Страста кон среброљубието

Извадок од книгата на Св. Јован Лествичник од вториот том на Добротољубието.

За борбата со осумте главни страсти

Борба со среброљубието

Среброљубето е исмејувач и доброволен нарушувач на духот на Светото Евангелие – љубовта.


1. Среброљубието е ќерка на неверието. Тоа како свои оправдувања ги посочува: можните болести и слабости, староста, и ненадејниот глад поради суша.

2. Среброљубецот е исмејувач и доброволен нарушувач на духот на Светото Евангелие – љубовта. Ако некој има љубов, тој не чува пари. Оној што мисли дека може да живее заедно со љубовта и со парите, тој самиот се мами.

3. Оној што се оплакува себеси, кој плаче поради своите гревови, тој не само од својот имот, туку и од своето тело ќе се откаже, и ако се покаже потреба, тој и него нема да го пожали.

4. Не говори дека имаш потреба да собираш пари, за да им помагаш на сиромасите, та преку милостињата да го добиеш царството небесно, зашто царството небесно може да се купи и за две лепти.

5. Странољубецот и среброљубецот се сретнале еден со друг; вториот го нарекол првиот неразумен.

6. Оној што ја победил страста на среброљубието, тој се ослобидил од сите грижи; а кој се врзал со неа, него секогаш ќе го измачуваат грижите и тој никогаш не ќе може да се помоли чисто.

7. Среброљубието секогаш почнува со претпоставката за делење милостиња, а завршува со омраза спрема сиромасите. Среброљубецот е милостив додека собира пари, а кога ќе насобере многу, тој си ја стиснува раката.

8. Сум видел јас сиромаси, луѓе без пари, кои живееле како бедни по дух и кои се збогатиле духовно и кои заборавиле на својата некогашна сиромаштија.

9. Оној што го презрел богатењето – ги отфрлил сите грижи за земното; не се грижи за животот и за земното. Тој оди по својот пат, на кој нема пречки. Тој е господар на светот; сите свои грижи Му ги оставил на Бога. Тој на луѓето не им говори за своите потреби, а сѐ она што му доаѓа во животот – тој го прима како од раката на Самиот Господ.

10. Оној што не сака да богатее, тој за ништо не е приврзан, а и она што го има, смета дека не е негово. Па бидејќи се сметал за ѓубре, тој решил да се оддалечи од светот и да стане отшелник. Кој се жалости по нешто, тој уште не се ослободил од приврзаноста кон богатството.

11. Слободниот од приврзаноста кон богатството – чисто се моли, а оној што е врзан со него, кога се моли – исполнет е со земни слики.

12. Оние што живеат во послушност – далеку се од среброљубието, зашто кога телото свое го предале, тогаш што како сопственост можат да имаат?

13. Оној што вкусил од горните убавини, тој за ништо не ги смета долните – земните; само оној што не вкусил од првите – тој може да им се радува на последните.

14. О, монаси, да не бидеме помаловерни од птиците, – кои не се грижат, не сеат и не жнеат.

15. Голем е оној што мудро се откажал од секаков имот, но оној што се откажал доброволно; тој е свет; првиот ќе добие илјадапати повеќе имот или дарови, а вториот – ќе го наследи вечниот живот.

16. Брановите нема да го напуштат морето, а среброљубците секогаш ќе бидат гневни и жалосни.

17. Непоколебливата вера сите грижи ги отфрла, а мислата за смртта нѐ учи и од телото наше да се одрекуваме.

18. Во праведниот и многустрадален Јов немало ни тронка од среброљубие; тој кога се лишил и од сѐ – пак останал спокоен.

19. Светиот апостол Павле вели: “Коренот на сите зла е среброљубието(1. Тим. б,10), затоа од него произлегуваат омразата, кражбите, зависта, разделбите, збрканоста, покоста, жестокото срце и убиствата.

20. Верата и отшелништвото се смрт за среброљубието; милосрдието и љубовта не го штедат ни самото тело.

21. Како што не можат лесно да одат оние што имаат окови на своите нозе, така и оние што собираат пари – не можат да се искачат на небото.

22. Ако е крајниот степен на среброљубието во тоа кога човекот не може да престане да собира пари и да се збогатува, не можејќи да се насити со нив, – врвот на несреброљубието се состои во тоа – да не се штеди ни своето тело.

23. Да ги оставиме грижите, зашто ние веќе сме запишани во бројот на ослободените на земните грижи. Со ништо не ќе можеме да се извиниме, ако не ги исполниме нашите завети. Треба да си спомнеме само едно: оние што Го примиле Господа со раѓањето во светото крштевање, Он “им даде можност да станат синови Божји(Јован 1,12). Затоа им вели: “Застанете и разберете дека Јас сум Бог(Псал. 45,10).

24. Да ги оставиме грижите. Голем срам е за нас, кои сме оставиле сѐ, кои сме призвани не од човек, туку од Самиот Господ, и Кој сака да се грижиме само за она, од што ќе имаме нужда кога нашата душа ќе се оддели од телото. Да не се свртуваме наназад, туку да бидеме свртени кон небесното царство.

25. Бесот на среброљубието ги напаѓа несреброљубивите, и кога не може да ги победи, тогаш им ги претставува сиромасите, кои живеат од милосрдноста на другите. Преку тоа настојува пак да станат земни и среброљубиви.

26. Како што оние што го менуваат своето злато за глина претрпуваат голема загуба, така и оние, заради придобивање на телесните удобности – ги објавуваат и разгласуваат своите духовни успеси, – претрпуваат голема загуба.

Извадок од: Добротољубие, Т2, Скопје 1997, стр: 521-523