„Раѓањето Твое, Богородице Дево, радост ѝ возвести на целата вселена“

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за празникот Рождество на Пресвета Богородица, изговорено на Светата Литургија во храмот на Пречистата во с. Ростуше

 

или мои, слушнавме пред малку од тропарот на денешниот празник – Рождество на Пресвета Богородица, едни прекрасни зборови: „Раѓањето Твое, Богородице Дево, радост ѝ возвести на целата вселена“. Помислете колку силни зборови се овие! Раѓањето на еден човек, на една Девојка, да донесе толкава радост, што ќе ја исполни целата вселена! Да се радува сè што е создадено само поради едно Раѓање!

Но, зошто токму тоа Раѓање да биде причина за таква славна и неискажлива радост? Затоа што денес никна нова „фиданка од коренот Јесеев“, фиданка којашто ќе Го израсне и одгледа небесниот Грозд – Христос нашиот Бог, Избавителот и Спасителот на човечкиот род, а со тоа и на целото творение Божјо.

Знаеме од учењето на нашата Црква дека Господ го создал човекот како круна на целото Свое создание. Погледнете: сиот овој преубав свет, сета чудесна и хармонична вселена, оваа Божествена демиургија како своја круна го има човекот. А, највозвишена, пак, меѓу сите луѓе е токму Онаа чиешто Раѓање денес ја радува вселената. Бидејќи во Стариот Завет имало и многу други праведници, но, на секој од нив Господ им дал само делумна благодат, додека во Пречистата Дева Марија се сместила полнотата на благодатта; Таа ги собрала во себе и умножила сите Божји добродетели. И токму Неа човечкиот род Му ја принесе на Господа како оправдание и дар за помирување со Него.

На почетокот од Светото Писмо читаме дека Бог го создал човештвото во лицето на првиот човек Адам и неговата жена Ева, на кои им дал слобода да пребиваат во постојано општење со Него. Меѓутоа, свештената историја покажува дека, за жал, човекот повеќе го возљубил гревот отколку заедничарењето со Бога. Првиот човек трагично отпаднал од Бога заедно со својата жена, и така човечката историја станала мрачна, исполнета само со грев, тага и смрт. Но, среде тој мрак на човештвото се појави еден светлоносен зрак – Пречистата Дева и Богоотроковица Марија, Која излезе од осветената неплодна утроба на прамајката Божја Ана, и со Своето Раѓање ја просвети, освежи и зарадува сета вселена. Зашто, Бог Господ толку го возљуби светот, што накрај Го испрати Својот единороден Син, Кој стана еден од нас. Замислете каква е таа милост и снисходливост! Бог, Кој има сѐ, Кој ја создал оваа прекрасна вселена, посака да стане човек, и не се згнаси од тоа што човекот навистина многу пати ги надминал сите граници во злото и морал да биде казнет поради тоа. Светото Писмо раскажува како човечкиот род толку многу потонал во беззаконија и најстрашни гревови, што Бог немал избор освен да направи потоп на земјата. Таква судбина ги снашла и градовите Содом и Гомор, кои станале синоним за порочен и развратен живот.

Меѓутоа, и покрај сето ова, Бог не го остави човекот, туку дојде при него, грешниот, го прегрна и ја зеде неговата природа за да ја обожи. И денешниот свет е сведоштво за Неговата преголема милосрдност и трпеливост кон родот човечки. Гледате колку ужасно место за живеење е светот денес! Насекаде слушаме гласови за војни, цели народи се раселуваат по насилен пат, има голема нееднаквост – екстремно богати и екстремно сиромашни луѓе. И се чини како да нема веќе место за Бога во современото општество, Христос е гонет на Исток и презрен на Запад. А, сепак, Божјата љубов кон нас не се намалува; Бог неизмерно го љуби светот и го покрива со својата благодат. Затоа и се воплоти. Преку Пресвета Богородица, најчистото суштество родено на земјата, Он си подготви Себеси престол и слезе на земјата. И затоа денес велиме: „Раѓањето Твое, Богородице Дево, радост ѝ возвести на целата вселена“, зашто од Неа се роди Сонцето на правдата, Христос Кој е Бог и Човек и Кој го спаси целото човештво. Земајќи ја на себе нашата падната човечка природа, Он ја освети и повторно ја воспостави во полнота заедницата на човекот со Бога.

Нека се радува, затоа, денес секоја човечка душа поради Раѓањето на Пресвета Богородица, бидејќи без Неа, без Нејзината слободна волја, без Нејзиното „да“ и без Нејзиниот труд во добродетелите, во љубовта кон Бога, немаше да случи нашето спасение. Со својот живот Таа ни покажа како да се трудиме да бидеме Божји пријатели, стекнувајќи ги Божјите добродетели. Како да се трудиме во доброто, во љубовта… Сега нам ни е многу полесно. После воплотувањето на Христос и примањето на човечката природа од Негова страна, за нас е веќе лесно да Го примиме Бога во нашите срца и да станеме богови по благодат. Во Стариот Завет тоа беше невозможно. Но, сега ние Христијаните, доколку се трудиме во добродетелите Божји, доколку со целото свое срце Го бараме Бога, доколку од сѐ срце го возљубиме секој човек на овој свет како наш ближен, тогаш Бог ќе се всели во нас и тогаш онаа неискажлива радост што ја има вселената поради Рождеството на Пресвета Богородица и повторно воспоставената заедница меѓу Бога и човекот, ќе стане и наша радост. А таа радост е голема за Христијанинот, зашто неговата заедница со Бога е вистинска, не е апстрактна како во другите религии, философски системи и учења. Само на Христијаните им се дало Божјото откровение, кое е единствено суштествено и дејствително, а не човечка измислица. Христос дојде на земјата за да ни стане пример, да стане урнек за вистински човек. Ако првиот човек Адам беше пример за тоа како не треба, Христос – новиот Адам е пример за тоа какви треба да бидеме: исполнети со љубов, мир, радост, единомислие, меѓусебна пожртвуваност. Христос е вистинскиот одговор за секој човек, Он е единственото решение за мракот и бесмислата во светот. Доколку сакаме да бидеме вистински луѓе и филантропи, човекољупци, тогаш треба да Го избереме Христа. И ако светот Го избере Христа, тогаш сите ќе пребиваат во светлина, бидејќи само Христос рекол: Јас сум светлината на светот (Јован 8,12). Замислете си што би се случило доколку го снема материјалното сонце! Едноставно би настапил крај на светот. Така и без Христос, Кој е нашето духовно Сонце, светот би потонал во смртоносен духовен мрак. И навистина, кога човекот ќе се оддалечи од Христа, Го остави Христа, за него настапува крај уште овде на земјата, а потоа, со неговиот телесен крај, односно смртта – и вечна смрт, бидејќи тој самиот се осудил себеси да биде далеку од Бога и со тоа засекогаш мртов.

Нека Пресвета Богородица, Која е најголемиот Божји дар за човештвото, и секогаш ги слуша нашите молитви и ги принесува на нашиот Спасител Господ Исус Христос, измоли од Него што повеќе луѓе духовно да се пробудат, и да ја дознаат единствената и апсолутна вистина која неповредено се чува во светата, православна, апостолска Црква, а таа вистина е богооткриената вера во Христа Господа.

Храмот на Пречистата Богомајка во с. Ростуше

Да Ѝ благодариме на Пресвета Богородица што благоизволи да го обновиме овој преубав храм, кој е украс во овој крај и кој така хармонично се слеа во природните убавини што Бог ги дал овде. Да се помолиме да ни даде сили целосно да го завршиме, да го живописаме и најпосле осветиме, а за тоа ќе треба да придонесеме сите. Би сакал сите вие да се ангажирате, да им кажете на благочестивите и дарежливите луѓе дека секој што има желба, ќе може да приложи средства за да се направат фрески, така што нивните имиња ќе бидат засекогаш запишани на фреските како приложници и дарители на овој свет и Божествен храм. Откако ја зографисаме, ќе можеме и да ја осветиме за слава Божја и во слава на Мајката Божја. Амин!