Нашата задача (трет дел)

Каква треба да биде нашата работа во Рајот? Што правеле Адам и Ева? Како што вели Писмото, Господ го зеде човекот и го стави во Рајската градина за да ја одгледува и чува  (Битие 2,15), со други зборови да ги заштитува и одгледува растенијата таму. Тие растенија беа како облека на Божествена убавина, творејќи еден природен свет, еден природен израз на Божјата величественост и светост. Природниот свет беше одраз на Божјото величие, и преку природата Бог беше видлив за очите на нашите прародители. Одгледувајќи ја градината, тие се трудеа за славата и величието Божјо, внимателно негувајќи и растејќи ја тварта околу нив.

Значи, на прво место доаѓа работата. Не можеме да го доживееме Бога без работа. Луѓето што не работат напорно и не се трудат во своите земни обврски, нема да имаат успех ни во својот духовен живот. Ние мора да работиме.

Откако ги постави Адам и Ева во Рајската градина, Господ им рече:  Можете да јадете од било кое дрво во Рајот (Битие 2,16). Немојте да се чудите на ова. И јадењето е духовна задача, бидејќи Рајот е место кое што е поврзано и со телесните и со умствените сетила. Адам заедничареше со Бога преку плодовите на дрвјата, кои беа праслика на небесната храна, за која Христос вели: Земете јадете и пијте … (Мат. 26,26-27). Јадејќи ја Рајската храна, Адам не го хранеше само телото туку и својата душа. Тоа беше за него начин да заедничари во Бога. И затоа кога ќе ги слушнеме зборовите: Земете јадете и пијте…, ние го слушаме гласот Божји кој нѐ повикува на заедничарење во Рајот. Но храната на Адам беше плод од дрвјата, ние, пак, јадеме од Самиот Леб кој слезе на земјата (Јов. 6,32-35).

За Адам јадењето и пиењето беше начин за возвишување кон Бога. Исто е и со нас: ние се храниме од Божественото учење, и од  секој збор што излегува од устата Господова (Мат. 4,4). Словата на Отците се исто така храна и питие, како што се и житијата на светиите и сите молитви и химни на Црквата. И тоа е нашата Рајска градина, нашиот Едем, Божествена гозба, уживање и хранење со Бога. Ете као Царството Божјо ни станува достапно, можеме да го вкусиме и ни се нуди како духовна храна.

Се разбира, имаше, како што знаете, едно дрво од кое на Адам му беше забрането да јаде, бидејќи тој не беше сѐ уште спремен, не беше доволно зрел. За некој да може да добие голем духовен дар, или откровение на некоја голема тајна, тој треба да созрее, во послушанието, за да покаже, во текот на еден подолг период, дека тоа навистина го посакува. Ете зошто духовникот може да му даде правило: „Две години не го прави тоа и тоа“, за во текот на тие две години, или два месеци или кое и да е време, да покаже дека се променил на подобро, при што послушанието е знак на неговата посветеност. Така и Бог направи со Адам.