Крстот како поттик и сила

Слово на Неговото Богољубие, Епископот Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Светата Литургија во Крстопоклоната недела, по читањето на Светото Евангелие, на 19 март 2023 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Мили мои, денес, токму во средината на оваа спасителна Четириесетница, Црквата наша ни го предлага поклонението на чесниот и животворен Крст. Светиот и велик Пост е воедно и најголемиот и најважниот пост. За него светите отци велат дека доколку го пазиме онака како што ни препорачува Црквата, со телесно и духовно воздржание, со добри дела, благословени подвизи и молитви – тогаш преку него ни се проштаваат сите гревови што сме ги направиле во текот на годината.

Обично, кога ќе се зафатиме со некоја важна и голема работа, некаде околу средината на нејзиното исполнување, нè зафаќа малодушност, опаѓа духот наш, бледнеат силите наши. Тогаш ни се неопходни дополнителни сили и поттик, та да можеме започнатото дело да го приведеме до крајот и со успех. Ете зошто мудрите отци на Црквата, кои беспрекорно ја знаеле човечката психологија и немоќ, го положуваат животворниот Крст во средината на постот, како „потпора на верните“ и „утврдување на Црквата“. Гледајќи во Крстот, нашите мисли се упатуваат кон на него распнатиот Спасител, Кој ги претрпе наголемите страданија заради нашето спасение. Така, ние добиваме нови сили и ревност, за да продолжиме со подвигот на воздржанието и на добротворството.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Во согласност со изнесувањето на светиот Крст за поклонение во средината на храмот, денеска на Божествената Литургија се читаше соодветното евангелско зачало за Крстот, каде што Господ Исус нè повикува: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. Зашто, кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој го загуби животот свој заради Мене и Евангелието, тој ќе го спаси (Марко 8,34-35). Со овие зборови Христос нè повикува да се откажеме од себе. Што значи всушност тоа одрекување од себеси? Дали значи дека треба да се откажеме од сопствената личност и да имаме некаков си психолошки комплекс на пониска вредност или безначајност? Напротив. Господ во никој случај не сака ние да се мразиме и омаловажуваме себеси. Сетете се само дека една од двете најголеми заповеди гласи: Возљуби го својот ближен како себеси! (Марко 12,31) Значи, како е можно да го љубам ближниот, ако не се сакам себеси? Следствено, кога Господ вели да се откажеме од себе, Он всушност мисли да ја напуштиме лажната, вообразена, егоистична слика за себеси. Не да го отфрлам  моето автентично, богосотворено јас, туку она изопаченото, паднато его, коешто го осквернува и тиранизира моето вистинско битие. Треба да се откажам, значи, од стариот човек во мене, за кого Апостолот Павле, парафразирајќи ги Господовите зборови во врска со ова, вели: Отфрлете го од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби, за да се обновите со духот на својот ум и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост (Ефес. 4,22-24). Ова значи дека треба да ги напуштиме сите лоши навики и пристрасности што сме ги стекнале во нашето претходно живеење, оддалечувајќи се од Бога.

Времето на оваа „духовна пролет“, како што во црковната поезија се нарекува Велигденскиот пост, е особено благопријатно за откажување од гревовното јас и за култивирање на нашиот духовен човек во Христа, за тој да би можел да процвета со благоуханието на плодовите од Светиот Дух: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост (Гал. 5,22). За да го постигнеме тоа неопходно е, најнапред, да ги оставиме осудувањето, клеветењето озборувањето, прејадувањето, препивањето и останатите пороци и страсти, а да го прегрнеме проштавањето и разбирањето на другите. Впрочем, така и го започнавме овој пост: со меѓусебно проштавање. Рековме дека тоа е основен предуслов за нашиот пост да биде прифатен како дар на Бога. Оти и трпението проследено со љубов и надеж е крст. И навистина, зарем не е крст и подвиг тоа да го истрпиме ближниот во слабоста негова? Да  го истрпиме брачниот сопатник кога ќе има слабост или кога можеби ќе погреши нешто; не да го распнеме затоа што згрешил, туку поскоро ние да се распнеме себеси во љубов за него.  Само така ќе растеме во љубовта, а и него ќе го привлечеме кон покајание и љубов.

Мили мои, Господ нè повикува доброволно да го земеме крстот свој и да тргнеме по Него. Вели: кој сака. Не нè присилува, не нè принудува да се нафатиме на нешто надвор од нашата слободна волја. Сака сето она што го правиме заради Него, да го правиме со учество на нашата волја, на нашата љубов. Онака како што Он доброволно и од љубов го понесе Крстот Свој за наше спасение. И како резултат на Неговото доброволно распетие, на таа Негова распната љубов, следуваше Воскресението и животот вечен. Токму тоа е целта и на нашиот личен крст, на овој пост и на секој наш доброволен подвиг во име Христово: нашето воскресение, обожение и нашето потполно соединување со премилиот Бог. Да не беше Крстот, не ќе беше ни Воскресението. „Зашто, ете, преку Крстот дојде радост за целиот свет“. И колку сме поблиску до нашиот распнат Спасител, колку повеќе се уподобуваме на Него, како на Оној Кој одново ја воспостави заедницата помеѓу човекот и Бога, толку повеќе нашиот личен крст ќе биде полесен за носење. Затоа, да го носиме својот крст трпеливо, со благодарност, во послушание и смирение пред Бога и тогаш Христос ќе биде наш спомагател. Кога се доближуваме до Него нашите животни страданија стануваат далеку полесни и лесно подносливи. Тоа го означуваат Неговите зборови, кога вели: Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно (Матеј 11,29-30).

Во овој живот сите луѓе страдаат, без разлика на тоа колку се праведни или, пак, грешни, побожни или неверници. Нема човек во овој свет кој нема крст и искушенија. Меѓутоа, не секој крст води кон вечноста. На страшната Голгота имаше три крста. На средината, Крстот на невино распнатиот Спасител Христос, со кој Он ја потпиша нашата слобода; оддесно на Него беше крстот на благоразумниот разбојник, во кого се откри тајната на покајанието и преку него на богопознанието. Тој ја осозна својата грешност, се покаја, Го спозна Господа во Распнатиот до него и стана првиот жител на Рајот. Третиот крст беше на неблагодарниот разбојник, кој иако виновен и праведно осуден, не го прифаќаше крстот и негодуваше против Бога. Па така, мили мои, во животот може да има и страдања кои не служат за вечноста. Но, ние да не се покажаме такви роптачи и неблагодарници. Сè што имаме, секое добро е благодарение на нашиот пресвет Бог. Сите добра и секој совршен дар е одозгора, од Отецот на светлините. Да Му благодариме за сè што ни дава и да го ползуваме тоа за спасение на душата. Оти, навистина залудно ќе биде сè, доколку непромислено ѝ наштетиме на сопствената душа. Затоа денес од Светото Евангелие чувме: Каква полза има човек, ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? (Марко 8,36-37) На душата наша од Бога ѝ е подарена вечност; всушност, целиот човек е вечен по благодат. Општото воскресение е за целокупниот човек, и душата и телото. И целиот преубав, од Бога создаден свет, не вреди колку една човечка душа, колку еден човек виден низ призмата на божествената вечност, низ очите на Божјата љубов. Бог нѐ удостоил со благословот да пребиваме во вечна заедница со Него, да бидеме едно со Него, во Неговата неискажлива убост. Тоа е нашето предназначение, таа е нашата смисла, нашата цел.

Црквата наша, пак, ги поседува сите средства за здобивање на таа благословена вечност, неспоредливо подрагоцена од овој свет. Ова свето време низ кое сега минуваме, ова четириесетдневно посно патешествие кое завршува со најголемиот празник на Христовото Воскресение, е време кога навистина треба да се оддадеме потполно на Бога, да се подготвуваме за блесокот на вечноста, да се навикнеме на тоа дека човекот може да живее со многу малку храна, но дека без Бога не може да преживее ни еден најмал миг и да се научиме да благодариме за сè. Господ да ни дава сили преку Своето животворно Дрво, со кое сите нас нè спаси, та сите заедно да истраеме до крај во подвигот на светиот Пост и да го видиме светото и славно Христово Воскресение.

Амин!