Ја искачуваме Лествицата на Св. Јован Лествичник слегувајќи (V дел)

Без одлагање внеси Го Христа во времето, без оправдување внеси Го Христа во својот живот и продолжуваме, се искачуваме, сега одиме кон молитвата. И велиш: „А, знам, си читам Повечерие, Акатист кон Пресвета Богородица, читам и по некој молебен канон. Така ни вели духовникот, да се помолиме на бројаница, да кажуваме „Оче наш“. Уште од мал ја знам молитвата“.

Но, сега го читаш Св. Јован и сфаќајќи велиш: „Пресвета Богородице, толку години поминаа и достигнав до оваа возраст, и никогаш не сум се помолил како што треба“. А сме биле сигурни, убедени дека знаеме, некои нешта едноставно ни се добро познати. Исповед? Од дете се исповедам. Молитва? Години наназад, на бројаница. И Светиот ни се обраќа: „Дај, кажи ми те молам, со каква облека одиш на молитва?“ И сега се думаш: „Со каква облека? Навечер дома си облекувам пиџама. Во храмот сум во формална облека“. И ти вели: „Не, почекај, ако не ја облечеш облеката на незлопамтењето, можеш ли да застанеш пред Христа?“

Незлопамтењето значи дека си простил, си возљубил, како што велеше еден Старец на Света Гора: „за да имаш лице да појдеш и да застанеш пред Христа“. Одеждата на незлопамтењето – наполно соголен одам на молитва. Проблемот е што на еден човек не му зборувам, на друг не му простувам, третиот го колнам, и да не ги кажувам другите работи, сите ги знаеме. Така сфаќам дека досега, всушност, молитвата и не ми е баш нешто познато. Напротив, не ја познавам.

Светиот ти вели: „Слушај, сега треба да Го видиш Христа, за да Му зборуваш. Оти можеш ли да зборуваш со некој човек ако претходно не го видиш?“ Очигледно не. И велам: „Никогаш не сум Го видел. Само на икони“. Но, јавувањето на Бога не е некоја вообразба, туку смирено собитие. Старецот Софрониј од Есекс вели: „Ако Го видиш Бога, ќе разбереш едно нешто – дека е смирен“. Христос смирено доаѓа. И велам: „Каде да Го видам? Ме става во многу потешкотии. Да не треба можеби да ја затворам Лествицата и да ја подарам некому, затоа што претходно добро ми беше нагодено сѐ? Каде да Го видам Христос?“ И си размислувам за Евангелието – каде би Го видел? Во параболата за блудниот син се вели дека блудниот син си дојде на себеси. Се врати при себеси, затоа што гревот нѐ расејува, ни го расејува умот и телото. Но кога си дошол на себе, што видел – љубовта на својот татко, топлината на својот дом, сигурноста на татковото присуство, слободата што му беше дадена. Ама реков, потребно е смирение, потребно е да се наведнам во животот, да погледнам и да ја видам Божјата милост, Божјата промисла, Божјата љубов, за да сфатам дека не сум сам. Многу големо нешто е тоа смирено да се наведнам, а не егоистично. Затоа, кога ќе Го видам Христос во животот свој, Он ми шепоти: „Не си сам!“ Додека, пак, непокорниот и тврдоглав егоизам ти вели: „Уникатен си! Единствен и неповторлив! Нема никој ни пред тебе, ниту после тебе!“ Ја гледате ли разликата? Христос ти вели: „Не си сам“, и така го разбива адот на самотијата, а егоизмот ти кажува: „Единствен си“ и така, што и да прави, настојува да постои таа самотија. Така уште повеќе го гради твојот ад. И затоа, потребно е смирение, да се наведнам смирено и тогаш ќе Го видам Бога во својот живот. Ете ја облеката на незлопамтењето – да се наведнам да Го видам Бога во својот живот, а не надвор од него, да Го видам и да Го познаам, да Го сретнам Неговиот здив во животот и така да сфатам дека не сум сам.

(Продолжува…)