Благословената желба на човекот

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено во Неделата на Закхеј, по читањето на Евангелието на Светата Литургија, на 29 јануари 2023 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Чувме, мили мои, од светото Евангелие за доста интересен настан од животот на Спасителот наш Господ Исус Христос, поврзан со еден жител на градот Ерихон. Тој граѓанин, по име Закхеј, бил митник по професија, началник на цариниците; несомнено богат, но корумпиран човек, бидејќи своето богатство го имал стекнато на неправеден начин, собирајќи данок од народот за римските власти – секако, со голема доза на злоупотреба и приграбување за себеси. Поради тоа бил многу омразен од обичните жители. Евангелскиот расказ ни соопштува како Господ Христос, проповедајќи го Своето Божествено слово, пристигнал во градот Ерихон и минувал низ него. Кога веста за тоа дошла и до ушите на овој цариник, тој силно посакал да Го види, да дознае Кој е Он. Меѓутоа, по патот каде што требало Исус да помине, веќе имало собрано огромно множество народ – што се случувало насекаде каде и да се појавел Он – а Закхеј бил доста низок по раст, не можел да се подигне над насобраната толпа, за да Го види. Местото било преполно. Сите поради една или друга причина сакале да Го видат необичниот Посетител. Едни копнееле да се излечат од болестите свои, бидејќи чуле за Неговата чудесна моќ, па верувале дека и ним ќе им помогне. Други сакале да Го видат од чиста љубопитност, оти за Него надалеку се прикажувало. За нив тоа преставувало вистинска сензација, а како што гледаме, ни денес не е ништо поразлично – и во наши дни мнозина се гладни за сензационализам, па затоа неуморно киснат по социјалните мрежи. Фарисеите и првосвештениците, кои, исто така, биле во толпата, дошле таму од сосема поинакви причини, имено, за да Го искушуваат. Тие не можеле да сфатат и да си објаснат себеси како Тој Човек може да врши толкави чудеса, а ете, според нивните критериуми Он во никој случај не би можел да е Месијата.

Огромна била, значи, толпата што нагрвалила околу Исуса и за кусиот Закхеј било речиси невозможно среде сите тие луѓе да Му го види лицето. Но, поттикнат од преголемата желба што пламтела во него, тој сепак изнаоѓа начин да Го види Божествениот Учител. Замислете, овој богат, иако презрен, но насекаде познат човек, спровел еден смел и необичен план: истрчал напред и се качил на една смоковница. Патем, дрвјата во Израел не се баш многу високи, така што и децата можат да се качат на нив. И еве овој човек, толку многу копнеел да Го види Исуса, што го победил срамот од луѓето и се качил на дрвото, покрај коешто требало да помине Христос – притоа, можеби, ги растерал и децата доколку ги имало, само и само за да Го види Оној за Кого насекаде се зборувало.

Во преносна смисла, мили мои, сите ние имаме во себе еден Закхеј, кој е потиснат од нашите страсти и гревови и потопен од многубројните искушенија и проблеми во животот. Тоа е нашето автентично јаство, нашето внатрешно јас, кое е заглушено и притеснето од толпата на овој свет, обременето и изморено од гревот. Тоа не е среќно среде сиот тој суетен метеж, па затоа постојано тагува, негодува, очајува – сака да види нешто повозвишено, во крајна смисла сака да Го види својот Творец, од Кого е прозлезено и Кој е Единствениот што може да го направи исполнето со радост и спокој. Многумина философи, психолози, антрополози и сл. го дефинираат човекот како еден збир на желби. Човекот е битие кое сенешто посакува. Меѓутоа, во основата на сите тие недобројни желби на човека, лежи неминливата желба да се види и да се биде со Бога. Единствено тогаш, кога е во непрестајна заедница со својот Создател и Татко небесен, човекот се чувствува полн, целосен, завршен и совршен. А за да се биде во заедница со Бога, неопходна е најнапред желбата да Го видиме, да Го спознаеме.

Следствено, за да би можеле да Го видиме Христа, нашиот Творец и Бог, потребно е пред сè, да ги занемариме сите останати желби, кои се второстепени, па и безначајни во однос на единствената вистинска желба – да бидеме со Него. Треба да ги канализираме сите наши странични изискувања во едната огромна желба, налик на онаа што ја гледаме денес кај Закхеј во Евангелието: да Го видиме Исуса и да спознаеме Кој е Он. И кога во нас ќе бликне таа силна желба, верувајте, Бог прв ќе нè види и ќе пристапи кон нас, ќе се всели во нас. Тоа е и главниот мотив за Неговото доаѓање на Земјата во човечко тело – Он сакаше да ни даде можност да Го видиме, да Го чуеме, да Го допреме, да се запознаеме со Него, да пријателствува со нас и да нè спаси. Он совршено ги знае срцата и помислите на луѓето. Така, Христос уште оддалеку ја проѕрел желбата на Закхеј, неговата подготвеност за покајание и промена и затоа, кога се доближил до смоковницата, иако опкружен со безброен народ, Он не само што го забележал Закхеј на дрвото, туку од сите тие луѓе присутни таму во тој миг, му се обратил токму нему и веќе му станал пријател: Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом (Лука 19,5).

Ваквиот пристап ги запрепастува сите, па дури и самиот Закхеј. Тој, кој бил презиран од мнозинството, презрен и од самиот себе, не се сметал достоен за такво нешто. Барал само едно мало нешто за кое сметал дека ќе му биде доволно – да  погледне од дрвото и да Го види Христос, та да биде среќен. Но Бог, кога ќе ја забележи нашата желба да Го спознаеме, да другаруваме со Него, тогаш Он Самиот доаѓа во домот на нашето срце и сака да пребива таму. И тој веднаш слезе и Го прими со радост (Лука 19,6).

Во настанот со Закхеј има еден поразителен момент, кога доаѓа до израз најгрдата форма на човечка завист и злоба. Имено, кога Исус решил да отиде во домот на еден таков цариник, грешник, презрен, групата искушувачи составена од фарисеите и првосвештениците, веднаш нашле причина да Го осудат и понижат Христа пред народот: И сите, кога го видоа тоа, негодуваа и рекоа: „Отиде во куќа на грешен човек“ (Лука 19,7). Слично како што осудувачки помислил и Симон Фарисејот, кога, како што ни вели Евангелието, кај него дошла грешната жена за да Го помаза Христа: Кога Овој би бил пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што Го допира, зашто таа е грешница (Лука 7,39). Меѓутоа, Господ ги знаел срцата на сите што се туркале и стискале околу Него, за да Го видат; го знаел и срцето на Закхеј. Затоа оставил злото да кулминира, лошите помисли од главата да излезат и на устата, па да почнат осудувањата и клеветите според човечките критериуми. Помислете само колку често ни се случува на сите нас избрзано да изречеме суд за некои нешта што само надворешно ги гледаме, без притоа да ја знаеме причината, заднината и вистината на тие нешта. Така и фарисеите веднаш Го осудиле Исуса, како човек кој не знае да проценува личности, кој не знае каде оди и кој остава лош пример во градот, бидејќи, ете, Он, Пророк и Учител, влегол во домот и останал на ручек кај еден голем грешник, кој неправедно се збогатил, направил голема куќа, стекнал многу имот. Собрани така наоколу, тие само осудувале и го подбуцнувале народот кон негодување, чекајќи да видат што ќе се случи. Важно, во нивните очи ликот Христов веќе бил нагрден. Се чинело како злото да триумфира.

Но, што се случува? Кога Бог ќе го допре срцето човеково, тоа одеднаш се преобразува, станува различно од претходно, станува љубовно, сочувствително; станува срце подготвено за добри дела, решено да се раздава и за другите. Па така, нашиот Закхеј, допрен од преголемата љубов на Овој, за него необичен Учител, Кој му укажал една таква голема чест да појде дури и во неговиот дом, силно се израдувал и се исполнил со благодарност што неговата желба била пресретната со таква милост и добрина. Наеднаш Закхеј станува нов човек. Ја исполнува целта за која е дојден Христос: да нè направи ново создание, да го преобрази светот, почнувајќи токму оттаму – од срцето. Во мигот кога Он ќе дојде во срцето, секој човек станува нов. Тоа се случи и со Закхеј. Слушнавме пред малку како до скоро грешниот и презрен митар, ненадејно доживува таква преобразба во срцето: А Закхеј застана и Му рече на Господ: „Господи, еве половината од својот имот ќе ја дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто, четворно ќе го вратам“ (Лука 19,8). Тој, значи, преобразен од љубовта Божја, ветил дека не само што ќе го врати неправедно одземеното, ами и четирикратно ќе им возврати на луѓето од кои зел, па дури и својот имот ќе го раздаде на сиромашни. И навистина, Закхеј тоа и го сторил. Од неговото Житие дознаваме дека тој станал верен следбеник на Господа Исуса Христа, Негов ревносен ученик, а подоцна и прв епископ на градот Ерихон. Љубовта несомнено го прави најголемото чудо!

Како и на Закхеј, Христос со љубов ја пресретнува и нашата желба да Го видиме. Затоа, мили мои, да се потрудиме и ние да Го видиме Христа, издигнувајќи се над метежот од суетното секојдневие. Доколку сакаме да се промениме и да станеме нови луѓе и сè што е околу нас да тргне кон подобро, тогаш треба да поработиме на нивата од своето срце; да направиме тоа да посака да се сретне со Господ. За да ни се даде заедницата со Бога неопходна ни е таа силна исконска желба да Го бараме и да сакаме да бидеме со Него, а Он, од Своја страна, никогаш не ќе ја остави таа наша желба празна. Рековме дека Он е срцезналец и веднаш ќе препознае кое срце навистина сака да биде Него. Бог не е насилник врз слободната волја, што како закон ја всадил во нас и затоа најважното е човек сам да посака. Оти, Бог со сигурност сака да биде со нас, така што на нас останува да посакаме и ние да другаруваме со Него. Он покажува преку разни знаци дека нè љуби и дека сака да биде со нас и дека единствено Тој може да нè промени и спаси. И Закхеј слушал необични нешта за Него, слушал дека прави чудни дела, дека лекува болни, дека необично убаво зборува и ги храни и успокојува човечките души. Сите тие се надворешни знаци, коишто и денес ние ги гледаме и чувствуваме. Безброј чуда се случуваат со нас и околу нас. И да не забораваме на најголемото чудо кое Христос го сотворил – Воскресението од мртвите, преобразувајќи го целото човештво и менувајќи го текот на историјата. Следствено, да Го бараме и Он ќе ни каже: „Сакам да бидам во твојот дом, во твоето срце, бидејќи ти тоа го посакуваш“. Да Го молиме Господ Бог во сите нас да се роди оваа единствено потребна желба на нашето срце, та да почнеме да ја живееме и ние промената што на сите насуштно ни е потребна.

Амин.