Современата библиска наука (трети дел)

Од кога се предизвиците за наука?

Современиот човек се поврзува со науката. Затоа и Библијата сака да ја поврзе со науката. А што претставува науката? Науката е систематско проучување на предметите. Таа помага во развојот на цивилизацијата. Се занимава со сите предизвици и навлегува во сите сфери. Нејзиниот развој е врзан со развојот на човештвото од древноста до денеска. Уште старите народи во Азија и Европа имале такви предизвици и постоеле такви луѓе што се посветувале на важните прашања од животот и човекот. Во тоа време, тие луѓе ги нарекувале мудреци или учители на мудроста. Нив ги имало кај сите древни народи: кај Вавилонците, Египќаните, Елените, Македонците, Римјаните. Уште оттогаш се предизвиците и развојот на науката.

Како приоѓале кон Библијата и кој ја проучувал?

Во развојот на цивилизацијата и науката, значајна улога има и Библијата. Таа била предизвик за мудрите од овој свет, во сите времиња. Нејзе и приоѓале и кон неа се навраќале и оние што ја почитувале, ја сакале и ја проповедале, но и оние кои не ја сакале и се противеле. Секој и приоѓал од свој агол и од различна гледна точка. Освен богословски, таа најмногу е проучувана од историски, од филозофски и од филолошки поглед.

Во Библијата многупати се спомнува мудроста и се говори за мудри луѓе и учители, што би значело проучувачи, луѓе од науката. Тоа е првото приоѓање на науката кон Библијата. Постојат и три библиски книги кои се поврзани со изразот мудрост: Книга мудрост Соломонова, Книга мудрост Сирахова и Книга мудри Соломонови изреки. Царот Соломон е познат како мудриот Соломон, дури и е нарекуван премудриот цар Соломон, се разбира, како најмудар меѓу луѓето, бидејќи премудроста Му припаѓа само на Бога.

За учителот во Израилот, којшто имал и своја школа, се запишани библиските зборови: „Уште како момче пред да почнам да патувам, во молитвата моја отворено мудрост барав: пред храмот се молев за неа и до крај ќе ја барам… Напредував во неа. Одлучив да одам по неа; Го следев доброто и нема да се посрамам… Дојдете при мене, вие ненаучените, во училиштето мое бидете. Зашто вам мудроста ви е потребна… “ (Мудр. Сир. 51, 18, 19, 22, 24, 25. 31, 32). И уште вели: „Ќе Го прославувам Оној, Кој ми ја дарува мудроста. Оваа мудрост за поука и знаење ја напишав во книга, јас, Исус, Сираховиот син од Ерусалим, кој ја изли мудроста на своето срце. Блазе му на оној што ќе размислува за овие поуки; кој ќе ги стави во своето срце, тој мудар ќе биде, а кој ќе ги извршува – ќе успее во сѐ“ (Мудр. Сир. 51. 23; 50, 29-31). А, за посветените на мудроста и на проучувањето – за посветените на науката, вели: „Само оној што душата своја ја посветил на размислување… тој ја бара древната мудрост и се занимава со пророштвата. Тој ги помни зборовите на славните луѓе и проникнува во смислата на нивните мисли. Тој го проучува сокриеното значење на зборовите и се бави со тајните на загатките“ (Мудр. Сир. 39, 1-3).

Бил ли Христос учител, истражувач и научник?

Господ Исус Христос совршено ја извршувал учителската служба, учејќи ги на добро Своите ученици – апостолите и сите луѓе. дење и ноќе. Секогаш и секаде. Целото Евангелие е божествена наука за спасението на човекот. Затоа, Христос бил нарекуван учител. Така Го нарекувале и Неговите апостоли, и другите луѓе, па дури и Неговите непријатели. А оној што бил нарекуван учител и мудрец, значело научник, во современава терминологија.

Исус Христос му беседи на народот

Во Неговата учителска дејност покажувал и истражувачки одговори и посочувал цитати од книгите на Стариот завет. Тоа е особено изразито во Беседата на гората (Матеј 5-7 глава) и во разговорите со учените книжници, првосвештеници, садукеи. фарисеи и други Негови противници. Господ ги повикувал и другите на ползување од Писмата. Ги поттикнувал и на ползување на  интелектуалните способности. Ги испраќал Своите апостоли и учениците да бидат учители на светот. Неговиот повик на знаење, подготвеност, проповед и труд, значи почит и повик на интелектуална дејност, која се поврзува со научната дејност.

Кои апостоли се значајни интелектуалци?

Вистина е дека Христос за Свои апостоли не ги одбрал мудрите од векот, туку ги зел крај Себе едноставните добродушни и чистосрдечни луѓе, но сепак, меѓу Неговите ученици имало и значајни интелектуалци од времето и видни личности на целата таа епоха. Таков бил свети апостол Павле. Тој бил многу образован човек и голем познавач на книжевноста и филозофијата. Човек со завршено образование на световните универзитети. а и со завршена рабинска академија во Ерусалим. Тој бил одличен познавач на законот Божји и на законот човечки, на светото и на световното, филозоф и книжевник, полиглот и писател. Како него бил и евангелистот Лука, Македонец од Филипи, а школски другар на апостолот Павле.

Апостол Павле и Евангелист Лука

Заедно студирале на Универзитетот во Тарс. Павле, тогашниот Савле, студирал книжевност и филозофија, а Лука студирал медицина на истиот универзитет и станал познат лекар, уметник и писател. Не помалку мудар и образован бил и Никодим, тајниот ученик на Господа Исуса Христа, којшто бил член на ерусалимскиот синедрион. Тоа значи парламантарец – член на државниот парламент. А, такви имало и други, нам познати и непознати. Бог тоа го благословил и ги дарувал со мудрост и со можност да ги испитуваат тајните и да создаваат наука.

Нели светите отци и учителите на Црквата биле најголемите универзитетски умови?

Св. Кирил и Методи – фреска од Бигорскиот Манастир

Да, тие биле на врвот од науката во своето време. Особено многу образовани биле учителите на Црквата и црковните отци од првите векови. Тие ги завршиле сите тогашни школи и ја познавале целата класична наука и филозофија. Биле првенци на тогашните универзитети. па така подготвени, откако ја проучиле и Библијата, започнале да водат тешки богословски спорови и дискусии. Тие одговориле на сите прашања упатени кон христијанството и кон Библијата, оставајќи ни огромно книжевно богатство, со нивните многубројни дела. Такви се учените црковни основоположници на големите школи во Александрија и Антиохија, од Ориген, Климент и Кирил Александриски, до светите Василиј Велики, Јован Златоуст, Григориј Богослов, па Григориј Ниски, Симеон Нов Богослов или кај нас: светите Кирил-Константин Филозоф, професорот од тогашната најголема Магнаурска школа во Цариград и брат му Методиј, па Климент и Наум, Теофилакт и Кавасила и многу други.

Каков е денешниот развој на библиската наука?

Библијата продолжила да се изучува низ сите векови. Создадена е долготрајна традиција во библиската наука. Денес таа се изучува на сите големи и значајни уннверзитетски центри во светот. Библистиката се развива во позната и важна научна дисциплина. Таа ги ползува сите современи средства и методи во нејзиниот развој. Нејзина цел е да го обезбеди најквалитетното знаење за библиската вредност на Божјиот збор и да ја внесе библиската мисла и култура во развојот на цивилизацијата.

Ако Библијата низ вековите оставила свои големи траги и белези на општеството и човештвото, уште повеќе од тоа што го правеле тогашните отци и учители на Црквата треба да го направи библиската наука во нашево време. Не смее новото време да остане без белегот на Библијата и без влијанието на нејзината мудрост и поука.

Се разбира, Библијата, преку библистиката како современо научно напредување, дава значаен придонес и во развојот на другите науки, како на пример, во филологијата и древните јазици и граматики, во историјата на дамнешните настани, во археологијата и библиската географија, а особено во книжевноста и уметноста. Тоа значи дека таа не е потребна само за себе, туку и за другите. Изучувањето на Библијата донесува големи богатства и за другите значајни и големи области од животот на човекот, кои се од полза за целото човештво и за современата култура и цивилизација.

(Продолжува…)