Духовна неосетливост – III дел

Рековме дека неосетливоста е тешка болест. Св. Јован Лествичник вели: „Бесчувствието, како телесно, така и душевно, е умртвување на чувството, кое од долготрајна немоќ и немар се претвора во неосетливост“. Која е таа хронична болест?


Долгогодишните страсти зад неосетливоста

Всушност, неосетливоста сама по себе не е хронична болест. Зад неа се крие едно друго хронично заболување. Многу познато е дека една болест води кон друга. Кога на пример срцето не функционира добро, постепено се разболуваат и другите органи. Така и тука може да постои духовна болест, а зад неа, всушност стои друга болест.

Па така, која е таа друга хронична болест? Ќе се ужаснете. Тоа се хроничните смртни страсти. Тоа се хроничните страсти, а особено оние смртните. Кои се тие? Тоа е чревоугодието, тоа е блудството. Што се случува кога човек е во хронично ропство на блудството? Не станува ли неосетлив? Или зарем човек, кој го поминува времето во чревоугодие, кој не гледа ништо друго пред себе, освен што ќе јаде и што ќе пие, не станува духовно неосетлив? Или кога живее во гордост, во суета, во среброљубие… Кога човекот живее во алчност, не станува ли бесчувствителен и рамнодушен кон сите оние несреќни кои постојат околу него?

Значи, таа хронична болест се хроничните страсти, кои со помош на немарот водат до неосетливост. Кога човек нема да се погрижи да ги излекува, како кога некој би кажал: „Имам некаква болест, но не одам на лекар“, тогаш тој ќе стигне до неосетливост, т.е. до духовна повреда. Затоа да бидеме внимателни и да се претпазуваме од хроничните страсти.


Како Јуда стигна до неосетливост

Каков бил Јуда? Јуда бил еден од дванаесетте ученици, избран како и останатите единаесет. Му било доверено да благовести за Божјото Царство, да прави чудеса, да изгонува демони. Јуда вршел чудеса. Тој вршел чудеса! Тој бил избран ученик – еден од избраните – избран од Господа! Не ли ве избрав дванаесетмина? Но еден од вас е ѓавол (Јован 6,70). Еден од вас е предавник – рече Господ. Јас ве избрав, но Христос не избира предавници.
Да не се впуштаме во тоа богохулење, како што го претставуваат некои историски романи, филмови и театарски претстави или теории, кои се шират и го оправдуваат Јуда. Не, Бог не избира предавник, тој избира ученик. Но овој ученик стигнал до таму, што да стане предавник. Зошто? Бидејќи паднал во неосетливост. Како? Тој си допуштил да биде завладеан од страста на среброљубието.

Тој го чувал ковчежето – поводот. Првиот пат си зел во џебот една паричка од заедничкото ковчеже. Му се засладило. Вториот пат малку повеќе, следниот уште повеќе. Се обидувал на секаков начин да ги зголеми своите приходи.

Сметал дека е прекрасна можноста и приликата да заработи уште 30 сребреници и стасал до таму што го предал Христа.

Како ништо не слушнал? А колку само пати Христос му спомнува такво нешто! Само ќе ве потсетам. Кога рекол: Но еден од вас е ѓавол, Јуда го слушнал, тој бил присутен. Кога на Тајната Вечера им рекол на учениците Еден од вас ќе ме предаде (Јован 13,21), Јуда го слушнал тоа и дошол до таму да каже: Да не сум јас, Рави? (Мат. 26,25) И последното, трето знамение – Господ му вели: Што ќе правиш, прави го побрзо (Јован 13,27). Колку ужасно нешто! Другите ученици не ни обратиле внимание на тоа. Мислеле дека станува збор за купување храна за бедните.

„Што ќе правиш беднику, направи го тоа побрзо!“ Ако жртвата му каже на џелатот, на престапникот, „Што ќе правиш беднику, прави го тоа побргу“, престапникот ќе си каже во себе: „Ме прочита!“ и ќе преземе мерки. Ако сè уште останало некакво чувство во него, ќе се соземе, ќе се растрепери, ќе настане потрес во него. Ако сè уште има останато некакво чувство во него…! Јуда оди да си ја исполни намерата. И во последниот момент, кога Го предава Христа со целив, ги слуша зборовите: Пријателе, зошто си дошол? (Мат. 26,50) Пријателу, тука ли си?! Слушајте: „Пријателу“! Тоа е страшно разобличување. Св. Апостол Петар бил шокиран од само еден поглед на Господ. Кога по трет пат се одрекол од Него и кога Он се свртел и го погледнал, тој Господов поглед бил разобличување. Апостолот излегол надвор и плачел неутешно. Но Јуда не се трогнал од зборовите на својот Учител. „Пријателу!“. Со целив ли го предаваш Синот Човечки, твојот Учител? Со целив?! Тој не се трогнува. Зошто? Тој е неосетлив. А зошто е неосетлив? Страста на среброљубието го направила таков.


Двете фази на неосетливоста

Неосетливоста има две фази. Втората фаза се нарекува скаменување. Во неа веќе нема можност за разграничување на доброто од злото. Човекот кој страда од скаменетост не може да прави разлика меѓу доброто од злото. Тој е наполно лишен од себепознание. Може да врши зло, да прави престапи и да се смее! Да не чувствува апсолутно ништо. Апсолутно! Тоа е неосетливоста во нејзиниот последен стадиум. Тој човек веќе нема никаква надеж да се спаси. Тој е мртов, духовно мртов.

Но првата фаза, највообичаената, е онаа која што ја среќаваме кај нашите Христијани, како што ќе видите подолу. И таа неосетливост се пројавува или како практична непокајаност или како застој во духовниот живот.


Неосетливиот човек, според Св. Јован Лествичник


Но да не зборуваме повеќе, да го оставиме Св. Јован Лествичник да ни го опише неосетливиот човек. Оној кој не е сè уште скаменет. Оној кој што гледа, едноставно го гледа злото, но никогаш не прави напор да се поправи, кој што ја има првата фаза од неосетливоста.

(Продолжува…)