Каков, значи, мои драги пријатели, треба да биде нашиот став во врска со рајот, кој е и во нас и од кој ние сме дел? Како треба да се живее во рајот? Соголено, но не во срам. (Битие 2,25). А што значи да се стои соголен пред Бога? Тоа значи да Му се пристапува на Бога во едноставност, природно, без притворност, спонтано, лишено од нашата површна комплексност и комплицираност. Адам и Ева го љубеле Бога природно, без патетика, без ограничувања, без измачувачки сомнежи и пресметливост. Тие биле соголени од сите овие нешта и затоа биле слободни.
И ете зошто оние што се крштеваат ја соблекуваат својата облека. Ете зошто оголеноста е во срцето на монашкиот потстриг, како при промената на облеката така и во отсекувањето на косата. Во првите векови и монасите и монахињите биле лишувани од целата нивна коса при потстригот, во знак на голотијата на Адам и Ева пред Бога. И ете што значи да се биде монах или монахиња: да се отфрли секоја врска со светот, да се одложи секаков никулец на гревот кој што се прилепил до нас (Евреите 12,1). Монасите и монахињите не треба да се облекуваат во облеката на општествените врски; тие треба да ги отсечат сите ставови, да се испразнат од сите информации, желби и искуства. Тие треба да заборават се, да напуштат се, бидејќи ништо од светот нема некаква вредност во манастирот.
(Продолжува…)