Ја искачуваме лествицата на Св. Јован Лествичник слегувајќи (II дел)

Кога ќе слезеш, ќе видиш реално каде слегуваш – во својот живот, во својата душа, во својата состојба, во своето минато. Кога ќе слезеш и ќе ја видиш таа бездна, тој хаос, тој мрак, таа состојба, тогаш не можеш ништо друго да направиш, освен да го извикаш она што го извикал Св. Григориј Палама преку своето смирено слегување: „Господи, просветли го мојот мрак!

Слегуваш, се смируваш, гледаш, констатираш, се спознаваш, се покајуваш и се искачуваш. Тоа е начинот на искачување. Ќе слезеш, за да се искачиш. Ќе се смириш, за да се воздигнеш, ќе се распнеш, за да воскреснеш. Не постои друг начин, не постои друг пат. Токму тоа и сака да ни го покаже Св. Јован. Така можеш да се искачиш. Единствено така. Ќе слезеш, ќе се осознаеш, ќе го видиш својот ад, бездната, хаосот, мракот, ќе се ужаснеш од нив и оттаму, од она место на мракот ќе повикаш кон Христа. Св. Григориј Палама се молел од својата ќелија, но најмногу од својата душа. Се смирил, слегол, се осознал, се покајал, се подвизувал, се распнал, се фатил за Христа, оти го видел мракот свој и побарал светлина. Така се искачил. Тоа е единствениот начин.

Откако видовме на каков начин можеме да ја искачеме таа лествица, ќе разгледаме три скалила од она коешто ни го раскажува Св. Јован Лествичник.

Се прашуваме: што може да ни каже еден подвижник којшто 47 години живеел во пустината? Но, заклучуваш дека, бидејќи Божјата благодат го просветлува, тој е толку приземен, толку човечен и во краен случај, сфаќаш дека Божјиот човек останувајќи во светлината на Христа, го познава секој аспект, секој дел на човечкото битие, на човечката личност. Дозволете ми да кажам дека денес во многу училишта во светски рамки, особено во сферата на психологијата се предаваат лекции од Лествицата, бидејќи Светијата слегол и влегол длабоко во човекот. Како го истрпел тоа? Го држел Христа за рака, ја држел светлината, влегол во човекот и ги осветлил сите сенки, агли, празнини, болни состојби и нам ни ги открива сите тие нешта. Отворајќи ја Лествицата, ти застануваш пред едно огледало и ја констатираш својата состојба.

Ајде да видиме нешто што се забележува кај сите отци подвижници и во кое тие постојано верувале: „Го сакаш ли Христа? Остани во човекот. Го сакаш ли човекот? Фати се за Христа“. Св. Антониј Велики од пустината ни говори: „Знај, ако застанеш реално во човекот, до човекот, си го задржал Христа, ако напротив, го соблазниш брата си, си згрешил пред Христа“. Колку драгоцено нешто! Зарем без човекот можам да стигнам до Христа? Или без Христа да го возљубам човекот?

Застануваме на првото скалило што Св. Јован ни го дава. Тој вели: „Внимавајте многу со времето“. И надополнува: „Внимавајте со своето време, затоа што времето си оди и станува едно големо искушение кога ќе почнеш да ги одложуваш работите“. Јас сега велам: „Добро, ќе се покајам. Имаме ли време? Имаме. Во Страсната Седмица ќе се покајам“. Одлагање. „Добро, ќе се разберам со другиот, ќе му простам, ќе ми прости, наближува Пасха“. Но знаете ли колку големо искушение е тоа одлагање?

(Продолжува…)