Ја искачуваме лествицата на Св. Јован Лествичник слегувајќи (I дел)

Сѐ што е во Црквата е едно обновување, преродба, почеток. Влегуваш во Триодот и среќаваш еден митар – сѐ најлошо. Не многу понатаму среќаваш еден блуден син, одново сѐ најлошо. Црквата ти ги покажува сите оние кои некогаш биле мрачни, но преку покајанието и смирението станале светли, а и сите оние кои со многу борба и труд, останувајќи на својот крст, успеале да ја задржат светлината. Една таква личност од оние кои ги среќаваме и којашто низ борби ја запазила светлината, се фатила за светлината, т. е. за крстот, е свети Јован Лествичник. Тој напишал само една творба – Лествицата. Треба сепак, да нагласиме нешто многу важно. Ова дело е можеби само едно, но е уникатно, бидејќи во секој негов збор Светиот го излага својот опит. Затоа секој збор на Светиот е источник, сокровиште. Тој не пишува литература, ниту поезија, туку ни го предава опитот, а неговиот опит е светодуховен. Кога ќе застанеш пред зборовите на овој Светија, реално се храниш, се радуваш, се просветлуваш, извлекуваш полза и ако посакаш да го искусиш тој опит, тогаш почнуваш да се искачуваш.

            Со тек на годините Лествицата на свети Јован станува и потешка, и поразителна, но и неопходна. Денес многумина доаѓаат и ни покажуваат некакви скали – теории, идеологии, но кај нив има многу голема разлика од Лествицата – тоа се такви скали што кога ќе стапнеш на едно нивно скалило, тогаш почнуваш да слегуваш. Додека во Лествицата на кое и скалило да стапнеш – се искачуваш. Затоа денес Лествицата е неопходна. Затоа, со тек на годините таа станува сѐ подрагоцена, бидејќи предлогот на светот, на многу луѓе, е всушност слегување надолу. Доколку тргнеш по нив, додека слегуваш надолу, нема само да Го изгубиш Бога, туку сигурно ќе го изгубиш и човекот – ќе видиш животински, нечовечки состојби во твојот живот, во твоето однесување, во зборовите и мислите. Немојте да ми кажете дека никогаш не стее биле ужаснати од некоја ваша мисла. Колку нечовечна, жестока, варварска може да е една таква мисла.  Таа мисла ми открива дека сум слегол таму долу, и дека таму категорично се оддалечив од Бога, но го загубив и човекот.

Така Лествицата станува сѐ позначајна со текот на времето. Но треба да обратиме внимание и на начинот на кој ќе можеме да ја исползуваме таа Лествица, односно како да се искачуваме. Гледаш некакви скалила во делото на свети Јован и си велиш: Како да ги искачам? Постои ли начин? Кој е тој?

            Ајде да разгледаме едно дрво – смоквата на Закхеј. Убаво дрво. Не зборувам за надворешниот изглед, бидејќи убавината и вредноста на ова дрво е што тоа е вкрстено. Колку убав збор! Вкрстено меѓу смоква и црница. Така можеш и да осознаеш кој е начинот да се искачиш и по скалилата на свети Јован. Потребно е едно токму такво вкрстување. Треба да се вкрстат благодатта на Светиот Дух со човечкиот труд. Каква убавина! Се среќаваат и се соединуваат, се вкрстуваат, стануваат едно. И од височината на тоа единство, на тоа општење, можеш реално да Го видиш лицето на Бога. Се сеќавате ли на Закхеј? Зошто се качил на смоквата? Има еден убав опис во Евангелието. Закхеј сакал да Го види Исус. И зарем не е ова копнеж и желба! Но си ја знаел и гледал мерата. Требало да се искачи на тоа вкрстено дрво, да стигне до таа средба помеѓу Божјата благодат и човечкиот труд. Тој се искачува, а Христос доаѓа под тоа дрво и тука, ќе ни го покаже начинот на кој ќе се искачиме по Лествицата на свети Јован. Христос му вели на Закхеј: Слези побргу зашто денес треба да бидам во твојот дом.

– Па добро, толку труд вложив за да се искачам!

– Слегувај брзо!

Тоа е начинот на кој можеме да ја искачиме Лествицата на свети Јован. Ја искачуваш слегувајќи.

(Продолжува…)