За смислата на искушенијата IV – дел

„Змијата беше најлукава од сите полски ѕверови“. Злото доаѓа од таму од каде што не  очекуваш. Изненадувањето е најчестата негова тактика, неговиот метод, затоа Светиите се труделе постојано да бидат будни. Таа будност им помагала да го уловат злото и да го препознаат, без разлика каква и маска да носи. Секогаш биле спремни. Тоа е нешто што ние сè помалку го имаме денес.

Будноста е еден од највредните духовни елементи на човекот. Ајде да се потсетиме на она што Бог му го дал на човекот – имено Он му го дал Рајот за да се труди и да го чува. За да може некој да биде добар пазител, тој треба да е буден, да внимава. И токму тоа внимание, таа будност му овозможува на човекот да ги осети и улови сите погибелни напади на ѓаволот, на злото. Рековме дека ненадејноста е една од демонските тактики, неговиот, пак, метод е да ужаснува и да плаши. Затоа со страв го гледаме отровот на ѓаволот, т.е. на змијата, скриен во нејзината уста. Оттука сфаќаме дека змијата е она животно кое ќе нè потсетува на сите својства на злото и на сите претпоставки за нашиот личен пад. Немам ли и јас отров во устата своја, на јазикот свој, во зборовите свои? Не е ли скриена таму отровната змија? Не се трудам ли и јас секогаш да го прикријам, да го маскирам злото и да го прикажам како добро? Па тогаш, во што се разликувам од ѓаволот и неговите тактики?

Кои се ѓаволските тактики? Тој, имено, демне, чека, ја наоѓа Ева сама. Тука се крие приликата на злото – да те најде сам. Не случајно во Црквата особено силно се истакнува единството, таму луѓето се обединуваат. На пример великата Света Тајна брак: „И двајцата ќе бидат една плот“. Значи Црквата е тело и сите ние сме членови на тоа тело. Тука треба да се потсетиме на Христовите зборови: „Тешко на оној кој е сам“. Христос доаѓа и ги соединува луѓето. А злото, ѓаволот доаѓа и ги изолира, автономизира и на тој начин ги обессилува луѓето. И навистина зарем егоизмот не нè изолира, оддалечува, разделува и автономизира? Секако. Егоизмот е една демонизирана состојба. Така злото не изолира за да може да ни влијае, да ни наштети.

Како одговор на тоа, Господ постојано ни ја истакнува љубовта. Што е љубовта? Единство. Што е верата? Единство. Колку убаво го гледаме тоа единство во богоносните Отци на Црквата. На Првиот Вселенски Собор земаат учество 318 богоносни, духоносни, светлозарни Отци и што имаат? Нераскинливо единство на верата, кое ја осуди ереста. И излегуваат од Соборот 318 различни луѓе, едни млади, други стари, од различни места, со различни традиции, излегуваат и велат: Веруваме, не просто, туку веруваме во Единиот Бог“. Со една уста и едно срце. Единството е сила, во единството почива Божјата благодат, во него се издигнува човекот, и таму во единството, за ѓаволот нема место.