, ете, поради Родениот од Богородица, физичката смрт не претставува и крај на човечкиот живот, туку нов, метафизички почеток во вечноста. И токму тој дар на вечниот живот Бог ни го даде преку Својата Најсвета Мајка, Која, преку дарот на посиновението, Ја направи и наша Мајка. Сега нашата небесна Мајка усрдно ги слуша молитвите на оние кои се во неволја, и секој што со вера пристапува кон Неа, не останува празен.

Сведоштво за тоа е и овој преубав храм. Гледате во колку тешко време живееме денес; ни се чини сосема невозможно да градиме во вакви неблагопријатни услови. Но, некогаш така ни се чинеше и за Рајчица, и за Источен Палат, и за обновата на Горни Палат, а и за овој храм овде, па, сепак, Господ секогаш изнаоѓаше начини да ги исполни молитвите на нашите срца. Потребно е само да имаме вера – и Господ прави чуда; за Него ништо не е невозможно. Тоа ни го покажа и со овој храм, и со Бигорски, и со Манастирот во Рајчица. Секако, повторно ќе кажам, најголем удел во сите тие чуда имаат застапничките молитви на премилостивата Богородица. Таа никогаш не нè остава. Дури и само двајца, тројца Христијани да останат овде, Божјата и наша Мајка секогаш ќе ги пази, ќе ги заштитува во искушенијата до крај. Од нас се бара само малку вера.

Постојано се молам и надевам дека Господ по Својата милост ќе им ја открие на сите луѓе во светот неовоземната убавина на нашата православна вера. Оти, навистина, нема ништо поубаво и повозвишено од верата христијанска.

Ете, и целокупната историја на човештвото покажала дека секоја идеологија, религиско учење или философија надвор од Христа, е само творба на несовршениот човечкиот ум и како последица на тоа подлежи на несовршеност, анахроност, релативизам, контрадикторност, а честопати, свесно или несвесно, му служи дури и на злото. Единствено во Христа почива полнотата на вистината, светлината и радоста; Он му го објави на светот вистинското Божјо Откровение. Затоа, оние што се Негови, оние што Го прифатиле во своите животи, постојано се радуваат и ги радуваат и просветлуваат сите околу себе, а тие што припаѓаат на какви било учења од овој преоден свет, што не Го исповедаат Христа за Бог и Спасител, не само што и самите се наоѓаат во заблуда, туку имаат во себе голем потенцијал да заблудуваат и други, предизвикувајќи кај нив немир, тага и страв.

Нека Богородица ни помогне да го живописаме овој прекрасен храм – вистински украс на нашето село, да го осветиме и секогаш да го полни со правоверни Христијани!