Не осудувајте!

Ве проколнувам: не осудувајте никого, ова е најлесен начин да не бидете осудени во идниот век.
 (Од писмата на игуменот Никон Воробјов (+ 1963))

Сите добро ја знаеме заповедта од Евангелието: Не судете, и нема да бидете судени (Лк. 6,37). Но, од своето животно искуство знаеме дека токму оваа заповест најчесто ја прекршуваме. Своето внимание и духовниот поглед постојано го фокусираме на животите и постапките на другите луѓе. Последно нешто што го сакаме е строго и будно да водиме грижа за себе. Склони сме да ги гледаме туѓите грешки од гледна точка на судија, а нашите сопствени гревови – секогаш од гледна точка на адвокат. Поинтересно е да се анализира однесувањето на нашите ближни и да им се суди; на тоа многу време посветуваат внимание, не само мнозинството неверници, туку, за жал, и многумина од нас Христијаните.

Ќе наведам пример. Сосема различни луѓе стојат во редица за исповед, секој го чека својот ред. Повеќето се возрасни, но има и млади. По една  постара жена, која свештеникот брзо ја исповеда, влегува млада, симпатична девојка. И свештеникот многу подолго ја слуша нејзината исповед. Луѓето во редот почнуваат автоматски да размислуваат: „Девојката е убава и млада, па нашиот отец е импресиониран. На крајот на краиштата, тој е жив човек, па и нему тоа му се случува…“ Но, причината била поинаква. Девојката за која зборуваме имала говорна мана, пелтечеше и ѝ требало долго време да ги наброи сите свои гревови. Поради тоа исповедта траела толку долго. Сепак, некои луѓе побрзале да го осудат свештеникот.  

Негативното искуство е неопходно и честопати полезно за една личност. Знаејќи ги своите грешки, Христијанинот ги сфаќа својата ограниченост и неможноста правилно да го согледа туѓиот живот. Тој се уверува дека може да згреши. За чесен човек, грешките се неопходни: тие го учат на смиреност и му помагаат да се справи со осудувањето кон другите.

Гревот на осудата е често присутен во семејниот живот, меѓу блиските роднини – со еден збор, меѓу оние што најмногу ги сакаме. Неодамна ја слушнав следнава приказна. Една жена ѝ донесе на својата ќерка две големи и убави јаболка. Девојчето радосно ги зеде двете јаболка и прво касна од едното. Мајката ја чекала ќерката да го подели другото јаболко со неа. Но, наместо тоа, девојката гризна и од другото јаболко. Солзи се појавија во очите на нејзината мајка: таа толку многу го сакаше вниманието и љубовта на нејзината ќерка. Мислеше дека не успеала да ја научи на најважното нешто – љубезност и сочувство. Меѓутоа, мајката набрзина го осуди своето дете. Откако го проголта другиот залак, девојката ѝ подаде на мајка си едно од каснатите јаболка и ѝ рече: „Мамо, земи го ова јаболко! Послатко е од другото!“ Оваа приказна од реалниот живот нè учи да не брзаме со заклучоците и да не ги осудуваме другите „премногу брзо“, туку да се трудиме трпеливо да ги носиме товарите еден на друг (Гал. 6,2). Човекот е суштество кое постојано се менува и мора да веруваме дека порано или подоцна ќе се откријат неговите најдобри душевни карактеристики.

Во нашата борба со гревот на осудувањето, многу е важно да ги следиме нашите мисли. Потребен ни е посебен духовен „филтер“ кој ќе отстрани сè грешно и нечисто – сите такви нешта што продираат во душата и почнуваат да го загадуваат човекот преку мислите и чувствата. Станува збор за обрнување внимание на својот внатрешен живот и што е најважно, недоверба кон сопствените мисли. „Не верувај си на себе“ е златното подвижничко правило. Многу Христијани го исполниле и на тој начин ја постигнале светоста на животот. Не верувајте во мислите кои ги прикажуваат другите луѓе од најлошата страна и водат во гревот на осудувањето! Потребен е многу внатрешен напор за да ги затворите очите пред туѓите недостатоци и да ги видите само нивните најдобри карактеристики. Старец Паисиј Светогорец овој вид на духовно делување го нарече „умешност на добри мисли“.

Дозволете ми да го илустрирам ова со пример кој покажува како една иста личност се гледа од три различни перспективи. Еднаш, тројца браќа, кои се нашле на нива ноќе, виделе осамен патник. „Овој сигурно е крадец и тргнал да ограби некого среде ноќ“, помислил првиот брат. „Ова мора да е некој женкар. Оди на состанок со жена, за да згреши со неа“, одлучил  другиот брат. „Овој странец, без сомнение, патува во соседниот град, каде што има голем манастир, за да го прослави христијанскиот празник  со молитвено бдение “, помисли третиот брат. Кристално е јасно дека секој од нив го мерел патникот според своја мерка (Мт. 7, 2). Истото се случува и во нашиот секојдневен духовен живот, кога ги оценуваме постапките на луѓето околу нас и веруваме во нашите мисли.

Не само во метрополите, туку и во малите градови, често гледаме луѓе пијани, лошо облечени, просат. Овие луѓе се спуштиле на самото дно на социјалната скала – останале без работа, и нивните деца ги заборавија, ги напуштија и нивните сакани сопружници… А има и такви кои се на принудно лекување, имаат полициски досиеја, живеат како скитници и издржуваат долги затворски казни. Сите тие живеат на работ на очај, а понекогаш извршуваат самоубиство. Некои од нив ја преминуваат оваа страшна граница. Можеме ли да ги осудиме? Дали имаме право да го правиме тоа? Има само еден одговор: Не, и уште еднаш не! Како што рекле луѓето што живееле во старите времиња, пред да обвините некого за било што, облечете ги неговите чевли, тргнете по неговиот пат, сопнете се на секој камен на тој пат и трпите ги сите маки што тој ги преживеал! Без никакво сомневање, после тоа нема да сакаме да го осудуваме човекот, кој до пред една минута беше страшно виновен во нашите очи! Гревот на осудата е тесно поврзан со таква болест на нашата душа како што е љубопитноста. Треба да бидеме помалку заинтересирани за тоа како живеат другите, да не ја трошиме нашата скапоцена внатрешна енергија и сила на тоа. Љубопитноста секогаш предизвикува збунетост поради начинот на живот на друг човек, поради што неминовно се губи душевниот мир. Гледањето „подобар живот“ прво води кон завист, што се дефинира како „тага за благосостојбата на другите“. Потоа зависта го поттикнува развојот на гревот на осудата. Погледнете ги луѓето кои никогаш не судат: тие живеат беспрекорно и непречено. Не ги интересираат туѓите животи и се трудат да не ги гледаат недостатоците или успесите на своите блиски. Премногу сме слаби за, како што вели апостол Павле, „да се радуваме со радосните“ (Рим. 12,15). Во повеќето случаи, завидуваме на туѓа радост. Малку се оние кои великодушно ги покриваат недостатоците на своите најблиски – повеќето паѓаат во осуда. И така, доаѓаме до правилниот заклучок: мораме да ги воздржиме нашите сетила, особено сетилата за вид и слух, да се бориме против љубопитноста и помалку да зборуваме за туѓите животи.

Ви предлагам да слушнете приказна која ја потврдува вистинитоста на штотуку кажаното. Едно семејство било принудено да го смени местото на живеење. Преселувајќи се на ново место, жената не ја променувала старата навика често да гледа низ прозорецот во други луѓе. Еден ден, таа беше изненадена кога забележа дека нејзината сосетка закачила целосно валкани алишта за да се исушат. Ова ѝ изгледало многу чудно и жената веднаш ја осудила својата „мрзелива“ и „неуредна“ сосетка. Истото се повторувало неколку дена по ред: сосетката повторно и повторно собирала валкани алишта во дворот, што повторно и повторно предизвикувало осудување кај жената. Конечно, еден сончев ден, жената погледна низ прозорецот и му викна на својот сопруг: „Види, денес конечно гледам целосно чисти алишта во дворот на нашите соседи!“ Нејзиниот сопруг ѝ префрли на тоа: „Не, баш денес станав рано и темелно ги измив прозорците!“

Би било толку прекрасно доколку од устата на Христијаните, никогаш не би се слушнала ниту најмала осуда дури и кон најлошите луѓе. „Оправдајте ги сите“, вели старата еврејска мудрост. Тоа значи дека не треба да барате потврда за вашите лоши мисли за некоја личност, туку, напротив, обидете се да ја разберете и оправдате во вашето срце.

Ако го практикуваме ова, болеста на осудувањето ќе ослабне во нашите души. Осудувањето како страст ќе престане да нè мачи. Страдањето предизвикано од оваа страст ќе престане. Евангелската заповед да не се осудува, како и секоја друга заповед, ќе ни даде внатрешен мир и духовна радост, ако ја исполниме. Извршувањето на заповедите преку воздржување е секогаш една победа над себе, а такви победи се можни само со Христос, Кој е „блиску“. Во спротивно, ќе ги жнееме плодовите на нашето неверување во Бога и ќе страдаме како што страдаат децата кои не ги слушаат возрасните.

На крајот од нашиот разговор, сакам да споделам со читателите една приказна од детството. Еден жежок летен ден, нашиот добар сосед, чичко Сашо, пристигна на мотор до нашата куќа, секогаш нè возеше нас децата на неговиот мотор со приколка. Тој покажа кон издувната цевка, која блескаше на сонце и нежно рече: „Многу е жешко, не допирајте го“. Меѓутоа, штом влезе дома, јас истрчав до моторот и бос ја допрев забранетата цевка. Веднаш изгорев во допир со врелиот метал, почнав да скокам и како обезглавен истрчав дома.

Прашањето е: Дали имав право да обвинам некој друг за изгорениците? Јасно ми беше кажано: „Не допирајте, оти ќе бидете повредени.“ Така и се случи. Ако кршењето на законите на физичкиот свет води до страдање на нашето тело, тогаш кршењето на духовните закони и наштетува и ѝ предизвикува болка на нашата бесмртна душа. А секој од нас има само една. Кажано е повеќе од точно  и кога станува збор за гревот на осудувањето, со кој ќе се бориме со Божја помош.