Замката на претераното размислување

Ние сите си правиме сценарија во нашите глави, нели? Исто така, сите си имаме свои мисли. Секако, мислите само доаѓаат и си одат, додека овие сценарија обично се поврзани со нашата психа, можеби со нашите доживувања во утробата, нашите гени, околината, итн. Расудувањата се малку покомплексни и обично потешко се менуваат, додека мислите едноставно доаѓаат и си одат. Илјадници од нив. Со цел да стекнеме позитивен начин на мислење, ќе мора да се потрудиме да го свртиме во обратен правец тој наш негативен процес на мислење. Токму заради тоа што го поседуваме тој негативизам. Кога ќе ни дојде лоша мисла, како што Св. Пајсиј прекрасно го објаснува тоа, треба да го свртиме тркалото во обратен правец. Со други зборови, кога ќе ни дојде лоша мисла за некого, ние треба веднаш да погледнеме назад кон себеси. Ете зошто здраворазумноста е неопходна за да негуваме позитивен начин на мислење. „Како би можела да судам и обвинувам некого кога сум полоша од него?“ Или, на пример, доколку видам нешто лошо ќе помислам: „Да бев јас на местото од таа личност, како ќе постапев?“ Или ајде да го земеме овој прекрасен пример од Старечникот.

Имало во тоа време некоја жена која била сметана за неморална; таа била премногу дотерана и налицкана. Сите, се разбира, ја суделе и ја нарекувале со погрдни имиња, додека, пак, еден подвижник плачел. „Зошто плачеш?“ „Си мислам, кога  оваа жена толку многу вложува труд само заради својата надворешна убавина, како ќе се оправдам јас како монах доколку не вложувам барем исто толку за својот Христос?“ Во истиот миг и на самото место, слободен од осудување, тој се свртел кон себеси. Покажал здраворазумност, изрекол една добра мисла за таа жена или пак, за било кој друг за кого можело да стане збор и затоа ќе може да се моли.

Но ако не успееме да ги свртиме наназад нашите мисли, сигурно ќе завршиме на психијатрија. Ова е симптом на нашето време. Се разбира, ниту ние овде во манастирот не сме имуни на тоа. На пример стојам овде крај вратата и зборувам со некого, додека некој друг стои онаму покрај храмот, на околу 150м далечина. Секако, кога зборуваме со некого, ние несвесно се смешкаме или  гледаме наоколу. „Не, ти гледаше во мене!“ Од тој момент па натаму, сѐ е попусто. Дури и те плаши по малку. И треба да се плашиш, бидејќи ако тоа е начинот на којшто ги гледаш работите, „Не си фер кон себеси“, како што нашиот Старец обично велеше. Тој не велеше: „Ти си штетиш себеси“, туку: „ Со тоа не си фер кон себеси “. И, тогаш ќе останеме сами, плачејќи и роптајќи заради тоа. Но, кој би сакал да ѝ пристапи на некоја личност со која премногу се плаши дури и да зборува, бидејќи таа личност веднаш ќе почне да го осудува или него или некого друг? Тоа е навистина заморно. Ние сме сите уморни. Имаме потреба од благи, утешни зборови, прегратка. Ако продолжиме да судиме и критикуваме…


Пред некој ден добив порака за една личност којашто отишла во црква и се случило неговиот телефон да заѕвони. Може да се случи на било кој од нас. Тој човек очигледно бил засрамен, бидејќи не можел веднаш да го исклучи телефонот. Свештеникот го прекорил. Луѓето што се молеле таму исто така го прекориле. Тој излегол од црква заедно со својата жена, но и таа, исто така, го прекорила заради неговата неразумност. Си заминал вознемирен и истата таа ноќ, како што ми кажаа, отишол во бар. Неговиот телефон заѕвонил. Всушност, не. Тој порачал пијалок, бидејќи се чувствувал напнат, бил нервозен. Пијалокот му паднал од рацете. Вработениот му пристапил и му рекол: „Во ред е, господине!“ И веднаш го исчистил истуреното. Сопственикот на барот му пристапил и му рекол: „Не грижете се, господине“ и му дал нов пијалок. Еден друг, пак, човек, му пристапил, го потчукнал по грбот и му рекол: „Се случува, пријателе, сѐ е во ред“. И тој човек, откако ги доживеал овие две потполно различни искуства во еден ист ден, не сакал повеќе да стапне во Црква. И порака завршуваше со: „Кажете ми, кој е виновен за оваа ситуација? Дали сме или не сме одговорни за тоа што се случи?“ Ние често само ќе речеме: „Па, тој човек си е едноставно таков“. Но, дали воопшто знаеме зошто е тој таков? Дали сме воопшто свесни дека ја имаме моќта да ги смениме тие негативни предрасуди што ги има. Знаете, и ова е замка. Бидејќи ние се грижиме само за себеси, мислиме само за нашите внатрешни борби. Но, дали воопшто сме се погрижиле да му помогнеме некому да ги смени своите негативни предрасуди?