Смирението е најкраткиот пат кон спасението

Оној кој има смирение Го подражава Самиот Христос. Никогаш не застранува, не осудува, не се гордее. Никогаш не посакува власт. Избегнува човечки почести. Не влегува во суетни расправи за ништо од овој свет! Не е дрзок кога зборува и секогаш прифаќа совети од другите. Избегнува убави облеки и неговиот надворешен изглед е едноставен и смирен.

Човекот, кој трпеливо поднесува понижувања и омаловажувања има многу голема полза од тоа. Затоа, не треба да бидеш тажен, туку напротив – да се радуваш на она што го трпиш. Така добиваш скапоцено смирение со кое се спасуваш. „Понижен бев и ме спаси (Господ)“ (Псалм 114, 6). Овој стих треба секогаш да го имаме на ум.

Нема потреба да тагуваш кога те обвинуваат. Тагата во овие случаи значи дека имаш суета. Оној кој сака да се спаси треба да сака да биде презиран, бидејќи презирот носи смирение. А смирението го ослободува човекот од многу искушенија.

Никогаш да не бидеш љубоморен, да не завидуваш, да не посакуваш слава, ниту пак титули. Секогаш да тежнееш да живееш живот во ненаметливост. Во твоја полза е тоа што светот не те познава, бидејќи светот е заблуда. Со своите суетни зборови и празни поттикнувања нè мами и духовно нè оштетува.

Целта е да успееш да стекнеш смирение. Да бидеш подолу од сите. Да сметаш дека не правиш ништо достојно за твоето спасение, туку да Го молиш Бог да те спаси со Својата милост.

Смирението заедно со послушанието и постот раѓаат страв Божји и токму тој страв Божји е почеток на вистинската мудрост.

Сè што правиш, прави го со смирение, за да не претрпеш штета од своите добри дела. Немој да мислиш дека платата ја земаат само оние кои најмногу се трудат.  Кој има склоност да прави добро, а во исто време има смирение, дури и ако не може да постигне многу работа, дури и ако не научи занаети, сепак, не е спречен да биде спасен.

Смирението се постигнува со саморазобличување, односно да веруваш дека суштински немаш ниедно добро дело. Тешко на оној кој мисли дека неговите гревови се мали. Тој сигурно ќе падне во полоши!

Оној кој трпеливо ги поднесува обвинувањата против себе со смирение, се приближил кон совршенството. Дури и Ангелите му се восхитуваат, бидејќи ниту една друга добродетел не е толку тешка за постигнување и голема како смирението.

Сиромаштијата, притеснението и пренебрегнувањето се венците на монахот. Кога монахот трпеливо поднесува навреди, клевети, презир, лесно се ослободува од нечистите мисли.

За пофалба е да ја признаеш својата слабост пред Бога. Тоа е да се спознаеш себеси. „Плачам и се скрушувам“, вели Свети Симеон Нов Богослов, „кога светлината ќе ми засветли и ќе ја видам својата сиромаштија и ќе ја осознам својата состојба“. Кога некој ќе ја осознае својата духовна сиромаштија и ќе ја сфати својата состојба, тогаш, ох, тогаш! Христовата светлина свети во неговото срце и тој почнува да плаче (Зборувајќи го ова, Старецот го фати умиление и се расплака).

Ако некој ти каже: „ ти си егоист“, не треба да ти биде тешко, ниту да бидеш тажен. Речи си „можеби сум и не сфаќам“! Од друга страна, не треба да сме зависни од мислењето на другите. Секој треба да гледа на својата совест и на зборовите на искусните и мудрите пријатели, но пред сè, треба да бара мислење од својот духовен отец. И со тие размисли треба да ја усогласи својата духовна патека.

Ми пишуваш дека не успеваш во својата борба. Знаеш од каде доаѓа тоа. Затоа што немаш доволно смирение. Мислиш дека со свои сили ќе постигнете нешто. Додека, пак, ако се смириш и кажеш: „со силата на Исуса, со помошта на Пресвета Богородица и со молитвата на мојот Старец ќе го постигнам она што го сакам“, биди сигурен дека ќе успееш! Се разбира, јас немам сила да упатувам силни молитви, но кога ќе се смириш и ќе речеш „по молитвите на мојот Старец ќе го направам тоа“, тогаш поради твоето смирение дејствува Божјата благодат и ќе успееш!

Бог бдее над „понизниот и скрушениот по дух“ (Ис. 66, 2), но за да дојде кроткоста, мирот, смирението, потребен е труд. Но тој труд се исплаќа! За да стекнеш смирение, според моето сфаќање, не се потребни толку многу метании (коленичења), ниту многу работи, туку пред сè, твојата мисла треба да се спушта надолу и сѐ подолу, да го достигне нивото на земјата!  Тогаш немаш страв дека ќе паднеш, бидејќи си ниско. И ако паднеш од ниско, нема да се повредиш.

Според мене, иако ниту читам многу, ниту правам нешто значајно, смирението е најкраткиот пат кон спасението на човекот. Ава Исаија вели: „Навикни го јазикот да вели прости, и смирението ќе дојде кај тебе“. Научи го јазикот да вели „прости ми“, па макар и да не го кажуваш со чувство, сепак постепено ќе се навикнеш, не само да го кажуваш, туку и да го чувствуваш внатре во себе!

Светиите велат дека според доброто расположение, со кое одиш да бараш прошка, т.е. ако имаш смирение, Бог соодветно ќе го просветли другиот, за да се постигне посакуваното помирување. Кога, на пример, ќе се скрушиш и ќе кажеш во себе: „јас сум виновен, но не го сфаќам тоа“, за скоро ќе кажеш: „навистина јас сум виновен“. И кога ќе ставиш во својата мисла дека навистина си виновен, тогаш и другиот ќе го смени своето расположение.

Со настојчивост барај од Бог да ти подари дар на внатрешно саморазобличување и смирение. Во твојата молитва барај од Господ да ти даде дар да ги видиш само сопствените гревови и да не обрнуваш внимание на гревовите на другите. „Дај ми, Господе, да ги согледам своите прегрешенија и да не го осудувам братот свој“, вели Свети Ефрем Сирин.

Смирениот се смета себеси за „подолу од сите“. Затоа ги сака сите, им простува на сите и пред сè, никого не осудува.