Божјиот човек има особена врска со времето, го смета за нешто сакрално, вредно, нешто кое не сака да го изгуби. Гледате, денес сѐ што постои – медиумите, технологиите по домовите, постојат затоа што многу добро е познато дека тоа ќе „врви“ на пазарот, бидејќи човекот се научил да си го губи времето. Телевизорот, интернетот, што и да е, зошто ми го дале, зошто сум го зел? Затоа што, многу едноставно, сум научил да си го губам времето. Но, го гледаш Св. Василиј Велики и си велиш: „Кога успеал да го направи сето тоа?“ Еден болен човек, кој постојано имал болки, станал епископ на 40 години и за 9 години извршил неверојатно дело. Тоа значи дека не губел ни минута. Благотворно, писателско, свештеничко дело, а притоа не ја оставил ни својата аскеза. И како да го слушаш Св. Јован Златоуст да вели:
„Немој да ја изгубам целата ноќ во сон“. А, тогаш кога ќе го опфатела дремка, се врзувал за таванот на ќелијата, за да остане исправен, да не заспие, да напише уште нешто, што повеќе, да испрати и други писма за и други луѓе да имаат духовна полза, и други да го спознаат Христа. Зарем ова го сметаме за крајност?
Но, постои ли поголема крајност од онаа што ја живееме денес? И да знаете – загубеното време станува страшен терор, затоа што си го губам времето, се полнам со немир и започнува да ме опфаќа страв. Сакате ли да ви кажам една споредба? Ние во Тива врз некролозите ги пишуваме и прекарите и житието на починатиот. И одиш, а погледот ти паѓа не на тоа кој се упокоил, туку на колку години се упокоил. И кога ќе видам дека бил 80 годишен, си велам: „Имам време!“ Но, ако видам дека бил 42-45 годишен, започнувам да се вознемирувам. Времето ме соочува со таа споредба и тоа ми станува кошмар. Се вознемирувам, се плашам, бидејќи не си го исполнив времето со Бога. Претвори го своето време во вечност, внеси во времето љубов, молитва, милостина. Го имаме Христа, Кој влезе во времето и промени сè. Толку е смирен Христос, се снижил, безвремениот влегол во времето, а јас кој го имам тој голем дар, го расфрлам, го губам и заедно со него ја расфрлам и душата и животот свој. Го фрлам времето кое би можело да ми биде многу полезно. Најискрените зборови ги слушаме на гробиштата. Односно, не ми стасаа 50 години на мојот ближен да му кажам едно: „Те сакам, ти благодарам, проштевај!“ И, си велиш: „Зошто? Немав ли време? Имав, но, како го потрошив? Го изгубив“. И доаѓа Св. Јован и ти вели: „Те молам, не одлагај повеќе, сега зборувај му на човекот, сега покај се, сега падни на колена на земјата, а не после“.
Знаете ли, што ја уништува нашата сегашност? Две нешта. Ние сме меѓу две Симплегади (Симплегадите во древно-грчката митологија се двојни скали во Босфорот кои често се удирале една во друга и меѓу нив никој не можел да помине). Едната Симплегада е минатото – тешки, неисцеливи состојби на душата кои ја затвориле во минатото. Другата, пак, е иднината. Минатото и иднината ја ставиле сегашноста на средината и од двете страни ја притискаат и уништуваат. Немојте да ми кажете дека не се чувствуваме вака. И се прашуваш: „Што можам да направам во оваа сегашност, во врска со минатото и иднината?“ Многу едноставно нешто, Црквата ти го кажува, таа сака да те избави, да те ослободи. И што да направам? За минатото – покајание, а за иднината – вера. Предај се на Божјата промисла, а за минатото покај се и си се исцелил.