Кажи, златоуст Кипријане

Можеби е вистинита, можеби за пореден пат се обистини народната изрека „Сликата вреди илјада зборови!“, преземена од изреката на американскиот бизнисмен Фред Р. Барнард од 1920 година, „One Look Is Worth Thousand Words!“.

Клеопа Митрополит Шведски

Пред неколку дена видов снимки и фотографии од погребот на 23-годишниот командос на ЛОК, Кипријан Папајоану, еден од жртвите во несреќата во Темпи, која ја втурна нашата татковина во национална жалост. Стоев малку, гледајќи ја „комеморативната“ фотографија, направена внатре во црквата, од Панајотис Димопулос, каде што се одржа погребот на детето, со лица, сè само не намрачени, напротив – со насмевка. Се прашував дали е фотомонтажа. Уникатна снимка, каде многу деца, очигледно пријатели на Кипријан, се насмеани, а во центарот го имаат телото на нивниот „мртов брат“, нивниот пријател, нивниот „најдобар другар“, нивното дете, нивниот внук. Фотографија, која некои можеби ја сметаат за несоодветна за светоста на просторот и моментот, од светото исходно последование (опело, заб. на прев.). Повеќето би очекувале да нема насмевки, туку тага и очај, гнев и напнатост насликани на сите лица!

Можеби некои, размислувајќи за оплакувањето на мајката на починатиот млад човек, се сетиле на стиховите на Јаков Кампанелис: 

„Што ќе ми се две солзи
и четириесет и две воздишки,
мајчице моја?
Што ако и солза се тркала,
уста да е нема и горчлива,
мајчице моја?
И талкам да најдам некого,
да ме праша, па да го прашам,
што ќе биде, што ќе биде,
кој ќе болува, кој ќе болува,
мајчица моја, мајчица моја“.

Ништо од сето тоа. Наместо тоа, радост и восхит, сигурност и оптимизам! Сликата на насмеаните деца, не на овде и сега, на минливото, неизвесното и конечното, туку на идниот и задниот дел, вечно воскреснувачкиот.

Некои коментираа: „Таткото на Кипријан, отец Христодул, зборуваше многу убаво“. Го проследив погребот и не се сеќавам дека сум го слушнал свештеникот како зборува. Детето зборуваше преку устата на неговиот татко. Ретроспектива на духовниот живот на детето беше говорот, надгробното слово. Но, дали мртвите зборуваат? Кипријан зборуваше, со изразена, свештена храброст, почивајќи сега во безбедноста на Бога. Сепак зборуваше, верувале или не, на срцата на многу млади луѓе, кои се пронаоѓаат во мрзливата реалност на уживање во „кафепиење“, на опуштеност, лагодност и изобилство!

Слушај – вели дека отишол во манастир во Грција да држи „тримир“, односно да учествува молитвено во светите богослужби на почетокот на Великиот пост, со строг пост, воздржување од секаква храна, па и од вода, со цел да се подготви за својата свадба, која би се одржала во лето. Арно тоа, а „ергенската забава“, кога би се одржала?

Животот на Кипријан – реалност надвор од реалноста. Или, подобро кажано, животот на една друга реалност, света и духовна. Кипријан сега молчи во својот ковчег, а сепак е прегласен! Гласна и непрестајна е тишината на новото општење на ова дете со оние со кои отсега ќе разговара и ќе се дружи. Со светиите и не само.

Ако не ги доживеевме трагичните настани на Темпи, кој би зборувал сега за Кипријан? Кој би знаел за ова момче од Кипар? Кој би разговарал за постот и молитвата, освен совесните членови на Црквата? Гробната тишина на Кипријан извикува гласно, како туѓа на бучното модерно општество на безличните! Тишината е „јазикот на идниот век“, според свети Исаак Сирин, а за свети Јован Лествичник, „мајка на молитвата, таинствен духовен напредок, скриено духовно воздигнување“.

Другарите му пеат „Христос Воскресе“ на Кипријан, пред да го испратат:

Несреќата од несреќата за роднините и пријателите беше претворена во воскресна радост! Очекување и ново однесување и перцепција. Промена на животот за некои кои ги следеа настаните на погребот. Тишината на Кипријан гласно зборуваше. Неговиот внимателен краток живот стана поука со безвременост. Неговото духовно живеење им проговори на душите на многумина, особено на младите луѓе. Можеби успеал да ја преобрати совеста на мнозина, некои да ги наведе на скрушеност на срцето и молитва и да им стане сопатник во Емаус!

Кипријан и неговото левитско семејство го подражаваат Божјото молчење, и затоа свети Софрониј од Есекс вели дека „Божјата тишина е најелоквентен, најљубезен одговор на нашите неправди“. Колку бил во право свети Николај Велимировиќ кога рекол дека „за три работи не треба да брзате да зборувате: за Бога, додека не ја зацврстите својата вера во Него, за гревот на другиот, додека не го спознаете својот и за утрешнината“.

Тишината е насипот во пороите од бесмислени зборови. Тоа е облик на херојско однесување и духовно дејствување, наспроти „храброста“ на своеволието и дрскоста, на „паралелните дијалози“ – што не разговараме и не општиме, како што карактеристично би рекол нобеловецот поет Јоргос Сеферис. Можеби Кипријан го потврди уверувањето на свети Серафим Саровски: „Стекни го својот внатрешен мир и илјадници луѓе ќе се спасат околу тебе, без да знаеш“.

Извор: orthodoxia.info